Македонија
Утре почнува етапната исплата на мартовските пензии со дополнителни 1.000 денари финансиска поддршка
Министерството за труд и социјална политика известува дека од утре, 29.3.2022 година (вторник), почнува етапната исплата на мартовските пензии. Пензиите ќе бидат исплатени предвреме и етапно со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од Ковид-19.
Пензија повисока за 1.000 денари ќе добијат повеќе од 330 илјади пензионери со исплатата на мартовската пензија преку договорената директна финансиска помош што ќе биде испатена и во април и мај.
Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите што не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:
– за пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 29.3.2022 година (вторник);
– за пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 30.3.2022 година (среда);
– за пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 31.3.2022 година (четврток); и
– за пензии со висина над 18.001 денар, исплата да се изврши на 1.4.2022 година (петок).
Пензионерите што користат платежна картичка поврзана со сметката на која се префрлува пензијата со парите може да располагаат од 29 март (вторник). Тие може да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања. Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи.
Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми. Апелираме до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати затоа што етапната исплата е направена со цел да се намалат метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Потребни се субвенционирани квалитетни контрацептивни средства за жртвите на семејно насилство
Антифашистичкиот фронт на жените при Левица (АФЖ) сподели сведоштво од жена која, поради семејно и сексуално насилство, била принудена да користи евтина контрацептивна спирала, што довело до сериозни здравствени компликации и итна операција. Таа порачува дека многу жени-жртви немаат финансиски можности за поквалитетни медицински средства и апелира државата да ги субвенционира.
Жртвата нагласува дека поддршка добила главно од организации и од АФЖ – Левица, како и од пратеничката Јована Мојсоска, но не и од институциите.
Од АФЖ велат дека целосно застануваат зад иницијативата државата да обезбеди пристап до безбедни и квалитетни контрацептивни средства за жените-жртви, како дел од пошироката борба за нивните права.
Кампањата на АФЖ за 16-те дена активизам се одвива под слоганот: „Не трпи! Не молчи! Едуцирај се, охрабри се! Делувај!“
Организацијата вели дека работи на подигање на свеста, споделување сведоштва и онлајн едукација поврзана со Истанбулската конвенција.
АФЖ потсетува дека насилството врз жените во земјава расте и дека е неопходна институционална реакција. Од таму упатуваат апел: „Стоп за насилството!“
Македонија
Филипче: СДСМ напорно работеше за потребите на жените, со оваа власт сè паѓа во вода
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на работилница организирана од Форумот на жени на СДСМ во рамките на кампањата „16 дена активизам за борба против насилството врз жените и девојчињата“-„Гласни за живот без страв“, истакна дека СДСМ е партијата која системски ја постави борбата против родово базираното насилство како државен приоритет. Тој нагласи дека преку воспоставување закони, институционални реформи и услуги за заштита на жените и девојките, СДСМ создаде основи за долгорочни и одржливи политики за заштита на жените од насилство.
„Тоа што се направи во изминатиот период треба да продолжиме да го промовираме и преку сите инструменти кои што ни се на располагање, тој систем да го надградуваме. Ние сме и потписници на Истанбулската Конвенција, која е важен меѓународен документ за спречување и заштита од насилство врз жените“, рече Филипче.
Говорејќи за превенцијата како клучна во борбата против насилство врз жените, Филипче истакна дека животот на секоја жена мора да биде заштитен, а институциите да функционираат за граѓаните. Тој потсети на бројните мерки преземени во системот за заштита во периодот на владата на СДСМ, за разлика од сегашната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

„Отворивме многу центри за рана детекција. Имаше центри за детекција во кои што мулти-дисциплинарно работеа социјален работник, психолог, гинеколог. Меѓутоа гледаме како е кога на власт ќе дојде еден авторитарен режим кој што не се грижи за ништо друго, освен за своите сопствени, тесни, теснопартиски интереси, а се друго паѓа во втор план“, рече Филипче.
Во своето обраќање Филипче потсети дека СДСМ е партијата што прва воведе квоти и мерки за вистинска застапеност на жените, обезбедувајќи простор за женско лидерство на сите нивоа.

„Напорно работевме да го промовираме женското лидерство и во тоа успеавме. Донесовме листи во кои што точно се знаеше колкав ќе биде процентот на жени, колкав ќе биде процентот на млади“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Партизански Одреди бр. 95, општина Карпош.

