Црна хроника
Обвинение за неплаќање акциза во Велес
Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинителен акт против 48-годишен жител на Тетово за кривично дело избегнување на плаќање акциза од член 279-б став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На обвинетиот му се става на товар дека вo текот на 2019 година, како управител на фирма од Велес, чија приоритетна дејност е трговија со жито, тутун и семе, со намера правното лице да избегне целосно плаќање на акциза на што било обврзано со одредбите од членовите 8 и 10 од Законот за акцизи, ги испратил од акцизен склад и ги пуштил во промет акцизните добра без акцизна маркичка. Притоа било избегнато плаќање на акциза од голем износ, односно во висина од 62.658.750 денари.
Имено, обвинетиот во име и за сметка на правното лице, во два наврати – на 02.10.2019 и на 24.10.2019 година, извршил увоз на вкупно 35.650 килограми бруто (32.550 килограми нето) сушен тутун во лист тип „вирџинија“. По негови напатствија дадени по телефон, тутунот со товарни возила бил изнесен од Царинската подружница Кавадарци и пренесен во магацинска просторија во Чаир, Скопје. Иако обвинетиот во име и за сметка на правното лице потпишал изјава дека тутунот кој се увезува ќе се доработува во просториите на правното лице, каде се наоѓаат машини за доработка на тутун, по што ќе биде сместен во магацините на правното лице, на наведените адреси на фирмата немало ниту машини за доработка ниту складиште.
Јавниот обвинител поднесе и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице поради постоење на околности кои го оправдуваат стравот дека доколку биде на слобода ќе се даде во бегство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Велешанец приведен со 1,62 промили алкохол, нападнал и полицаец
Полициски службеници од СВР Велес ноќеска во 02.10 часот го лишиле од слобода 49-годишниот М.Н. од Велес откако при контрола на ул. „Благој Ѓорев“ утврдиле дека вози со 1,62 промили алкохол во крвта. Откако бил приведен нападнал полициски службеник.
Како што денеска информираат од СВР Велес, при сообраќајна контрола било сопрено патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, што го управувал М.Н. и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,62 промили алкохол во крвта. Тој бил приведен во полициска станица, каде физички нападнал полициски службеник. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настаните, против него ќе бидат поднесени пријави по член 297-а и 383 од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“ и „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, најавија од СВР Велес.
Црна хроника
Почина малолетник, со мопед удрил во бетонски столб
Малолетник починал откако со мопед удрил во бетонски столб во неготинско Тимјаник, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
– Денеска во ОВР Неготино е пријавено дека во 00:50 часот, во село Тимјаник, неготинско, мопед „лонгија“ со неготински регистарски ознаки, управуван од 17-годишник од село Тимјаник, удрил во бетонски столб. Од здобиените повреди, на местото на настанот починал возачот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Неготино. Увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Неготино, соопштија од СВР Велес.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот малолетник било дадено на обдукција.
Црна хроника
Возач на ауди прегази полицаец и избега
Инцидент се случи вчера во Тетово, кога 28-годишниот Е.А. од село Порој со своето возило „ауди“ удрил во полициски службеник кој се обидел да го запре.
Настанот се случил околу 12:50 часот на кружниот тек кај улиците „Илинденска“ и „Маршал Тито“. Возачот одбил да застане на знакот „стоп“, го удрил полицаецот и избегал, но набрзо бил пронајден и уапсен. На повредениот службеник му е укажана помош во Клиничката болница Тетово.

