Свет
Кина за два и пол месеца има повеќе ковид-случаи отколку во 2021 година

Од почетокот на 2022 година Кина пријавила повеќе локални симптоматски случаи на Kовид-19 отколку што забележала во текот на целата мината година бидејќи високопреносливиот сој омикрон предизвикува ширење на епидемијата од Шангај до Шенжен.
Континентална Кина пријави 1.337 нови случаи на Ковид-19 преку локална трансмисија на 13 март, објави кинеската Национална здравствена комисија (НХЦ), а пренесува „Ројтерс“.
Така, вкупниот број на ковид-случаи оваа година се зголеми на повеќе од 9.000 во споредба со 8.378 случаи регистрирани во текот на 2021 година, според „Ројтерс“.
Официјалните служби во Шенжен привремено го прекинаа јавниот превоз и ги повикаа граѓаните да работат од дома бидејќи во градот оваа недела се спроведува масовно тестирање по порастот на нови случаи.
Компаниите „Фокскон“ и „Унимкрон технолоџи“, доставувачи на „Епл“, денеска ги прекинаа своите деловни активности во Шенжен.
Во североисточниот град Чангчун, кој моментно е под блокада, „Тојота“ го прекина производството во своето заедничко претпријатие со кинеската групација FAW.
Кога станува збор за увезени случаи, Кина објави 1.437 новoпотврдени случаи на 13 март во споредба со 1.938 еден ден претходно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лавров: Палестинското прашање и понатаму останува нерешено

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека мировниот план за Газа на Доналд Трамп не го решава целосно израелско-палестинскиот конфликт, пренесе RT.
Тој нагласи дека Русија го оценува планот како „најдобро што моментално е на преговарачката маса“, но додаде дека „палестинското прашање со тоа не е решено“.
Лавров порача дека конечно решение би било можно само со создавање на палестинска држава во границите од 1967 година, во согласност со резолуциите на ОН, и повтори дека Москва останува посветена на решението со две држави.
Свет
Трамп: Не сум сигурен дека ќе влезам во рајот, но на многумина им го разубавив животот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е сигурен дека ќе може да влезе во рајот, но додаде дека на многумина им го направил животот подобар.
Изјавата ја даде во претседателскиот авион Air Force One. За време на летот, еден од новинарите што го придружуваа 79-годишниот претседател го праша за неговите претходни коментари кои ги дал во контекст на преговорите за мировниот договор во војната меѓу Русија и Украина.
Трамп уште во август, во емисијата „Fox and Friends“, изјави: „Ако можам да спасам 7.000 луѓе неделно, мислам дека тоа е прилично добро – сакам да се обидам да влезам во рајот, ако е можно. Слушам дека не ми оди добро. Навистина сум на дното на листата. Но ако успеам да влезам во рајот, ова ќе биде една од причините“
На прашањето дали неговите шанси се подобриле по договорот меѓу Израел и Хамас, Трамп сега одговори: „Малку се шегувам. Мислам дека ништо нема да ме одведе во рајот. Можеби не сум предодреден за тоа. Можеби сум во рајот токму сега, додека летаме со Air Force One,“ рече Трамп.
Тој повторно ја обвини администрацијата на Џо Бајден за неспособност и додаде дека војната во Украина никогаш немаше да се случи доколку изборите во 2020 година не биле наместени.
Свет
Египетскиот претседател до Израелците: Претворете го овој историски момент во нов почеток

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси ги повика Израелците моментот на потпишување на мировниот договор за Газа да го претворат во нов почеток за поправеден и помирен живот во регионот.
„Погледнете кон подобра иднина за нашите деца,“ рече Сиси по потпишувањето на договорот во Шарм ел-Шеик.
На самитот присуствуваа Доналд Трамп и бројни меѓународни претставници. Обраќајќи му се на Трамп, Сиси додаде: „Господине претседателе, нека војната во Газа биде последната војна на Блискиот Исток.“