Македонија
Трите медицински комори со заедничко барање за изземање од Законот за заштита на лични податоци
Законот за заштита на лични податоци да не се имплементира во приватните здравствени установи со мал број вработени, бараат Лекарската, Фармацевтската и Стоматолошката комора, бидејќи обврските кои произлегуваат од овој закон создаваат дополнителни административни обврски, како и непотребно финансиско оптоварување. Заштитата на личните податоци на пациенти е регулирана и имплементирана како приоритет во работењето на здравствените установи согласно строгите прописи кои произлегуваат од Законот за здравствена заштита.
„Законот за заштита на лични податоци наметнува неразбирливи и сложени постапки и процедури за здравствените работници. Во здравствените установи со двајца вработени, доктор и медицинска сестра, или фармацевт и фармацевски техничар, нема кој да биде обработувач на лични податоци, кој да е офицер за тајност на лични податоци, а кој контролор. Исто така, изготвувањето на сите интерни акти, процедури и одлуки, изработката на документацијата за технички и организациски мерки или криптирањето, за малите приватни здравствени установи се дополнителна обврски и голем ангажман за малиот број вработени. Докторот и медицинската сестра, односно фармацевтот и фармацевскиот техничар и сега имаат обемни административни обврски кон институциите кои ја контролираат нивната работа, а со обврските од Законот за заштита на лични податоци уште повеќе непотребно се оптоварува ефективното време кое треба да биде посветено на пациентите“, велат од коморите.
Оттука посочија и дека со наметнувањето на изготвување на интерни акти, процедури, одлуки и формулари во субјектите од здравството, вештачки се создаде и добра почва за пазар за услугите што директно се поврзани со обврските што произлегуваат од Законот за заштита на лични податоци. Имено, многу поединци, адвокати и фирми се појавија како понудувачи на услуги за изготвување на правилници кои произлегуваат од Законот за заштита на лични податоци, со понуди со високи суми, што дополнително би го оптовариле и така малиот буџет на здравствените установи.
Исто така, како што се наведува, треба да се земе предвид дека оваа обврска се наметнува во време на пандемија кога здравствените работници се оптоварени со предизвикот да одговорат на зголемените потреби на пациентите поврзани со третман на вирусот.
Докторите на медицина, фармацевтите и докторите по стоматологија имаат дадено Хипократова заклетва и работат согласно медицинската, фармацевтската и стоматолошката деонтологија и етика и заштитата на личните податоци на своите пациенти им е приоритет во работењето, а секоја дополнителна обврска само ги обременува здравствените работници и соработници и здравствените институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

