Европа
Украина прогласи воена состојба, експлозии се слушаат низ целата земја

Украинскиот парламент, Врховната рада, денеска го потврди указот на претседателот Володомир Зеленски за воведување воена состојба на територијата на целата земја, пренесоа украинските медиуми.
Зеленски утрово објави дека прогласува воена состојба, откако претседателот на Русија, Владимир Путин, нареди специјална воена операција во Донбас.
Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушаат во повеќе градови во земјата.
Експлозии се слушаат во Киев, Краматорск, Одеса, Харков и Бердјанск, јавува украинската агенција УНИАН.
Украина денеска исто така го затвори својот воздушен простор за цивилни летови, како причина наведувајќи го високот ризик по безбедноста, додека европскиот авијациски регулатор предупреди на опасностите за летање во граничните области на Русија и Белорусија, поради воените активности.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, рано утринава во специјално обраќање до граѓаните на Русија изјави дека донел одлука за специјална воена операција во Донбас.
„Околностите бараат да преземеме решителна и итна акција. Народните републики во Донбас ѝ се обратија на Русија со барање за помош. Во оваа насока, во согласност со член 51, дел 7 од Повелбата на ОН, со одобрение на Советот на Федерацијата и во согласност со договорите за пријателство и заемна помош со ДНР и ЛНР, решив да биде спроведена специјална воена операција“, рече Путин во телевизиско обраќање до граѓаните на Русија, а пренесе РИА Новости.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Шефот на НАТО за мировниот договор: Топката е јасно на теренот на Русија

Русија веројатно нема да може да им диктира услови на САД за прекин на огнот во војната во Украина, но руското раководство навистина треба да стори повеќе за „да стави крај на оваа војна“, рече генералниот секретар на НАТО Марк Руте во интервју за „Си-би-ес Њуз“.
Според него, по неодамнешните преговори во Вашингтон, на кои учествуваше пратеникот на Кремљ, Дмитриев, „топката очигледно е на теренот на Русија“.
„Тие не се движат доволно брзо. Мојот впечаток, вклучително и впечатокот што го добивам од моите американски соговорници, е дека Русија навистина треба да направи повеќе за да стави крај на оваа војна“, рече Руте.
Во исто време, тој истакна дека поради американскиот претседател Доналд Трамп „се преселивме од мртва точка“ во однос на војната во Украина.
„И јас сум му благодарен за тоа. Морам да кажам дека сојузниците овде, во последните неколку дена на средби со министрите за надворешни работи, целосно ги поддржуваат напорите на САД да ја доведат оваа војна до праведен и траен крај“, нагласи генералниот секретар на НАТО.
Сепак, Руте не е сигурен дека рускиот претседател Владимир Путин сериозно размислува да стави крај на неговата голема воена агресија против Украина. „Мислам дека ова сега е тест“, заклучи Руте.
Европа
Руски сериски убиец осуден за убиство на 48 луѓе, подготвен е да признае уште 11 убиства

Руски сериски убиец осуден на доживотен затвор за убиство на 48 луѓе е подготвен да признае уште 11 убиства, соопшти руската затворска служба.
50-годишниот Александар Пичушкин целел на жртвите – главно бездомници, алкохоличари или постари лица – околу московскиот парк Бицијевски. Неговиот убиствен поход траеше од 1992 до 2006 година, а потоа му беше судено во 2007 година.
Руските медиуми го нарекоа „шаховски убиец“ бидејќи на детективите им кажал дека за секое убиство планирал да стави паричка на еден од 64-те квадрати на шаховската табла. Серискиот убиец се наоѓа во затвор на рускиот Арктик од неговото осудување.
Долго време се претпоставуваше дека тој убил повеќе луѓе од 48-те за чии убиства веќе е осуден. Тој сега им кажал на истражителите дека е подготвен да признае уште 11 убиства на мажи и жени, соопшти руската затворска служба на социјалната мрежа Телеграм.
За време на претходното судење, тој тврдеше дека убил 63 лица, но беше обвинет само за 48 убиства и три обиди за убиство. Доколку биде осуден за дополнителни 11 убиства, тој ќе стане вториот најсмртоносен сериски убиец во Русија. Михаил Попков, поранешен полицаец, е осуден за 78 убиства.
Европа
Урсула фон дер Лајен: ЕУ е подготвена да се брани од американските царини со контрамерки

Европската унија е подготвена да ги брани своите интереси со пропорционални контрамерки на тарифите што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по телефонскиот разговор со британскиот премиер Кир Стармер.
Таа најави дека ЕУ ќе соработува со своите партнери за да ја постигне таа цел, пренесува Ројтерс.
Фон дер Лајен истакна дека 27-те земји-членки на ЕУ се посветени на блиска соработка со Велика Британија во областа на безбедноста и одбраната и изрази загриженост за Русија, која, според неа, ги попречува мировните напори во Украина.
Претседателот на Европската комисија на 24 април во Лондон ќе се сретне и со британскиот премиер Стармер по повод Меѓународниот самит за иднината на енергетската безбедност.
Во саботата стапија на сила основните царини од 10 отсто за целиот увоз во САД.
Од Европската унија беше најавено дека земјите-членки во среда треба да гласаат за контрамерки на американските царини за челик и алуминиум, пренесува Танјуг.