Македонија
Ковачевски – Едштадлер: Евроинтеграциите на Македонија се потребни за стабилноста на регионот и ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, се сретна со Каролина Едштадлер, сојузна министерка за ЕУ на Република Австрија.
На состанокот, како што информираат од Владата, било разговарано за предизвиците од војната во Украина, значењето на евроинтеграциите и можностите за унапредување на добрата билатерална соработка.
Заедничка била осудата на руската агресија во Украина.
Притоа било констатирано дека интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во ЕУ е од значење за стабилноста и безбедноста на регионот, но и на Европа, и дека сега е моментот за исчекор.
Во таа насока била изразена целосна поддршка од Австрија за европските аспирации на нашата држава.
Во премиерите Ковачевски и Петков се гледа како на луѓе што ги движат работите напред и со новата клима на почитување во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија се оценува дека има отворен прозорец на можности за доаѓање до принципиелно решение, се потенцира во владиното соопштение.
Премиерот Ковачевски се заблагодарил за големата и пријателска поддршка од Република Австрија за евроинтеграциите на Република Северна Македонија и како држава што е меѓу најголемите инвеститори во земјата.
„Ги споделуваме вредностите на ЕУ, членка сме на НАТО, се поставивме целосно на линија на политиките на НАТО и на ЕУ во однос на војната во Украина, отворено ја дадовме потребната помош на Украина, подготвени сме да прифатиме и евентуални бегалци од државата. Во исто време донесовме антикризни мерки за помош на граѓаните и компаниите, ги решаваме предизвиците со енергијата и обезбедувањето храна, разговараме и со Бугарија за можните решенија. Европските интеграции на Северна Македонија и на Албанија се потребен сигнал за целиот регион и важни за стабилноста во ЕУ“, изјавил Ковачевски.
На средбата било разговарано и за можностите за унапредување на трговијата меѓу државите, како и за натамошниот развој на односите меѓу двете земји и во други области од значење за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ПРП терапијата за пациентите од пожарот во „Пулс“ е достапна во Кочани, нема да мора да патуваат до Скопје

Десет лица повредени во трагедијата во „Пулс“, за првпат во болницата во Кочани, биле третирани со ПРП терапија (плазма збогатена со тромбоцити), соопшти вечерва директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
Интервенциите ги извел тим од болницата „Св. Наум Охридски“ од Скопје. Претходно 9 лица беа третирани од Клиниката за пластична хирургија Скопје.
„Ова е голем чекор напред – ПРП терапијата сега е достапна во Кочани, без потреба од патување до Скопје!“, напиша Клековски на социјалните мрежи.
ПРП е иновативна метода што користи плазма од сопствената крв за да го забрза заздравувањето на оштетената кожа.
Македонија
Филипче: Скопје е затрупано со ѓубре, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го држат градот во заложништво

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се обрати пред членовите на градската организација на партијата во Скопје и ги критикуваше локалните и централните политики на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче рече дека она што се случува во Скопје е најеклатантен пример на неспособноста, негрижата и корупцијата на власта.
Филипче рече дека пропаста на Скопје е директна последица на пропаднатите зделки меѓу Мицкоски и Арсовска, на блокадите од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на политичката калкулација на Владата која, и покрај тоа што има механизми, свесно го остава градот да се распаѓа.
„Скопјани не смеат да заборават дека Скопје тоне четири години заради пропаднатите бизнис зделки на Мицкоски со Арсовска. ВМРО-ДПМНЕ го држи Скопје во заложништво. Нивните функционери и советници од градот четири години немаат друга работа освен да попречуваат, блокираат и се расправаат со Арсовска. Скопје е најдобар пример за тоа како владее ВМРО-ДПМНЕ, со прст не мрдаат ако од тоа немаат личен и политички интерес. За ова треба да бидат казнети на локалните избори“, истакна Филипче.
Тој се осврна и на Трајко Славески, за кој рече дека како претседавач со Советот, не придонел со ништо за Скопје, но сепак бил награден од ВМРО-ДПМНЕ со функцијата гувернер на Народната банка.
Македонија
Во Кочани ќе се гради споменик во помен на загинатите во „Пулс“

Собеанието со амандман обезбеди 2 милиони денари (околу 32.000 евра) како првични средства за идејно решение и отпочнување на активности за спомен-обележје во чест на младите кои ги загубија животите во трагедијата во дискотеката „Пулс”. Информацијата на социјалните мрежи ја сподели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Ова барање, како што истакнува пратеникот, е координирано со родителите на настраданите и произлегува заедничката желба, макар само дел од болката да се преточи во достоинствено сеќавање, а трагедијата да не се заборави.
Споменикот според планот ќе биде поставен во централното градско подрачје, и ќе биде тивок сведок на болката, но и силна порака за солидарност, сеќавање и обврска да не дозволиме ваква трагедија никогаш повеќе, вели Лефков.
Упати благодарност до Владата што го прифатила амандманот, и до колегите пратеници што ја дале својата поддршка.