Македонија
Апсолутно немам вина – Рашковски за набавката на софтерите и делењето хонорари

Ниту ексгенералниот секретар Драги Рашковски ниту некој од другите шестмина обвинети се чувствува виновен за набавката на софтверите, кабините, камерите, како и за земањето хонорари од Владата, без извршување работни задачи. Некои од нив не разбираа ниту за што се обвинети, а други не го разбираа правниот дел од обвинението. Адвокатот Владимир Доневски посочи дека ќе ја докаже и невиноста на својот клиент.
„Ги разбирам зборовите во целост, семантички, правно – не. Апсолутно немам вина“, рече прв Рашковски.
Управителот на фирмата „Инвока груп“, од која Владата го набавила софтверот за мерење брзина на возилата, рече исто така дека не се чувствува виновен.
„Јасно ми е сѐ. Апсолутно немам вина, не признавам вина“, „Не се согласувам со обвинетиот акт и не се чувствувам апсолутно виновен“, „Не ми е јасно за што сум обвинетата и не се чувствувам виновна“, беа одговорите на другите обвинети.
Адвокатот Владимир Доневски, кој го застапува Драги Рашковски, рече дека ќе докажат оти системот за мерење брзина на возилата е имплементиран, а со тоа биле реализирани и обврските на фирмите.
„Ќе го дискредитираме вештачењето“, рече Доневски, бидејќи не било направено во согласност со упатството и други важни параметри.
„Рашковски овозможил сите економски оператори да учествуваат во фер и правична постапка“, додаде адвокатот бидејќи тој е обвинет дека ги наместил двата тендера преку кои се купувале софтверите, кабините, камерите.
„Тврдењата дека обвинетиот ја злоупотребил службената положба за преку авторските договори да прибави корист, ќе ги дискредитираме заедно со доказите што ги понуди јавниот обвинител“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност

Времето денеска, сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Во крајните источни планински региони ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 18 до 26 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во наредните денови следува период на топло време. Во недела ќе се задржи сончево со мала до умерена облачност, а од понеделник променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи.
Македонија
Дел од Центар без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваat дека денеска ( сабота ) без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 11.00 до 12.30 часот, корисниците од ул. Јордан Хаџи Константинов – Џинот лоцирани кај ул. Крсто Баиќ, корисниците од ул. Кеј 13 – ти Ноември лоцирани кај ресторан Парк, како и корисниците од ул. Ленинова лоцирани спроти Министерството за Земјоделство. ( општина Центар )
Македонија
МОН: Платите во училиштата од овој месец се зголемени за седум проценти и ќе продолжат да растат

Платите на наставниците и директорите во основното и средното образование од овој месец се зголемени за 7% и ова е второ зголемување во мандатот на актуелната Влада, откако претходно во октомври 2024 година беа зголемени за 5%. Повеќе никој не зема плата под минималната, како што беше тоа случај во минатото со техничкиот персонал, соопшти Министерството за образование и наука.
Реакција на МОН како што велат е поттикната од лагите кои денеска ги изнесе политичката партија Левица, за наводно енормно зголемување на платите на директорите на основните и средните училишта, споредбено со зголемувањето на платите на наставниот кадар.
„Платите на директорите и наставниците се зголемени во просек од околу 2500 до 3500 денари, во зависност од звањето, стажот и степенот на образование“.
Потсетуваат дека веќе е направен план за долгорочен раст на личните примања кои во период од 4 години ќе пораснат најмалку за 46% а најмногу до 60%, зависно од степенот на инфлација.
„Левица оспорува договор помеѓу социјални партнери, односно институција и синдикат и изразува непочитување кон нив, како и кон целата јавност со обидите за манипулација и собирање политички поени“, истакнуваат од МОН.