Македонија
Несторовска: Седум од десет жртви во трговијата со луѓе на глобално ниво се жени или девојчиња, една третина од нив се деца
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска учествуваше на конференцијата „Процена на ризиците и спречување трговија со луѓе во синџирите на снабдување“. Целта на конференцијата, што ја организира Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, во соработка со Канцеларијата на специјалниот претставник и координатор за борба против трговија со луѓе на ОБСЕ и поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, е споделување на искуствата во превенцијата и борбата против трговијата со луѓе. Тренчевска посочи дека Владата и Министерството развиваат политики и координиран пристап за превенција, интервенција и кривично гонење на сторителите, како и на национален и транснационален механизам за упатување и заштита на жртвите на трговија со луѓе.
„Наша стратешка определба е подобрување на националните политики за борба против организираниот криминал – трговијата со луѓе. За таа цел, работиме на превенција и подигање на јавната свест, на унапредување на законската регулатива и на зацврстување на почитувањето на основните човекови права на сите граѓани, особено на децата. Ги донесовме Националната стратегија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2021-2025, Националниот акциски план за борба против трговија со луѓе и илегална миграција 2021-2025 (НАП) и Акцискиот план за борба против трговија со деца. Го донесовме и Законот за спречување и заштита од насилството врз жените и семејното насилство, во кој како облик на родово базирано насилство е дефинирана трговијата со жени и девојчиња“, рече Тренчевска.
Специјалниот претставник и координатор за борба против трговија со луѓе на ОБСЕ, Вилијант Ричи, посочи дека во изминатите години зајакнат е меѓународниот одговор против трговијата со луѓе и дека националните стратегии треба подетаљно да ги опфатат системските проблеми, кои се извор на трговијата со луѓе.
„Еден од начините да се спречи трговијата со луѓе е да се намали побарувањето на стоки и услуги, кои се резултат на присилен труд. Ако сакаме да ја спречиме трговијата со луѓе, треба да престане плаќањето за тргување со луѓе. При ваквите приоди овозможуваме да се заштитат човековите права на жртвите“, рече специјалниот претставник и координатор за борба против трговија со луѓе на ОБСЕ, Ричи.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, потенцира дека поддршката на Република Северна Македонија во спречувањето на модерното ропство – трговијата со луѓе, ќе продолжи.
„Канцеларијата на ОН за дрога и криминал проценува дека седум од десет жртви кои ќе се откријат на глобално ниво се жени или девојчиња, една третина од нив се деца“, рече амбасадорот на ОБСЕ, Клеменс Која.
Според национална координаторка за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција, Магдалена Несторовска, зголемувањето на процентот на жртвите е затоа што сторителите на кривичното дело – трговија со луѓе покажуваат исклучително висока подготвеност на приспособување.
„Жените и девојчињата се особено погодени од модерното ропство, што претставува 29 милиони или 71 % од вкупниот број, од кои на четири лица – едно е дете. Од овие причини треба да се бориме против ова зло. Треба да го истакнеме големиот профит што го стекнуваат трговците на сметка на жртвите, но и да ги потсетиме корисниците на услугите – што ги очекува, со цел да се спречи трговијата со луѓе. Последниве две години научивме дека ниту падемијата не ја запре трговијата со луѓе, туку придонесе да прерасне во идеална средина за зголемување на бројот на жртвите“, рече Несторовска.
Податоците објавени од меѓународната организација на трудот покажуваат дека повеќе од 40 милиони луѓе се жртви на модерното ропство. Процените се дека 25 милиони луѓе се идентификувани како жртви, кои биле трудово експлоатирани, од кои 16 милиони луѓе биле експлоатирани во приватниот сектор, како што се градежништвото, земјоделството, а околу 5 милиони лица се сексуално злоупотребени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

