Надворешна политика
Бесими: Непочитувањето на политичкиот договор би можело да доведе до губење на препораката од ЕК
Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими смета дека доколку политичките партии не успејат да го испочитуваат политичкиот договор од 2-ри јуни, а воедно не се исполнат ниту потенцираните реформски приоритети, тогаш Македонија би можела да се соочи со губење на препораката за почеток на преговори со Европската унија (ЕУ).
„Важно пред сè за Република Македонија и граѓаните на Република Македонија, потоа за извештајот, што всушност значи еден патоказ за нашето движење кон членството во ЕУ, секако е важно политичкиот договор што е постигнат на 2-ри јуни и последователните протоколи, за испочитување на истиот договор, да се исполнуваат целосно, а во исто време е и пакетот на итните реформски приоритети. Тоа е пасошот за Република Македонија за извештај кој ќе носи препорака или треба да носи препорака и за натамошно приближување кон започнување и отворање на преговори на Република Македонија за членство во Европска унија“, вели Бесими во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Бесими потенцира дека она што е важно во моментов, е тоа што беше договорено на 2-ти јуни да се испочитува целосно, како во смисла на содржина, така и во смисла на временските рокови.
„Очигледно во некои активности роковите се пробиени, но останува обврската за политичките партии да го испочитуваат тоа што е договорено, значи Македонија за да има извештај кој е афирмативен за Република Македонија пред Советот на Европска унија, то ест, да се испочитува целосно пакетот, односно договорот од 2-ри јуни и да се работи во исполнување на сите реформи од ургентните реформски приоритети. Овие се обврските што ги има Република Македонија“, смета Бесими.
Во однос на препораката од страна на Европската комисија, која шест години по ред е позитивна и препорачува почеток на преговорите со ЕУ, Бесими додава дека таа мора секоја година да се заработи, а оваа година добивањето на препораката зависи и од спроведувањето на она што политичките лидери го договорија на 2-ри јуни.
„И оваа година тоа што се постигна со 2-ри јуни и со пакетот итни реформски приоритети Македонија е на патот кон повторно добивање на уште една препорака, но тоа не е загарантирано. Доколку не се испочитува политичкиот договор од 2-ри јуни и доколку нецелосно работиме на исполнување на итните реформски приоритети, може да се случи и да не ја добиеме препораката. Меѓутоа интерес и на Република Македонија и на Европска унија секако е да се работи на подобрување на климата и реформскиот ангажман за Македонија и оваа година да има препорака. Значи во таа насока оди, како што веќе работат и на исполнување на политичкиот договор и во однос на реформите, Македонија чекори кон еден извештај со препорака“, вели Бесими за Радио Слободна Европа.
Во поглед на процесот на евроинтеграциите пак, Бесими додава дека кај земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македоија, постои оптимизам дека Берлинскиот процес, покренат од страна на германската канцеларка Ангела Меркел, е уште една потврда дека проширувањето е една од темелните политики на ЕУ, како во однос на инфраструктурни проекти за интегрирање и поврзување на регионот, а исто така и во однос на нови можности за регионален пристап, како што се образованието и младите.
„Во текот на оваа година, на Форумот во Виена се адресираше уште едно прашање за отворени билатерални прашања на земјите од Балканот, кое се адресира како уште едно прашање што треба да се надмине, да се најдат механизми со цел регионот што поскоро да се вклучи, односно да стане членка на ЕУ. Значи, такви процеси секако дека го враќаат оптимизмот и во лидершипот во регионот, но и кај граѓаните од земјите на Западен Балкан за нивната европска перспектива“, заклучува Бесими во неделното интервју за РСЕ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.