Црна хроника
Молдавец сакал да прошверцува 14 кг. марихуана преку Деве Баир

Царинските службеници на граничниот премин Деве Баир во саботата спречија обид за нелегално пренесување на 14 килограми наркотична дрога марихуана.
Настанот се случил околу 13:30 часот, кога за излез од Република Македонија се пријави автомобил AUDI A6 SEDAN со молдавски регистарски таблички, управуван од молдавски државјанин, кој исто така бил носител на романски пасош. На прашање од каде доаѓа, патникот одговори дека доаѓа од Саранда, Албанија каде бил во посета на пријател. Бидејќи се однесуваше нервозно, царинските службеници пристапија кон детален преглед на патникот и возилото.
При деталниот преглед утврдено е дека иако резервоарот даваеше впечаток дека е полн, при давање на контакт со клучот, стрелката покажуваше дека истиот е празен. Тоа беше доволен индикатор да се провери резервоарот, при што во внатрешноста, потопени во нафтата, беа пронајдени 25 (дваесет и пет) пакувања, завиткани во прозирна најлонска фолија полни со марихуана со тежина околу 14 кг., што е утврдено со тестирање со тестери за дрога.
Случајот и сторителот се предадени на инспектори од Одделението за истраги. Од спроведената предистражна постапка утврдено е дека осомничениот од Молдавија, преку Бугарија и Македонија заминал за Саранда-Албанија со намера да пренесе поголема количина марихуана. Во Саранда се сретнал со албански државјанин кој му ги зел клучевите од возилото и по некое време му го вратил подготвено и му кажал дека во резервоарот се ставени 25 пакетчиња марихуана. Марихуаната требало да ја заврши на нелегалниот пазар во Молдавија.
Против сторителот, Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното Јавно обвинителство во Куманово. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Уапсен 32-годишник од Скопско, превезувал прехранбени производи без документација

Вчера полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Б.Р.(32) од село Брест, скопско под сомнение за сторено кривично дело согласно член 278 од Кривичниот законик на Р.С.Македонија.
Имено, при преглед на товарно моторно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки кое Б.Р. го управувал била констатирана поголема количина на прехранбени производи и филтри за цигари со неутврдена количина и без соодветна документација.
Б.Р. е задржан во Полициска станица известен е јавен обвинител, а возилото е одземено за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот против лицето ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Црна хроника
Уапсен скопјанец, при претрес пронајдени 71 паковка со марихуана

Вчера во 20:45 часот на улицата „Индира Ганди“ во Скопје од страна на полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје извршен претрес на 43-годишниот Џ.Ш. од Скопје при што биле пронајдени 71 полиетиленска паковка со марихуана.
Лицето е лишено од слобода по член 215 од Кривичниот законик на Р.С.Македонија и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Црна хроника
Нападнат ученик од основно училиште во Свети Николе

Полицијата поднесе известување против малолетник од Свети Николе поради постоење насилство врз дете.
Како што соопшти МВР, на 4 јуни во основно училиште во светиниколско село, пријавениот физички нападнал ученик од истото училиште и му нанел телесни повреди.