Македонија
Се бележи намалување на бројот на заболени и починати од ковид
Регистрирани сe 6.119 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, со намалување од 29,2% во однос на минатата недела (n=8.638). Процентот на позитивност се движи од 16,7% до 31,1%, просечно 25,8%.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 14.2.2022 до 20.02.2022г.,тестирани се вкупно 23.396 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 11,2% во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=3.262; 53,3%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Неготино – 519,1/100.000, Скопје – 514,3/100.000 и Кавадарци – 507,4/100.000.
Процентот на позитивност се движи од 16,7% до 31,1%, просечно 25,8%. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60г (n=1.482, 24,2%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=327; 5,3%). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 31,5% во возрасната група од 20-29 години и 31,2% кај лицата на возраст од 50-59 години.
Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 8.797 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 863 реинфекции, со намалување за 29,8% во однос на претходната недела. Пријавени се 106 смртни случаи во 23 градови во текот на изминатата недела, за 27,9% помалку во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (41). Во однос на возраста, најголем број (n=101; 95,3%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (4) и 40-49 години (1).
Во „Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика“ при ИЈЗ на РСМ, во текот на изминатата недела, кај 49 позитивни примероци на SARS-CoV-2 од болнички и примероци од пунктовите е направено PCR тестирање за детекција на сојот омикрон.
Позитивните примероците се одбрани од тестираните позитивни во период од 14-20.02.2022 година, од следните градови: Скопје, Кавадарци, Тетово, Охрид, Струга, Кочани, Велес, Свети Николе, Штип, Виница и Гевгелија.
Во 29 (59,2%) од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на Омикрон.
Во 20 (40,8%) од испитуваните примероци е докажана BA.2 сублинијата на Омикрон – позната уште и како „stealth“.
На 17.02.2021 во Р. С. Македонија започна вакцинацијата против Ковид-19.
Заклучно со 20.02.2022, вакцинирани се вкупно 869.763 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 848.573 лица, а со трета доза се вакцинирани 140.455 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСM: ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата во Македонија, сакаат да ја замолчат опозцијата по секоја цена
ДПМНЕ-ЗНАМ ја гушат демократијата во Македонија со усвојување на предавничка Резолуција во Собранието, велат од СДСМ.
„Ја загрозуваат слободата на говорот и мислењето, сакаат да ја замолчат опозцијата по секоја цена, само да не се зборува за договорот мигранти за пари.
Целта е на опозицијата да ѝ биде забрането да зборува на темата мигранти, под зкана на кривични пријави, кои судовите по итна постапка би ги прифаќале. Затоа и забрзано работат на воспоставување целосна контрола врз судството и обвинителството.
Секој што ја зборува вистината за мигрантите е таргет, да му се заканат со кривична, со затвор, и на тој начин да замолчат каква било дебата за тоа што се случува надвор од очите на јавноста.
Во меѓувреме ќе пласираат лаги и ќе фабрикуваат разни лажни вести, за опозицијата, за новиот тим на СДСМ, се за и сешто“.
Затоа, според оваа партија, во предавничката Резолуција, како што наведуваат, внеле и измислици дека СДСМ подготвувала мигранти, што е целосна лага.
„Кога се носат предавнички резолуции против опозицијата тоа е автократија, вовед во диктатура, режим 2.0.
СДСМ нема да дозволи гушење на демократијата, заедно со граѓаните ќе ја одбраниме Македонија, ќе ја одбраниме демократијата.
Ќе поднесеме претставка до Уставниот суд за уривање на уставниот поредок и основните слободи за да избегаат од националните предавства.
Ќе се обратиме до сите релевантни меѓународни институции. Помош ќе побарме и од институциите на ЕУ, од сестринските партии во Европа“.
Со сите демократски алатки и механизми кои ни стојат на располагање, додаваат од СДСМ, ќе се бориме за Македонија, за слободата и демократијата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла
Времето денеска, променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до -1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До понеделник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. Наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност. Во вторник се очекуваат локални врнежи од дожд.
Македонија
Без струја делови од скопски Аеродром, Сопиште, и Сарај
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска ( Четврок ) без електрична енергија ќе останат:
– од 08:00 – 09:00 часот, корисниците од бул.Јане Сандански бр.70 (Општина Аеродром )
– од 08:45 – 14:00 часот, дел од село Кондово, потрошувачите околу пругата и околу градинката. (општина Сарај)
– од 09:00 – 11:00 часот, корисниците од ул.14 Сопиште (Општина Сопиште )
– од 10:00 – 13:00 часот, корисниците пат за село Долно Лисиче после “Ливрам“ (Општина Аеродром).

