Македонија
Маричиќ на Заедничкиот мониторинг-комитет со Европската комисија
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и национален ИПА-координатор, Бојан Маричиќ, денеска копретседатеваше со Заедничкиот мониторинг-комитет за ИПА, кое е највисоко тело во рамките на користењето на ИПА-фондовите, заедно со Микела Матуела, раководител на одделението при Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија. На истиот состанок учествуваат и претставници на Европската комисија, шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјата, Дејвид Гир, ИПА-структурата, донатори и граѓански организации. Првпат оваа година на состанокот беа присутни и претставници од земјите членки на Европската Унија.
„За успешно искористување на средствата, потребен е квалитетен процес на програмирање, односно да се дефинираат приоритетите и проектите, на што сме целосно посветени, со цел максимална искористеност на ИПА-програмата и реализација, која значително ќе го подобри стандардот на граѓаните, но и ќе дава придонес во приближувањето на институциите, на државата и воопшто на земјата кон стандардите на ЕУ“, рече вицепремиерот Маричиќ.
Во таа насока, националниот ИПА-координатор Маричиќ додаде дека ИПАРД II-програмата претставува историски успех бидејќи расположливите средства ќе бидат целосно искористени, со што ќе се постави основа за зголемување на буџетот во рамките на ИПАРД III-програмата.
Посебен фокус на состанокот беше ставен и на потребата од градење на институционалните капацитети на ИПА-структурата преку активности во рамките на Центарот за обука на Сeкретаријатот за европски прашања. Покрај генералното спроведување на ИПА, административните капацитети за спроведување на ИПА во рамките на индиректниот систем, спроведувањето на големите инфраструктурни проекти во секторите транспорт и животна средина, на состанокот се дискутира и за проекти во областа на образованието, вработувањето, земјоделството, владеењето на правото, демократијата и владеењето итн. Целта на овој форум е да се направи преглед на спроведувањето на ИПА, кој се одржува еднаш годишно.
Состанокот на Комитетот се одржа онлајн поради ситуацијата со пандемијата предизвикана од Ковид-19. На состанокот беа усвоени заеднички заклучоци, кои ќе придонесат кон решавање на утврдените слабости на системот. Секретаријатот за европски прашања, како и националниот ИПА-координатор, редовно ќе го следат исполнувањето на овие заклучоци и препораки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Мицкоски од Брисел: Ги повторивме нашите единствени позиции за Македонија
														Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека во Брисел имал пријателска средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„Првата средба ја имавме точно пред една година кога господинот Кошта беше избран за претседател на Европскиот совет и од тогаш до денеска негуваме навистина пријателски и искрени односи. Господинот Кошта е голем пријател на Македонија и во таков дух помина денешната средба.
Повторно разговаравме за актуелните теми, нормално приближувањето на нашата земја кон Европската Унија и конечно формалното отпочнување на преговорите“, појасни Мицкоски.
На состанокот како што вели, биле повторени „нашите единствени позиции“.
„Тоа се навистина позиции достоинствени после сите оние понижувања кои што ни се случија во минатото, изминатите 25 години откако практично почна овој наш пат кон приближување кон Европската Унија.
Имавме пријателски и би рекол прилично продуктивен состанок, едноставно сето она кое што претставува наш приоритет е и приоритет на господинот Кошта. Покрај приближувањето кон ЕУ и отпочнувањето на преговорите, имаше уште неколку проекти кои што се за нас стратешки важни, тоа е гасниот интерконектор со Србија и крак на гасниот цевковод кон соседно Косово. Понатаму, тарифите за челикот и челичните производи на македонските производители, како и заедничкиот проект што нашата македонска Влада ќе го има со Европската комисија, а се однесува на проектите кои што треба да ги реализираме во Кочани и во кочанскиот регион.
Сè на сè, можам да кажам дека исклучително успешна и продуктивна средба, продолжуваме и понатаму со нашите средби овде во Брисел. Имаме настан со Еуроњуз, вечер имаме вечера со комесарката Марта Кос и се надевам и сигурен сум на позитивни вести“, вели Мицкоски.
Македонија
Почнува изградбата на железничкиот тунел што ќе ги поврзува Македонија и Бугарија, утре министрите на двете земји ќе го потпишат договорот
														Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, утре, 6 ноември, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов, ќе го потпишат догорворот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8.
На потпишувањето, кое ќе биде на железничката станица Ѓуешево, предвидено е да присуствуваат претставници на Европската комисија, претставници на НАТО, претставници на САД на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, како и претставници на Светската банка.
Изградбата на железничкиот тунел ќе претставува меѓугранична точка на двете држави на Коридорот 8. Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 км, од кој 1,2 км се наоѓа на територијата на Македонија.
Изградбата на железничкиот Коридор 8, покрај економското значење за Македонија и регионот, има и безбедносно значење во рамките на НАТО. Во таа насока, на источниот Коридор 8 веќе е изградена и пуштена за сообраќај пругата од Куманово до Бељаковце. Делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во фаза на изградба, а интензивно се работи и на подготовка за третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение.
Македонија
Воведена нова процедура на Клиниката за кардиологија, пациентите со сложени срцеви аритмии повеќе нема да бидат упатувани во странство
														Министерот за здравство Азир Алиу денеска ја посети Универзитетската клиника за кардиологија по повод извршената прва аблација за коморна тахикардија во нашата држава.
„Со воведувањето на новата процедура на Клиниката за кардиологија овозможуваме пациентите со сложени срцеви аритмии да бидат згрижени и соодветно третирани во оваа врвна терциерна установа, без да има потреба да бидат упатувани во странство. Тимот од оваа клиника покажа дека во македонското здравство постои знаење, храброст и визија за врвни резултати. Ова е голем чекор напред за нашето здравство и потврда дека инвестицијата во знаење, технологија и човечки потенцијал овозможува врвни резултати“, истакна министерот Алиу при посетата.
Директорката на Клиниката за кардиологија, Даница Петкоска-Спирова, изрази благодарност до целиот тим за посветеноста во работата и грижата за пациентите со кардиолошки заболувања.
„Министерството за здравство продолжува со поддршка на иницијативите за воведување нови процедури и методи во јавните здравствени установи, со цел унапредување на третманот на пациентите на сите нивоа на здравствена заштита“, порача министерот Алиу.

