Македонија
РСБСП: Од 25% до 30% од загинатите во сообраќајните незгоди се пешаците

Пешаците се најбројна и најранлива категорија учесници во сообраќајот. Секој човек е пешак, а потоа возач на моторно возило, велосипедист итн.
Од 25% до 30% од вкупниот број на загинати лица во сообраќајни незгоди се пешаци. Изминатите години бројката на загинати пешаци на ниво на Република Северна Македонија се движи околу 30 загинати и околу 750 повредени пешаци во сообраќајни незгоди.
Според статистиката на СЗО, годишно, на светско ниво, околу 1,3 милиони лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 50 милиони се повредени во сообраќајни незгоди.
Постои стереотип дека пешаците спаѓаат во најнедисциплинираните учесници во сообраќајот, како и дека за нивното учество во сообраќајот не постојат правила и прописи. Ваквото однесување на голем дел од пешаците, преку личен пример се пренесува и кај децата, па многу често децата – пешаци страдаат во сообраќајни незгоди.
Дополнителна опасност за безбедноста на пешаците претставува и однесувањето на возачите, од кои поголемиот дел не ги почитуваат пешаците како рамноправни учесници во сообраќајот. Последицата од таквиот пристап е високата бројка на загинати пешаци во сообраќајни незгоди на годишно ниво.
За безбедно преминување на улицата потребно е максимално и целосно почитување на сообраќајните правила и прописи и од страна на пешаците и од страна на возачите.
Најважно е да се знае дека во сообраќајот не постои апсолутно право на првенство на минување. Тоа значи дека возилата се должни да ги пропуштат пешаците на пешачки премин, но истовремено секој пешак треба да ја преминува улицата на пешачки премин откако претходно ќе биде сигурен дека возилата кои се движат по улицата се во можност безбедно да застанат.
Пешачкиот премин е вистинското место каде што треба да се помине улицата, но времето на поминување зависи од случувањата во сообраќајот. Се разбира, доколку има семафори, тие го регулираат поминувањето на пешачкиот премин.
Гледај, види и биди виден е златното правило на кое треба да се научат децата заради осигурување на нивната безбедност во сообраќајот. Секој загубен човечки живот во сообраќајна незгода е огромна загуба за семејството и општеството, затоа РСБСП упатува апел до сите учесници во сообраќајот: Уживајте во убавините на животот и не дозволувајте да бидете дел од црната статистика. Вашиот живот не е обична бројка. Бидете внимателни и одговорни во сообраќајот и бидете позитивен пример за сите останати учесници во сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево со мала до умерена локална облачност

Времето во Македонија денеска претпладне ќе биде променливо облачно, во текот на денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и дневни температури од 16 до 22 Целзиусови степени. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Левица: Со почит кон борбата од минатото и визија за промени во сегашноста

По повод 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ Левица положи цвеќе на Могилата на непобедените и пред споменикот на Кузман Јосифовски-Питу во центарот на Прилеп. Во полна со дух и средечна атмосфера партиска делегација, предводена од лидерот на Левица, Димитар Апасиев, одржа средба со граѓани на која беше презентирана програмата за Прилеп, се наведува во соопштението на Левица.
Симболиката на денов би требало да ја разбуди свеста на прилепчани и да покажат дека се народ кој е спремен за револуција, и на следните локални избори да изберат советници кои вистина ќе се борат за Прилеп, преку конструктивна критика и објективни одлуки, изјави Жарко Стеваноски, кандидат за советник во Општина Прилеп.
На народната средба носителот на советничката листа на Левица во Прилеп, Методија Костоски, ги претстави четирите главни приоритети на програмата.
„Прво ќе направиме сеопфатна ревизија на сите поголеми проекти, особено на тие што немаат технички прием, заедно со целиот движен имот со кој располага партијата. Следно е инклузија на граѓаните. Сакаме да ги отвориме вратите на општината и да ги вклучиме сите во процесот на одлучување. Трето, а можеби и најважно, е сообраќајниот хаос со кој се соочува Прилеп. Мора да почнеме со регулирање на сообраќајот. Ќе поднесеме иницијатива за укинување на платеното зонско паркирање. Четврто е контрола врз финансиското работење на јавните претпријатија“, истакна Костоски.
И покрај силната цензура кон нив, од Левица порачуваат дека нема да се предадат и ќе продолжат со директни средби со народот низ целата држава, за да ја донесат борбата за правда и транспарентност во секоја општина.
Македонија
Од утре секој ден по 15 часот ќе има блокади за загинатите во дискотеката „Пулс“

Од утре, ќе има мирни јавни собири и блокади на кружниот тек кај двојниот мостот на улицата „Стево Теодосиевски“ во Кочани. Блокадите ќе траат по еден час секој ден, во периодот од 15:15 до 16:15 часот, се додека не започне судењето.
Ова го најавија родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“ од 16 март, од 26. „Марш за ангелите“ одржан денеска пред Основниот суд во Кочани, испровоцирани од тоа што, според нив, адвокати на осомничените изјавиле дека судењето ќе трае 10 до 15 години.
– Оваа изјава е срамна и понижувачка за семејствата чии деца ги загубија животите во трагедијата. Таквите зборови звучат како обид да се подготви јавноста за бавно одолговлекување и заборавање. Ние тоа нема да го дозволиме, рече мајка на загинато девоче пред новинарите.
Родителите на настраданите бараат да се зголеми капацитетот на судскиот состав со дополнителни судии и судски соработници за да не се одолговлекува процесот поради недостаток на ресурси. Исто така, нагласија, рочиштата мораат да добијат приоритет и постојано темпо, со цел постапката да тече непречено и без непотребни одложувања. Тие се сомневаат во манипулации или скриено забавување на судскиот процес, бараат јавно и транспарентно следење на сите процесни активности.
-Правдата не смее да се влече. Ќе бидеме тука – на кружниот тек, се додека не почне судењето, а за понатаму зависи како ќе се одвиваат работите. Животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри, порачаа членови на семејства што загубија свои блиски во мартовскиот пожар во „Пулс“.
Денешниот 26-ти „Марш за ангелите“ во Кочани, вообичаено започна од „Паркот на Револуцијата“ каде и заврши. Попатно, петнаесетина минути беше блокиран сообраќајот на кружниот тек пред двојниот мост, токму на местото каде што од утре па натаму се најавуваат јавни собири и блокади.