Македонија
Македонија бара итен почеток преговорите со ЕУ за да не се влоши состојбата во регионот
Веднаш да се почне со преговорите за пристапување кон Европската Унија за да не се влоши ситуацијата во регионот. Ова е барањето на Министерството за надворешни работи по почнувањето на војната во Украина, која е нападната од Русија. Тој смета дека само на ваков начин Македонија ќе може да помогне за да не се влошат ситуациите.
„Алармираме за поголемо внимание овде. Ургентниот чекор е веднаш да се деблокира почетокот на преговорите за овие две држави за да можеме ние да ги помогнеме и да ги превенираме евентуалните влошувања на условите. Кога ние имаме наша ситуација, не можеме да придонесеме. Првата одлука за да се спречи влошувањето на ситуацијата во регионот е веднаш да се почнат преговорите со Северна Македонија и Албанија“, рече Османи.
Според него, веќе има обид од, како што рече, одредени центри да се наруши довербата на граѓаните во институциите. За поддршката што Македонија ја дава кон Украина, вели дека на тој начин се поддржуваме и себеси.
„Нашата поддршка за Укирана не е само поради Украина, туку и поради нашите принципи. Поддржувајќи ја Украина, се поддржуваме и себеси. Затоа сум изненаден од жестината на поддршката во одредени кругови кон руската позиција во овој конфликт. Обидот за деградирање на нашата позицијата, иронизирањето на нашата позиција, иронизирањето на поддршката на Украина со: „Што можете вие да поддржите, немате ништо како држава“. Тоа може нас да ни личи дека луѓето така коментираат, но тоа е поттикнато од одредени центри што сакаат да ја нарушат довербата во нашите институции. Вчера кога беше донесена одлука за помош, имаше илјадници реакции: „Што вие ќе дадете“, „Ќе дадете играчки бидејќи вие немате ништо“. Тоа е целта, да се наруши довербата кај Армијата, институција во која граѓаните имаат најголема доверба. Целта е таа за да не се слушаат нашите пораки. Тоа е хибридната закана. Мислам дека е важно сите да се бориме против дезинформациите, чија улога е да се намали улогата на државата“, рече Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Молкот за дрогата од 5 тони е потврда дека скандалот оди до врвот на власта
Трет ден по ред власта молчи за огромниот картелски скандал со заплената на 5 тони дрога во соседна Србија, која дошла од Македонија. Нема ниту еден одговор, како толкава количина дрога имало во Македонија, како поминала граница, скенери, камери, велат од СДСМ.
Молкот, според нив, е јасна потврда дека скандалот оди до самиот врв на власта.
„Ваков криминал не може да се случи без поддршка, логистика и заштита од луѓе на високи позиции во власта. Уште колку вакви пратки, уште колку тони дрога вредна милиони евра ја поминале границата? Каде завршуваат огромните пари од шверцот на дрога и што се финансира со овие пари?
СДСМ со денови говори дека постои поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија. Овој случај е уште една потврда за тоа“.
Криминални тендери, 5 тони дрога, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници од 65.000 евра. Како во мафијашки филм, истакнуваат од оваа партија.
Молкот, како што додаваат, мора да престане.
„Обвинителството мора да се разбуди, да спроведе целосна истрага и да лоцира одговорност за картелскиот скандал со 5 тони дрога, без разлика кој на која функција се наоѓа.
Нема бегање од одговорноста.
Македонија
Се откри театарот на Трендафилов нарачан од СДС и Левица, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Излезе на површина несериозноста, неодговорноста и поигрувањето на Слободан Трендафилов со чувствата и иднината на работниците, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Откако се постигна договор и се закажа средба меѓу Владата и гранковиот синдикат УПОЗ за зголемување на платите на административните службеници и до 40%, претседателот на ССМ се јави на социјалните мрежи.
Во стил на инфлуенсер, Трендафилов објави статус со фотографија како седи сам во празните простории на синдикатот, при што пишува дека чекал да дојде претставник на Владата за да се потпише договор за зголемување на платите.
Ова е само уште една потврда на тезите дека барањата на Слободан Трендафилов не се барања од и за работниците, туку се барања со политичка заднина и дека зад оваа раководство на ССМ стојат СДС и Левица“.
Ваквото однесување на Трендафилов, додават од владејачката партија, не е ништо друго освен обичен театар за широката маса, во која тој изигрува жртва, а виновна е владата.
„На него никогаш не му било до зголемување на платите на работниците, туку целта единствено му било да се наштети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што е иста политичка агенда со таа на СДС и Левица.
Оттука се јавува потреба да се постави прашањето, дали СДС и Левица му ги пишуваат барањата на ССМ и Трендафилов?“
Изминатиот период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, појаснуваат од партијата, потпиша нови колективни договори и ги зголеми платите во образование, здравство, полиција, одбрана, социјала и другите сектори, но за тоа Трендафилов ништо не кажа.
„Исто како што збор не изусти за ценовните шокови во време на власт на СДС и ДУИ, кога инфлацијата рушеше двоцифрени рекорди, кога сметките за струја се зголемија за над 50% и молчеше кога во неколку државни институции со месеци немаше плати.
Исто така, потсетуваме дека во изминатите години на власт на СДС, се потпишаа колективни договори во разни државни институции и сектори, без одобрение од министерството за финансии. Тоа значи, СДС и ССМ си потпишале договори без претходно одобрени средства, што е спротивно на условите за потпишување на колективен договор и уште едно изигрување на работниците за политички цели.
Со овие политички игри и лицемерие Трендафилов и ССМ покажуваат дека не се борат за работниците, туку соработуваат и работат во корист на СДС и Левица против власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

