Македонија
Експолицаец во затвор за силување малолетници, 15 години и за мајката што си ја продавала ќерката

Мајката Налиље А. која си ја продаваше малолетната ќерка, и експолицаецот Александар Костовски, кој ги силувал девојчето и брат ѝ, признаа вина. Судијката Софче Гаврилова-Ефремова ги огласи за виновни и им изрече казни. Мајката доби затворска казна од 15 години, а експолицаецот 18 години. И двајцата остануваат во притвор сѐ до правосилноста на пресудата. Двајцата беа гонети за трговија со дете, а експолицаецот дополнително е осуден и за кривичното дело силување.
„Александар Костовски е виновен за крквичните дела за кои се товареше – трговија со дете и силување. Осудата на судот е следна – го прифативме признанието на вина, кажавме дека тоа се цени и прифаќа. По извршеното испитување, прифативме дека тоа е дадено доброволно и при потполна свесност. Предудата се должи врз основа на признание на вина. За трговија со дете, каде што минимум е 12 години, судот утврдува 15 години затвор. За силување, каде што е придведена од една до 10 години, се досудува единствена казна четири години. Се изрекува единствена казна од 18 години, каде што се засметува и времето поминато во притвор. Пред јавеното имотно-правно барање, ќе биде усвоено во целост“, изјави судијката Софче Гаврилова-Ефремова.
Судијката додаде: „Во однос на висината сметам дека се согласуваме сите дека поради сериозноста на кривичното дело, повредата, максималната казна е 20 години, овде имаме 18 поради признанието на вина“.
Малолетното девојче било малтретирано и од двајцата родители. Мајката Налиље избегала од дома и ја повела ќерката. Таа пред судот призна дека ја запознала ќерка си со поранешниот полицаец, па употребувајќи физичка сила, ја носела во неговата куќа и за паричен надомест од 2.000 денари, а понекогаш и за 500 денари, му овозможила да врши полови дејства со малолетничката. Поранешниот полицаец користел сексуални услуги од дете што не наполнило 14 години.
Александар Костовски во моментот кога ги силувал девојчето и момчето не бил дел од МВР. Тој пред судот призна дека три години во својата куќа, која сега е продадена, користел сексуални услуги од девојчето. Тој во текот на декември 2018 година, со употреба на сила и закана дека непосредно ќе нападне врз неговиот живот, извршил и друго полово дејство врз малолетниот брат на девојчето.
Пресудата ќе биде обжалена од обвинителката Наташа Поп-Трајкова, која го поднесе обвинителиот акт и него го признаа обвинетите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Ристова: Откриваме нов скандал – пазарот во Неготино од 17 тони железо прикажан како „урбана опрема“

Пазарот во Неготино е изграден без соодветно одобрение за градење, а се води како „поставување на урбана опрема“, обвини денеска на прес-конференција Лолита Ристова, членка на Извршен одбор на СДСМ.
„17 тони железо, изградени на бетонска подлога од 420м2 со 90 тезги внатре се третираат како урбана опрема? Зошто е избегнато издавање на соодветно одобрение за градење во соодветна постапка. Особено од аспект на статиката и сигурноста на објектот. Како е можно два објекти изградени во толкав габарит кој лежи на 17 тони железо да се третира како „поставување на урбана опрема“? И клучното прашање дали ваквиот објект над главите на неготинчани е безбеден?“, вели Ристова.
Таа изрази сомнеж и од финансиски аспект.
„Зад проектот повторно стои една од омилените фирми на ВМРО-ДПМНЕ – МАСТЕФ ДООЕЛ, која редовно добива тендери во општини под нивна контрола, особено со пари од унгарскиот заем. Проценетата вредност на проектот е 25.960.000 денари, а договорот е склучен речиси за истата сума – 25.914.000. Без конкуренција, без намалување на цената, без домаќинско работење. На прашањето колку пари на граѓаните на Неготино се потрошени за оваа зделка и дали сумите се реални ќе зборуваме детално во наредните денови. Ако ова се потврди, ќе биде уште едно кривично дело во серијата сомнителни тендери на ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Ристова.
Македонија
Муцунски на Анталија Дипломатски Форум: Западен Балкан е суштински дел од иднината на Европа

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес се обрати на панел-дискусијата „Регионална одговорност за просперитетна иднина на Балканот“, во рамките на 4. издание на Анталија Дипломатскиот Форум, кој се одржува во Анталија, Република Турција.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна интеграцијата во Европската Унија како стратешка цел на државата, а унапредувањето на регионалната соработка како клучен приоритет на македонската надворешна политика. Тој порача дека Западен Балкан не е проблем што треба да се менаџира, туку регион подготвен за напредок – не периферија, туку суштински дел од европската сегашност и иднина.
Муцунски ја нагласи потребата од јасен и опиплив пат напред кон полноправно членство во Европската Унија, како и значењето на регионалната политичка, економска и безбедносна одговорност. Во тој контекст, се осврна и на трагедијата во Кочани, посочувајќи ја како пример за важноста на блискоста со соседите и силата на солидарноста.
Министерот посебно го нагласи значењето на вложувањето во човечкиот капитал, јакнењето на конкурентноста на приватниот сектор и промоцијата на регионалните вредносни синџири како предуслов за одржлив раст. Само со ваков пристап, рече тој, можеме да спречиме одлив на млади, да поттикнеме циркулација на знаење и да изградиме долгорочна економија заснована на иновации и знаење.
Муцунски ја подвлече и улогата на Соединетите Американски Држави како значаен партнер кој обезбедува поддршка не само за безбедноста и политичката стабилност, туку и за економскиот развој на регионот.
Македонија
Во тек е акција за апсење на повеќе лица во рамки на истрагата за пожарот во Кочани

По наредба на јавен обвинител во тек е акција за приведување на повеќе лица, а во насока на проширување на истрагата за пожарот во Кочани, потврдија од Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи. Од Обвинителството велат дека надлежните институции координирано ќе ја информираат јавноста штом бидат завршени дејствијата кои се во тек.
Основното јавно обвинителство Кочани вчера до Основниот суд Кочани достави предлози за продолжување на мерките за обезбедување – притвор и куќен притвор за сите осомничени во истрагата за пожарот во кочанската дискотека.
Како што сooпштија, само за тројца осомничени, согласно фазата на обезбедување докази и исполнетоста на законските основи се предлага замена за мерката притвор во куќен притвор. Тоа се двајца осомничени од Државниот пазарен инспекторат и еден припадник на обезбедувањето на дискотеката. Во исто време, посочија од ОЈО, продолжуваат истражните дејствија во повеќе правци и во неколку институции со цел испитување на евентуална одговорност, за што јавноста ќе биде известена веднаш по донесувањето на соодветна јавнообвинителска одлука.
За пожарот во Кочани, Основно јавно обвинителство досега отвори истрага против 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март, животот го загубија 61 лице, а речиси 200 беа повредени.