Економија
77 години квалитет посветен на здравјето, прашајте го фармацевтот за „Галеника“
Грижата за здравјето и справувањето со болеста е комплексен процес, кој не почнува или завршува меѓу лекарот и пациентот. Исклучителнo важeн во оваа комуникација e и фармацевтот. Него го препознаваме како лицето што го издава препишаниот лек во аптеката, но фармацевтот е специјалист што има знаење за лековите, неговите особини и контраиндикации и може да помогне да се избере соодветната терапија за болниот. Велат дека еден фармацевт поседува знаење за неколку стотици лекови.
Фармацевтите и фармацевтските техничари имаа незаменлива улога и во битката на здравствениот систем со пандемијата на Ковид-19 во изминатите две години. Застанаа со другите здравствени работници во првите редови со цел да му се помогне на секој пациент што ќе побара поддршка и во директна комуникација со пациентите да споделат совет и препорака за потребниот лек. Впрочем, тие се дел од штитот што може да му помогне на пациентот да ги препознае симптомите и да го советува да посети лекар.
Иако во македонскиот здравствен систем фармацевтот не може да пропишува лекови, како што е тоа случај во САД или некои европски држави, сепак може да помогне да го направите вистинскиот избор кога избирате лек. Големите фармацевтски компании значајно внимание посветуваат и на лекарите и на фармацевтите да ги запознаат со лековите, како и ОТЦ-лековите што се издаваат без рецепт, а се одобрени од надлежните институции на македонскиот пазар.
Директорот на „Галеника Македонија“, м-р фарм. Даниел Јаневски, нагласува дека комуникацијата меѓу потрошувачот или пациентот со фармацевтот е особено важна за запознавање со особините на лековите, начинот на кој влијаат, употребата, независно дали е лек или ОТЦ-производ што се издава без рецепт.
„За потрошувачот на македонскиот пазар, ‘Галеника’ нуди загарантиран квалитет на производите. Во понудата имаме лекови на рецепт, лекови без рецепт (ОТЦ), козметички производи и додатоци во исхраната. Тоа се производи креирани во согласност со современите барања на потрошувачите и пациентите затоа што ‘Галеника’ како стабилен партнер на заедницата носи иновации во својата понуда, но за таа да стигне до потрошувачите, особено важна е и фармацевтската експертиза кога се издава лекот или производот. Ние стоиме зад 77 години традиција и квалитет за секој потрошувач“, вели директорот на „Галеника Македонија“, м-р фарм. Даниел Јаневски.
Изборот за тоа кој лек ќе го користи потрошувачот на македонскиот пазар е одлука на самиот потрошувач. Односно, лекарот го препишува лекот со генерички назив, а потоа во аптеката потрошувачот може да се информира од кои производители е достапен тој лек и во комуникација со фармацевтот да се запознае со особините на лекот и да го направи најдобриот избор.
Според Јаневски, потрошувачот секогаш треба да се потпре на квалитетот и традицијата што се препознатливи не само на македонскиот пазар туку и пошироко во регионот и во Европа независно дали изборот е за лек на рецепт, лек без рецепт (ОТЦ), козметички производ или додаток во исхраната.
Фармацевтот во аптека треба да одговори на прашањата на потрошувачот за препишаните лекови, а тоа се прашања и за можните несакани реакции и интеракции со други лекови или нарушувања. Но, и потрошувачот треба да одговори на прашањата на фармацевтот за неговата здравствена состојба за да може да им го препорача најдоброто.
Фармацевтот може да помогне и кога потрошувачот бара ОТЦ-производ или козметика поради знаењето и можноста да го запознае со особините на производот, начинот на кој влијае, можните несакани ефекти или употребата.
