Македонија
(Видео) Адвокатот на експолицаецот кој силувал деца смета дека надлежните дејствувале задоцнето
Адвокатот Сашко Христовски-Липски, кој беше бранител на експолицаецот Александар Костовски, обвинет за трговија на дете и силување малолетници, вели дека единствено позитивно во случајот е што обвинетиот признал вина.
Тој посочува дека за сето ова знаеле соседи и познајници и додава: „го гледале тоа“.
„Обвинетиот доби 18 години затворска казна за делото што го сторил. Но, за жалба не можам да одговорам бидејќи ќе треба да се размисли. Во вакви случаи дали е висока казната или не, тешко е човек како професионалец и како човек да размисли за да донесе заклучок. Факт е дека обвинетиот, можеби тоа беше и најпозитивното нешто што се случило во целата постапка, го призна делото“, рече адвокатот, па прашан зошто претходно не го направи тоа, додава: „Од самиот почеток на постапката обвинетиот го имаше признаено делото во нашите меѓусебни разговори“, а на прашањето зошто тоа не го направил пред судот, додава: „Затоа што станува збор за некоја карактерна особина, пред сѐ, психолошка, која во таа ситуација, не сум психијатар за детаљно да кажувам што му се случувало на обвинетиот во тие моменти, кога де факто тоа станало јавно, органите на прогонот дејствувале многу задоцнето. На крајот на краиштата, ова се случувало пред очите на соседите, познајници, пријатели, пријателки. Сите тоа го гледале и го знаеле. По пет-шест години, дошло до заклучок дека треба да реагира. Тоа е, всушност, најголемата загуба што нашето општество не реагира на време“.
На експолицаецот Александар Костовски му е изречена казна од 18 години затвор. Тој останува во притвор сѐ до правосилноста на пресудата, која е изречена по неговото признавање вина. Тој заедно со мајката на силуваните деца беше гонет за трговија со деца и силување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски домаќин на министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје беше домаќин на министерката за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во прва официјална посета на нашата земја.
На средбата беа разменети мислења за билатералната соработка меѓу двете земји, европската перспектива, како и за можностите за понатамошно унапредување и динамизирање на односите во сите области од заемен интерес.
Посебен акцент беше ставен на економската соработка, со фокус на реализацијата на проектите од Коридорот 8, зајакнувањето на трговската размена и проширувањето на соработката во други сектори.
Двајцата министри ја истакнаа и важноста на националните малцинства во двете земји, нагласувајќи ја нивната улога како значаен фактор во градењето на стабилни, добрососедски и пријателски односи.
Во рамки на разговорите беше отворено и прашањето за регионалната соработка, сојузништвото во рамки на НАТО, како и за актуелните геополитички предизвици со влијание врз безбедноста и стабилноста на регионот.
Македонија
(Фото) Николоски: На автопатот Охрид – Кичево се вршат сложени инженерски зафати, кои првпат се користат во регионот
Првпат на автопатот Охрид-Кичево изведуваме сложени инженерски и градежни зафати и ова првпат се изведува во регионот, а се со цел да се овозможи стабилизирање на косините и земјиштето од овој обем. Ова го изведуваме за целосна доизградба и ставање во функција на безбедно автопатско решение, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој заедно со директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, пратеникот Ѓорѓи Сајкоски и градоначалниците од Кичево и Дебрца извршија увид на работите на автопатот Охрид-Кичево.


„Ние досега само зборувавме колку е тежок овој проект, но денеска целата македонска јавност може да се увери, дека се работи за најтешкиот инженерски проект, не само во Македонија, туку и во целиот регион. Се работи буквално на пробивање на планини, за косини коишто се од 100 до 200 метри, за земјиште коешто постојано се спушта до главната траса и за бројни проекти, кои што за жал 11 години откако почнал да се гради овој автопат не биле решавани. Со изборот на новата Влада, почнаа овие проблеми да се решаваат. Решаваме вкупно 16 косини, од кои што на 14 ќе имаме стабилизација со така наречени галерии, нешто што за прв пат ќе се изведува, не само во Македонија, туку во целиот регион, каде што со армиран бетон се застанува цела планина, нешто што регионот го нема видено”, истакна Николоски.


Вицепремиерот Николоски упати благодарност за посветеноста на сите инволвирани работници, изведувачи и инженери, кои работат на изведбата на овие инженерски зафати и како што потенцира, целта на изградбата на автопатот Охрид-Кичево не е само да се заврши, туку да биде и безбеден патен правец кој што ќе се користи во наредните децении.
Македонија
Ѓорѓиевски најави модернизација на Зоолошката градина во Скопје
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска ја презентира стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, со која, како што рече, почнува ново поглавје во развојот на оваа институција.
„Зоолошката градина во Скопје ќе стане водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните. Чест ми е што денес ја презентираме стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, документ што носи јасна визија за модерна, одговорна и хумана институција. Со неа правиме суштински исчекор од поимот зоолошка градина како место за забава кон центар за едукација, заштита на природата и грижа за животните“, вели Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека целта е Зоолошката градина да стане училница на отворено, од каде што децата ќе заминуваат не само со спомени туку и со знаење, свест и емпатија кон природата.
„Клучен столб на стратегијата е трансформацијата на Градината во функционално прифатилиште за заштитени и ранливи видови, со професионална ветеринарна грижа и безбедни услови. Скопје ја презема моралната обврска да биде дом за животните кои не може сами да опстанат во дивината. Стратегијата е целосно усогласена со строгите стандарди на ЕАЗА, со јасна цел за полноправно членство. Тоа значи високи стандарди за благосостојба на животните, активна научна и конзервациска улога, како и највисоки норми за безбедност и одржливост“, рече градоначалникот.
Тој најави целосна модернизација на Зоолошката градина, подобри услови за животните, посетителите и вработените, енергетски ефикасни решенија, зголемена безбедност, како и нови содржини, меѓу кои и центар за хипотерапија за децата со посебни потреби.
Со овие чекори, рече Ѓорѓиевски, Зоолошката градина во Скопје ќе прерасне во современа, едукативна и хумана институција, место каде што се среќаваат науката и грижата за животот.

