Економија
Австралија ќе издвои 360 милиони долари за да го зголеми производството на минерални од ретки земји

Австралија издвои речиси 500 милиони австралиски долари (360 милиони американски долари) за финансирање на зголемувањето на производството на минерали од ретки земји. Целта е да им се овозможи на сојузниците да ги диверзифицираат испораките со цел да се потисне кинеската доминација во тој сегмент на глобалниот пазар.
Австралискиот премиер Скот Морисон денеска презентира план за финансирање низа проекти во Западна Австралија велејќи дека земјата ќе стане енергетска поддршка за сојузниците.
„Неодамнешните настани покажуваат дека Австралија се соочува со најтешката и најопасна безбедносна средина што сме ја виделе во последните 80 години. Настаните во Европа се потсетник за тоа колку е блиска врската помеѓу енергетската безбедност, економската безбедност и националната безбедност“, им рече тој на новинарите.
На состанокот на лидерите на групацијата Quad, составена од Австралија, САД, Јапонија и Индија, одржана во септември во Вашингтон, беше договорено да се подобри безбедноста на синџирот на снабдување со минерали на ретка земја.
„Кина во моментот доминира со 70-80 отсто од глобалното производство на овие клучни минерали и продолжува да ја консолидира својата доминација над синџирите на снабдување. Оваа иницијатива е дизајнирана да се справи со таа доминација“, рече Ангус Тејлор, министер за индустрија, енергија и намалување на емисиите.
Минералите од ретки земји се користат во производството на паметни телефони, компјутери, батерии на полнење и електрични автомобили, како и во воената и вселенската технологија.
Проектите што ќе се финансираат вклучуваат фабрика за сепарација на минерали од ретки земји, што ќе се гради надвор од Кина, рафинерија за батерии и фабрика за преработка на ванадиум. Ќе се обезбедат и средства за комерцијализација на владините истражувања и за носење нови компании на пазарот.
Австралија, која произведува половина од литиумот во светот, е втор по големина производител на кобалт и четврти по големина производител на минерали од ретки земји. Австралискиот извоз на суровини и енергија е во вредност од 348,9 милијарди австралиски долари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.