Потрошувачите не треба да ја напуштат аптеката ако сѐ уште имаат нејасни работи во врска со користењето на лекот, начинот на кој се зема лекот или дали треба да се избегнува некоја храна кога го земаат лекот. Некои антибиотици не треба да се пијат со млечни производи, а има лекови со кои треба да се избегнуваат цитрусните овошја. Кога лекот треба да се пие пред оброк, а кога по, се информации за кои фармацевтот треба да ве информира кога ви го дава лекот. Сето тоа е дел од неговата работа и грижата за здравјето што треба фармацевтите да ја обезбедат за потрошувачот. Фармацевтот и фармацевтскиот техничар со нивното знаење и искуство се секогаш достапни за помагање во обезбедување подобар квалитет на живот на пациентите.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Воведовме 23 нови линии во авиосообраќајот, имаме рекордна бројка на патници, а годинава очекувам да порасне над 4 милиони патници
Од изборот на Владата до денес имаме нови 23 директни летови, охридскиот и скопскиот аеродром поминаа 3,5 милиони патници, оваа година скопскиот аеродром очекувам да биде лидер во регионот со раст и да надминеме 4 милиони патници, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, коментирајќи ги владините политики во авиосообраќајот.
„Почнавме сериозна политика на привлекување на нови авиолинии и авиокомпании, имајќи предвид дека Македонија нема излез на море и аеродромите се наш единствен излез и тука да доаѓаат повеќе туристи и повеќе луѓе за бизнис и можност македонските граѓани да патуваат. Она што сум горд е дека од изборот на Владата до денес имаме нови 23 директни летови односно авиолинии, последни се овие кон Алгеро- Сардинија и Палермо-Сицилија. Она што ми е драго е што двата аеродорми, охридскиот и скопскиот поминаа 3,5 милиони патници. Ако видите дека Македонија е 1,8 милиони, тогаш јасно е дека далеку е над бројот на население што го имаме и ако некои спинуваа, оваа година скопскиот аеродром ќе биде лидер со раст во регионот на поранешна Југославија што е гордост, имајќи предвид дека и Загреб и Сараево и Белград се поголеми како градови од Скопје што е додадена вредност”, изјави Николоски.
Тој додаде дека се започнати директни разговори со Саудиска Арабија за воспоставување на воздушен сообраќај меѓу двете земји што дополнително ќе се прошири мрежата на летови за Македонија.
„Очекувам и од таму да објавиме директни летови до скопскиот и охридскиот аеродром и ќе продолжиме со оваа политика на стимулирање на авиолинии. Очекувам оваа година да поминеме 4 милиони патници што ќе е апсолутен рекорд”, истакна Николоски.
Економија
Владата, бизнисот и синдикатите во координирана акција за намалување на сивата економија
Владата, бизнис заедницата, синдикатите и академската заедница денеска на Годишна конференција на тема „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“ упатија порака за заедничка борба во намалување на сивата економија. Конференцијата се одржа во организација на Владата на РС Македонија/Министерството за финансии, заедно со Организацијата за развој на Обединетите нации – УНДП, Меѓународната организација на трудот – МОТ и Економскиот факултет – Скопје.
На официјалното отворање на Конференцијата се обратија претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, деканот на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Мијалче Санта, националниот координатор на Меѓународната организација на трудот за РС Македонија, Емил Крстановски и постојаниот претставник на УНДП во РС Македонија Армен Григоријан.
„Нашата цел е јасна – формалната економија да стане попривлечна од неформалната. Да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално. Но, да бидеме искрени оваа борба не може да биде само инспекциска, таа мора да биде и системска. Затоа работиме на: дигитализација на процесите – е-фактурирање, електронски пријави, поврзување на бази на податоци, намалување на административните бариери за регистрација на бизнис, стимулации за формално вработување и поддршка за микро и мали претпријатија, како и зголемена транспарентност и размена на податоци меѓу институциите“, истакна премиерот во воведното обраќање и додаде дека стратегијата на Владата се темели на три принципи, а тоа е поедноставување, правичност и поддршка.
Министерката за финансии Димитриеска-Кочоска порача дека Владата со системски и одлучен пристап преку адресирање на нелојалната конкуренција создавање фер и транспарентни услови за работа ќе работи на формализација на неформалната економија.
„Нашата цел е формализација, правичност и создавање еднакви правила за сите. Ќе пристапиме системски и одлучно преку адресирање на нелојалната конкуренција, создавање фер и транспрентни услови за работа и обезбедување чесните компании да не бидат ставени во подредена позиција. Формализација која ќе ја поттикнеме преку поедноставени административни процедури, олеснет пристап до регистрација и јасни правила. Ќе ги охрабриме субјектите од неформалниот сектор да преминат во формалната економија преку поддршка, а не само преку санкции“, истакна министерката.
Министерот за економија Бесар Дурмиши наведе дека намалувањето на неформалната економија бара системски, конзистентни и одржливи решенија.
