Македонија
Како да реагирате и да се заштитите во случај на земјотрес
Штом се случи земјотрес, најчесто и поголемиот број од нас прво проверуваме на социјалните мрежи или на веб-страницата каде што се регистрираат земјотреси дали навистина имало или ни се причинило.
Наместо најпрво да проверуваме информации на интернет што се случило и кој бил интензитетот, првата реакција секогаш треба да биде да се заштитиме себеси и блиските.
Како да се заштитите?
Прво е исклучително важно да останете смирени и да размислувате рационално. Паниката може да резултира со погрешни чекори и евентуални несакани последици.
Важно е да знаете, во просторијата во којашто се наоѓате, кои се носечките внатрешни ѕидови и греди и веднаш да застанете под нив, покривајќи ги главата и вратот. Запомнете! Не користете лифт или скали за брзо напуштање на објектот, ниту за време на ударот, ниту по завршувањето на земјотресот, сè до информацијата дека е безбедно.
Останете подалеку од надворешните ѕидови, прозорците, вратите, ормарите и плакарите, изворите на топлина, апаратите од бела техника, огледалата, лустерите и поголемите висечки светлосни тела и сл. кои би можеле да се затресат или придвижат како резултат на земјотресот.

Ако сте во кревет и немате време да се засолните, останете во креветот, а со перницата и рацете покријте ги главата и вратот. Доколку над креветот има масивен лустер или светилка, тогаш засолнете се покрај креветот или внатрешниот ѕид покривајќи ги главата и вратот.
Креветите поставете ги подалеку од прозорците или од масивниот мебел и огледала. За да не се случи незгода, потешките предмети ставете ги на подолните полици, а кршливте предмети чувајте ги во затворени шкафови. Лесно запаливите течности и хемикалиите не чувајте ги до извор на топлина, за да спречите настанување пожар.
Имајте предвид дека како последица од земјотресот, може да дојде до прекин на доводите на струја, вода и телекомуникации. Исто така, можеби ќе се вклучат противпожарните инсталации и алармите.
Доколку сте на отворено, засолнете се подалеку од згради, објекти, рекламни паноа или високи дрва. Во вакви околности, големи се шансите како резултат од земјотресот да паднат оџаци, кровови или други предмети. Затоа, спуштете се на земја и заштитете ги главата и вратот со рацете.
Земјотресите имаат потенцијално најголемо влијание во смисла на загуба на животи и долгорочни штети и загуби на општеството и локалните заедници.
Подготвеноста може да спаси животи, нашиот и на другите околу нас.
Информирајте се за состојбите во вашата средина, кои се потенцијалните опасности, ризици и закани во местото во коешто живеете.

Телефонски броеви за итни повици:
Минатиот месец се воведе Единствениот европски повикувачки број 112 кој е нов и единствен број за повикување помош за каков било вид на итни и кризни состојби.
Останатите телефонските броеви за итни повици се:
– 195 Центар за управување со кризи
– 194 Итна медицинска помош
– 193 Територијални противпожарни единици
– 192 Полиција
Институт за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје, преку проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија“, им помага на општините во развојот на стратегии и планови за превенција и управување со кризи и ги информира граѓаните за начините на кои тие можат да придонесат во намалувањето на ризикот од катастрофи.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

