Црна хроника
Кривична пријава за две лица, злоупотребувале платежни картички

Единицата за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против А. Ѓ. (23) и А. Ѓ. (25), двајцата од с. Рашче, Скопско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем по член 251 и изработка и употреба на лажна платежна картичка по член 274 Б од Кривичниот законик.
Првопријавениот, во периодот од септември до декември 2021, додека бил вработен во правно лице во Скопје на работно место продавач, искористувајќи поволна пригода, со својот мобилен телефон ги фотографирал идентификациските податоци од платежните картички заедно со пин-кодот од картичките на купувачите, кои му ги давале за плаќање на купената стока.
На тој начин успеал да собере податоци на 17 граѓани и потоа, заедно со второпријавениот, ги искористил во неколку наврати за плаќање комунални сметки и нарачки на производи.
По преземените мерки, било утврдено дека пријавените се сторители на делата.
Со судска наредба биле извршени претреси во нивните домови во с. Рашче и биле пронајдени докази за извршување на кривичните дела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Скопјанка пронајдена мртва во својот дом

Денеска во 00.11 часот во СВР Скопје било пријавено дека во домот на подрачјето на Бит Пазар била пронајдена почината 70-годишната Х.К. од Скопје.
Лекар од Итна медицинска помош констатира смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатата било дадено на обдукција.
Црна хроника
Возел пијан и предизвикал сообраќајна несреќа: уапсен скопјанец

Вчера во 23.30 часот во Скопје, на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода 32-годишниот Д.З. од Скопје.
На улицата „Христо Татарчев“, тој со патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, удрил во патничко возило „фиат стило“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.К.(33) од село Сопиште, скопско.
Во несреќата со телесни повреди се здобила 24-годишната Ј.П. од Скопје, сопатничка во возилото „фиат стило“, констатирани во Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје.
При преземање мерки во врска со сообраќајната незгода било констатирано дека Д.З. го управувал возилото под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,70 промили алкохол во крвта.
Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на настанот против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик-„безобѕирно управување со моторно возило“.
Црна хроника
Жена од Липково ја удрило струја додека чистела во двор

Жена од Липково ја удрило струја додека чистела во дворот на нејзината куќа.
Вчера во 12.23 часот во СВР Куманово, од Општа болница Куманово било пријавено дека кај нив во бессознание била донесена А.Ф.(36) од село Матејче, општина Липково. Според пријавеното, таа се здобила со повреди од струен удар додека чистела во дворот од семејната куќа, во близина на машина која била во дефект. Увид бил извршен.