Економија
НБРМ: Дополнителен заштитен механизам – менувачниците ќе може да купуваат евра од банките

Од Народната банка информираат дека за да се заштити јавноста од ширење непотребна вознемиреност во однос на можноста за купување ефективни странски пари – евра, покрај засилената супервизорска контрола на менувачниците, Народната банка воведува уште еден дополнителен заштитен механизам на менувачкиот пазар.
„Имено, со измени и дополнувања на одлуката за менувачки работи, усвоени од Советот на Народната банка, се овозможува овластените менувачници при евентуален недостиг на ефективни странски пари – евра да се снабдуваат од банките преку склучување договор со нив. Сепак, да нагласиме и дека, според последните расположливи податоци, менувачниците располагаат со девизи. Покрај тоа, за да се спречат какви било шпекулации во врска со девизниот курс, се воспоставува лимит до коj може тој да се движи водејќи се од курсот по кој менувачниците ги купиле еврата од банките. Со тоа се обезбедува заштита на граѓаните и во однос на цената по која ќе може да купат евра од менувачница доколку имаат потреба“, појаснуваат од НБРМ.
Истакнуваат дека со купување евра граѓаните непотребно се изложуваат на трошоци. Курсот на денарот, како што велат од таму, е стабилен и ќе биде стабилен за што гарантира Народната банка. Девизните резерви, според НБРМ, се на стабилно и високо ниво од 3,5 милијарди евра.
„За оние што сакаат да купат девизи, нив ги има на пазарот. Ова е превентивна мерка, која се носи со цел да се направи уште еден заштитен слој на менувачкиот пазар, а во контекст на шпекулациите што станаа актуелни по почетокот на руско-украинската криза. Таа се презема за да се избегнат фиктивните притисоци на менувачкиот пазар кај овластените менувачи“, е наведено во писменото соопштение од Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Исплатени над 340 милиони денари субвенции за обележани говеда

Денеска се исплатени 341.536.000,00 денари кон 4.144 земјоделци, извести Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Исплатата е извршена по основ на дополнителни директни плаќања за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Се реализираше исплатата на подмерка 2.2 Дополнителни директни плаќања од подмерки 2.1, 2.4 и 2.5 за обележани женски грла говеда постари од 12 месеци од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои се корисници на подмерката 2.1. од Уредбата за 2024 година и сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко како корисници на подмерката 2.4. од Уредбата за 2024 година или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети запишани во Регистар на одобрени објекти за производство на храна од животинско потекло како корисници на подмерката 2.5. од Уредбата за 2024 година, се наведува во соопштението на МЗШВ.
Економија
Одлука на Народната банка: Стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе изнесува 1,75 отсто и во третото тримесечје од 2026 година

Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука да се задржи висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјава на 1,75% од активата пондерирана според ризиците и во третото тримесечје од 2026 година.
Ваквата одлука е заснована на повеќе клучни показатели коишто не упатуваат на остварување на позначителни системски ризици. Беше заклучено дека банкарскиот систем според сите показатели е стабилен, со добра солвентност и ликвидност, ниска стапка на нефункционални кредити и солидна профитабилност. Во исто време се забележува одредено повторно забрзување на растот на цените на недвижностите и на станбените кредити, а понагласени се и ризиците од надворешното окружување. При вакви ризици, но при добра подготвеност на банкарскиот сектор за справување со евентуални шокови, се оцени дека стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 1,75% засега е соодветна на макрофинансиските услови и на состојбите во банкарскиот сектор, велат од НБ.
Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи системските ризици и ќе ја оценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Макропрудентната политика на Народната банка, како и досега, ќе биде насочена кон зачувување на отпорноста на банкарскиот систем и спречување или намалување на системските ризици, се додава во соопштението на НБ.
Економија
„Распад на енергетскиот систем: управата со измислени саботажи за РЕК ја покрива сопствената неспособност!“, велат од СДСМ

„После 10 дена од испаѓањето на РЕК Осломеј од мрежа, и најавите на неспособното раководство на ЕСМ дека истиот во рок од 48 часа ќе биде вратен на мрежа, сведоци сме дека РЕК Осломеј сеуште не произведува струја, а неспособното раководство прави неуспешни обиди од неуспешните обиди“, велат од СДСМ.
„Денес, сведоци сме дека после нецела година, неспособното раководство на ЕСМ, секојдневно го упропастува енергетскиот систем со несоодветно управување, цела РЕК Битола не е на мрежа, поради пожар во командниот ормар од нередовно чистење и не одржување, и за да го оправдаат своето неспособно раководење, прават сензации со наводни саботажи и заплашување на вработените.
Може слободно да заклучиме дека токму поради неспособноста на раководството на ЕСМ, оставка си даде и претседателот на надзорниот одбор на ЕСМ и директорот на правниот сектор, не сакаат да бидат дел од бродот што тоне.
Ги повикуваме и останатите членови на Управниот Одбор на чело со Лазо Узунчев да бидат совесни и разумни и навремено да си поднесат оставки, да не го упропастуваат ЕСМ, бидејќи за истото ќе одговараат“, соопшти СДСМ.