Македонија
Маричиќ: Ова е важна година за Европската Унија и Западен Балкан
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, и премиерот Димитар Ковачевски имаа заедничка средба со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи, Жозеп Борел.
„Верувам дека политиката на проширување оваа година кон целиот Западен Балкан ќе се ревитализира, бидејќи тоа е од интерес на сите. Особено важно е да се разбери пораката која ја прати воената агресија на Русија врз Украина, дека процесот на проширување мора да биде сфатен како заедничка политика која може значително да помогне во подобрување на политичката, безбедносната и економска атмосфера во земјите од Западен Балкан, но и во Унијата“, напиша Маричиќ на својот фејсбук-профил, по завршетокот на средбата со Борел.
Вицепремиерот Маричиќ ја пренесе порака од високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, дека Европската Унија останува посветена на проширувањето со земјите од Западен Балкан и дава силен сигнал за потребата Република Северна Македонија да ги почне преговорите без понатамошни одлагања.
Маричиќ заедно со премиерот Димитар Ковачевски ја истакнаа нашата европска визија и нашето единство, сплотеност и солидарност со европските земји и нашите ЕУ и НАТО сојузници, но и потребата од обединување на Балканот, што е од исклучителна важност и за Европската Унија и земјите членки. На средбата бил потврден и фокусот на Владата за спроведување на европската реформска агенда и на изнаоѓање решение со Бугарија, кое ќе значи датум за отпочнување на преговорите со ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ велат дека Силјановска го прекршила Уставот, за „Влен“ тоа што заклетвата е потпишана со уставното име значи дека ја прифатила реалноста
Шефот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми рече дека претседателката, Гордана Силјановска Давкова, го прекршила Уставот при положувањето на нејзината заклетва со тоа што не ја спомена Северна Македонија. И’ замери на Силјановска-Давковска и што повикала на единство, а спомнала само двајца лидери на партии, додека тоа што во нејзиното обраќање се осврна на жените во политиката, за Адеми личело како говор за Осми март.
„Силјановска го згази Уставот уште на прва реченица неспоменувајќи Република, ниту Република Северна Македонија, со сите импликации кои ги има тоа“, изјави Адеми, кој очекувал новата претседателка да се осврне во обраќањето на евроинтеграцискиот процес на земјата и нејзините предизвици, членството во НАТО, меѓуетничките односи, договорите со Грција и Бугарија.
Оцени дека создала криза меѓу Македонија и Грција уште во првото обраќање, а рече и дека кога веќе споменувала жени кои и честитале, ја изоставила честитката од претседателката на Косово, Вјоса Османи.
Реагираа и од колицијата на албаснкиот политички блок во земјата „Вреди“ (Влен). Од тука пак, изразија загриженост, коментирајќи дека емоциите од кампањата влијаат на рационалноста. Велат дека имаат разбирање за чувствата на македонскиот народ, но нема втора шанса за прв впечаток за новата шефица на државата.
Од неа, како што додава „Влен“, се очекува да биде пример за почитување на Уставот, особено со оглед на тоа што станува збор за професорка по Уставно право.
„Не ни треба отворање на старите рани. Добро е што Силјановска ја потпиша заклетвата со уставното име, што сепак е знак дека реалноста де факто е прифатена од неа“, велат од „Влен“.
Претходно денес, новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, положи заклетва за претседател во која го употреби името Македонија, што предизвика реакции во Грција, а грчката амбасадорка демонстративно ја напушти пленарната сала во Собранието. Грчкото МНР излезе со остра реакција, коментирајќи дека се прекршува договорот од Преспа. ЕУ повика на почитување на договорите кои, како што велат, се неопходни за продолжување по патот во Европската Унија.
Македонија
За Шарл Мишел е разочарувачки што Давкова не кажала Северна Македонија за време на заклетвата
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, вели дека е многу разочарувачки што новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, не го употребила уставното име на државата при денешната свечена заклетва.
„Многу е разочарувачки што новиот претседател на Северна Македонија не го употреби уставното име на државата при денешната свечена заклетва. ЕУ потсетува на важноста од континуирано спроведување на правно обврзувачките договори, вклучувајќи го и договорот од Преспа со Грција“, напиша Мишел на социјалната мрежа „Икс“, кој претходно во друг пост упати честитка до Давкова и нагласи дека иднината на Северна Македонија и Западен Балкан е во ЕУ.
Very disappointing that the new President of North Macedonia @gogamkd did not use the constitutional name of the country during today’s oath ceremony.
The EU recalls the importance of continued implementation of legally binding agreements, including Prespa agreement with Greece.— Charles Michel (@CharlesMichel) May 12, 2024
Слична беше и реакцијата на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, која преку објава на социјалната мрежа „Икс“ порача дека почитувањето на Договорот од Преспа е обврзувачки за земјата да го продолжи патот кон Европската Унија.
Претходно денес, новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, положи заклетва за претседател во која го употреби името Македонија, што предизвика реакции во Грција, а грчката амбасадорка демонстративно ја напушти пленарната сала во Собранието. Грчкото МНР излезе со остра реакција, коментирајќи дека се прекршува договорот од Преспа.
Македонија
Наследникот на Ципрас во СИРИЗА: Зошто Мицотакис моли да се почитува преспанскиот, а претходно велеше дека е предавнички
Стефанос Каселакис – претседателот на грчката опозициска партија СИРИЗА, кој дојде на местото на Алексис Ципрас реагираше откако претседателката Гордана Силјановска-Давкова ја нарече земјата Македонија, за време на свечената заклетва.
Каселакис по тој повод повика на почитување на договорот.
„Ние, како партија која скапо го плати својот патриотизам, го повикуваме новото раководство на Северна Македонија да се вразуми и да размисли за своите одговорности кон историјата и иднината на нејзиниот народ“, порача Каселакис, пренесе „Прототема“.
Истовремено тој го искритикува грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, зошто сега вели дека Договорот од Преспа треба да се почитува, а претходно тврдеше дека е предавнички.
„Зошто грчката амбасадорка ја напушти салата на заклетвата на новата претседателка на Северна Македонија, која ја нарече својата земја со уставното име што го имаше пред Договорот од Преспа? Зошто Кирјакос Мицотакис моли за почитување на Договорот од Преспа? На крајот на краиштата, нели беше предавнички? Премиерот вели дека не му се допаднал Договорот, но државата има континуитет и затоа мора да се почитува“ Не, господине Мицотакис. Никогаш не молите ништо што е негативно за вашата земја да се почитува. Или го сметате за корисен договор за Грција и се држите до него, или го сметате за лош договор и одите кај вашите истомисленици и го поништувате“, рече тој.
Како што додаде, историската вистина понекогаш бавно се појавува, но секогаш ги оправдува храбрите и вистински патриоти.
Грчката влада предводена од СИРИЗА заедно со Владата предводена од СДСМ во 2018 година го потпиша Преспанскиот договор. Двете партии во тоа време ги предводеа Алексис Ципрас и Зоран Заев. Потоа СИРИЗА ги загуби изборите во Грција, а по кампањата на Мицотакис дека договорот со новото име е штетен за Грција.