„Работата во неформалната економија често значи небезбедни услови, долги работни часови, недефинирани работни односи и отсуство на социјална и правна заштита. Непријавените работници се лишени од основните права што произлегуваат од работниот однос, додека компаниите што работат легално се ставаат во понеповолна позиција. Затоа, намалувањето на неформалната економија бара системски, конзистентни и одржливи решенија. Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Министерството за економија и труд и досега спроведуваше активни политики преку Оперативниот план за вработување. Но, анализите покажаа дека дел од лицата и понатаму остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа, оваа година се издвоени 40 милиони евра за новиот Оперативен план за вработување, со мерки што директно ќе придонесат за формализација и отворање нови работни места. Дополнително, донесен е Законот за работно ангажирање на лица, чија основна цел е формализација на одредени форми на работа и одговор на реалните потреби на пазарот на труд. Од 1 јануари 2026 година започнува примената и на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој стимулира компании што инвестираат, отвораат нови работни места и остваруваат раст“, посочи Дурмиши.
Деканот на Економски факултет – Скопје при УКИМ, Мијалче Санта рече дека борбата против неформалната економија е долгорочен процес. „Таа, посочи, бара стабилни институции, предвидлива регулаторна рамка, стимули за формализација и постојан дијалог меѓу државата, бизнисите, работниците и експертската јавност. Економскиот факултет – Скопје ќе продолжи да биде сигурен партнер во овој процес преку истражување, анализа, едукација и јавна дебата. Нашата мисија е да придонесуваме кон креирање политики засновани на знаење и факти, во интерес на одржлив економски и национален развој. Доколку сакаме пониска неформална економија, мора да градиме посилна, поправедна и поконкурентна формална економија – економија во која правилата се јасни, институциите се ефикасни, а довербата е заедничка вредност“, рече деканот на Економскиот факултет.
Националниот координатор на Меѓународната организација на трудот, Емил Крстановски истакна дека формализацијата на неформалната економија, од перспектива на МОТ, е клучна за унапредување на достоинствената работа, социјалната правда и инклузивниот економски раст.
„Неформалноста често значи отсуство на работнички права, социјална заштита и безбедни и здрави услови за работа, а воедно ја поткопува продуктивноста, јавните приходи и фер конкуренцијата. Преку промовирање на избалансиран пристап, кој комбинира поддржувачки мерки за претпријатијата, посилна заштита на трудот, социјален дијалог и ефективно, но правично спроведување, формализацијата помага работниците да уживаат сигурност и права, бизнисите да се натпреваруваат на рамноправна основа, а Владата да го прошири опфатот на социјалната заштита и одржливиот развој“, рече Крстановски.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП Армен Григоријан рече дека преку проектот „Поддршка на реформите во јавните финансии“ финансиран од Министерството за финансии на Словачката Република, изграден е софистициран систем кој јасно ги согледува вистинските размери на неформалната економија.
„Со опремување на ревизорите со нови аналитички алатки, овозможивме секоја фискална препорака да биде поткрепена со прецизни податоци. Покрај ова, придонесовме и за синхронизација на националните стратегии и воведување на дигитални алатки за мониторинг во реално време, со што помогнавме одлуките и решенијата што ќе се носат да бидат засновани на факти“, рече постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.
Во рамки на Конференцијата беше потпишана „Декларација за партнерство и акција: Заедничка посветеност за формализација на неформалната економија во Северна Македонија“. Потписници беа претставници на клучни министерства во формализација на неформалната економиија, претставници на стопански комори, организации на работодавачи, синдикати, како и претставници на академската заедница.
Во панел дискусии на Конференцијата учесниците дебатираа за креирање политики за ефикасен процес на формализација на неформалната економија и на тема „Како до пазар на труд, деловно и институционално окружување што ги поттикнува граѓаните, работниците и бизнисите да функционираат во формалниот сектор“. Од страна на професорите Борче Треновски и Биљана Ташевска од Економскиот факултет при УКИМ, беше одржана презентација на тема „Детерминанти и ефекти од неформалната економија – со посебен осврт на Република Северна Македонија“.
Економија
Трипуновски: Зголемување од 15 проценти на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје, споредбено со лани
„Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот период од 2024 година“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
„Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо“, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.

