Европа
Британскиот министер за здравство: Нападите врз болниците во Украина се воено злосторство
Британскиот министер за здравство, Саџид Џавид, во моментот кога беше објавено дека починале бебето и трудницата кои биле во породилиштето во Мариупол што беше бомбардирано изјави:
„Да, тоа е ужасно злосторство, тоа е воено злосторство бидејќи според меѓународното право не можете да ги нападнете здравствените установи и болници“.
Џавид рече дека најновите информации од Светската здравствена организација покажуваат дека 31 здравствена установа била гранатирана низ Украина, вклучително и онколошката болница.
Запрашан за руските наводи за лажни вести, Џавид рече: „Единствената лажна вест е сѐ што слушаме од Русија. Ние самите можеме да видиме што навистина се случува“.
На прашањето за руските ракети во близина на полската граница, Џавид рече дека сите биле многу јасни.
„Ако има напад врз која било земја на НАТО, дури и само руски војник да ја помине територијата на НАТО, тогаш тоа ќе биде војна со НАТО, а НАТО ќе одговори“.
Џавид откри дека 21 украинско дете дошле во Велика Британија за да бидат лекувани и додаде дека тие може да останат онолку долго колку што е потребно.
Тие првично добија шестмесечни визи, кои ќе бидат продолжени за најмалку три години и рече дека вкупно 49 лица влегле со децата, вклучувајќи родители и старатели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Снежната бура остави без струја околу 33.000 домаќинства во Франција
Околу 33.000 домаќинства останаа без струја вчера во Франција, главно во Нормандија и долж реката Лоара на запад, поради бурата Каетано што го зафати регионот, соопшти компанијата „Енедис“, која управува со електричната мрежа.
„Во 13 часот 33.000 домаќинства останаа без струја“, соопшти мрежата, додавајќи дека најпогодени домаќинства се во Нормандија (15.000 домаќинства) и околу реката Лоара (12.000 домаќинства).
Невремето предизвика прекини на многу сообраќајни правци, а влијаеше и на железничкиот сообраќај.
Мобилизирани се 2.200 техничари за да ги отстранат нарушувањата и да обезбедат електрична енергија, по налетот на бурата што предизвика врнежи од снег и брзина на ветер до 130 километри на час.
Европа
Германците објавија план во случај на војна со Русија
Германија почна поинтензивно да работи на подготовките за можни кризни ситуации, вклучително и воени сценарија кои директно би влијаеле на земјата. Според весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ), Бундесверот развил стратешки документ наречен „Операционен план Германија“, во кој се детализирани улогата на економијата и клучните инфраструктурни сектори во случај на вооружен конфликт.
Еден од клучните елементи на овој план е соработката со приватниот сектор за обезбедување снабдување и одржување на функционалноста на клучните сектори во случај на криза. Неодамна во Хамбург се одржа средба со претставници на логистички компании, на која воените власти презентираа насоки за подготовка во кризни ситуации. Беше истакнато дека логистиката ќе има клучна улога во овозможување мобилизација на силите и зачувување на стабилноста во земјата. Според ФАЗ, Бундесверот составил листа на приоритетни објекти и инфраструктура кои треба да бидат заштитени во случај на војна, вклучувајќи транспортни центри, магацини и енергетски системи.
Според сценариото кое предвидува одговор на НАТО на потенцијален конфликт со Русија, планирана е мобилизација на дури 800.000 војници и 200.000 возила преку германска територија. Јасно е дека за таква операција е потребно исклучително прецизно планирање и координација со цивилниот сектор, пишува ФАЗ.
Овие мерки доаѓаат во контекст на растечките геополитички тензии, особено по руската инвазија на Украина.
Освен Германија, други европски земји ги засилуваат подготовките за непредвидливи сценарија. Нордиските земји, како што се Шведска, Финска и Норвешка, исто така ги советуваат своите граѓани како да се подготват за потенцијални кризни ситуации, вклучително и обезбедување основни залихи со храна и вода.
Германското Министерство за одбрана редовно ги ажурира своите планови, приспособувајќи ги на промените во безбедносната средина.
Европа
Украинскиот парламент ја одложи седницата, на пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев
Украинскиот парламент ја одложи седницата што требаше да се одржи денеска поради безбедносни причини, јави јавната телевизија Суспилнe, повикувајќи се на извори.
„Беше планирано да се одржи седница на Врховната Рада на 22 ноември, на која пратениците требаше да поставуваат прашања до владата, но сè беше откажано поради безбедносни причини“, објави Суспилне. На пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев, а според некои од нив, следната седница на украинскиот парламент не е закажана до декември.
Одложувањето дојде откако рускиот претседател Владимир Путин во телевизиско обраќање објави дека Русија вчера истрела хиперсонична балистичка ракета со среден дострел врз украински воен објект, како одговор на употребата на американски и британски ракети од Киев за гаѓање цели на руска територија.
Путин посочи дека „во случај на ескалација на агресивни дејствија“ би можеле да следат уште такви потези. Предупредувањата за големи ракетни напади ги натераа американските и другите амбасади во Киев да ги затворат своите врати во средата.
Еден опозициски член на парламентот, Олексеј Хончаренко, изрази фрустрација поради откажувањето на седницата во објава на апликацијата за пораки Телеграм, велејќи дека тоа е изгубена можност да се поставуваат прашања на владата.