Економија
Втора кредитна линија на НЛБ банка и ЕБОР: дополнителни два милиона евра поддршка за инвестиции на домаќинствата во енергетска ефикасност

НЛБ Банка Скопје и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) потпишаа договор за втора кредитна линија од дополнителни два милиони евра за Програмата за финансирање на зелена енергија (GEFF).
Станува збор за средства за поддршка на енергетската ефикасност во резиденцијалниот сектор, односно кредити кои НЛБ Банка Скопје ќе ги пласира на своите клиенти за инвестиции кои ќе помогнат да се подобри енергетската ефикасност на нивните домови.
„Како една од трите најголеми и системски најзначајни банки во земјата сметаме дека имаме важна улога во креирање на општата клима за финансирање на зелена енергија. Со оваа линија продолжуваме да обезбедуваме полесен пристап на домаќинствата до средства за финансирање на проекти во врска со обновливи извори на енергија, постигнување на заштеди на енергија и заштита на животната средина што во целост кореспондира со нашата политика за одговорно кредитирање и одржливост. Горди сме на досегашната соработка со ЕБОР и придонесот кој го имаме во зголемување на свесноста за важноста на енергетската ефикасност, како и во севкупниот успех на Програмата за финансирање на зелена енергија на Западен Балкан“, истакна Бранко Грегановиќ, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.
Посебна придобивка на програмата е што клиентите кои аплицираат за заеми од GEFF, откако мерките за енергетска ефикасност ќе бидат успешно имплементирани, имаат право на финансиски грант до 20 проценти од износот на кредитот, при што средства се обезбедени од Европската унија.
Анди Аранитаси, претставник за Северна Македонија во ЕБОР изјави: „Ни претставува големо задоволство што ја надградуваме соработката со НЛБ Банка Скопје, во заедничката тенденција да се подобри пристапот до финансии на граѓаните, кои сакаат да ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, преку нашата позната GEFF програма, која станува се попримамлива. Со растечките цени на енергијата во Европа, граѓаните можат да ги користат овие кредити за да ја намалат потрошувачката на енергија и да ги намалат сметките”.
Штефен Худолин, раководител на одделот за соработка во ЕУ Делегацијата во Северна Македонија нагласи: „ЕУ останува посветена во поддршката на земјата и за време на оваа енергетска криза ги поддржува програмите за енергетската ефикасност од кои ѓраѓаните и домаќинствата ќе имаат корист. За нас и за идните генерации треба да мислиме подалеку од тоа што ќе биде утре и заради тоа нудиме добри финансиски програми кои ќе генерираат пониски сметки за електрична енергија. Нашата иднина е зелена, а транзицијата кон зелена и одржлива енергија е поврзана со добри инвестиции кои ќе ги направиме денес.”
Инаку, преку првата кредитна линија на НЛБ Банка за „зелени“ кредити, потпишана во со ЕБОР во 2020 година, целосно се пласирани 3 милиони евра до крајни корисници – физички лица, а досега на клиентите им се исплатени финансиски стимулации од 450 илјади евра за успешно завршени проекти за една година кои и натаму се исплаќаат.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.