Македонија
(Интервју) Јаким Неделков од СОНК: Директорите ќе одлучат дали ќе има настава за време на штрајкот
Јавна тајна е дека образованието во Македонија е на многу ниско ниво, вели во интервју за „Макфакс“ претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Околу најавата за генерален штрајк во образованието, кој треба да се случи на 11 април, Неделков вели дека одлуката е донесена во согласност со членството на синдикатот и од истото, како што рече, имало жесток пристисок штрајкот да започне многу порано.
Истовремено апелира до родителите да ја сфатат маката на работниците во образованието.
„Ние нема да речеме не, не носете ги децата во градинка или во училиште, вие сте родители, размислете ако имате алтернатива каде, ќе се стрпите и со тоа многу ќе ни помогнете“, вели Неделков.
Свесен е, како што вели, за обвинувањата од страна на нивните опоненти.
„Некои обвинувања се граничат со клевета, а за нив и се одговара. Тоа е пропагандна машинерија, ја имало и ќе ја има и сè повеќе ќе се засилува антикампањата за тоа што го правиме. Опонентите би биле пресреќни кога СОНК би бил понижен и кога би излегол со слаби резултати“, вели Неделков.
Тој не негира дека во образованието е присутен проблемот со партиските вработувања.
„Во однос на партиската припадност, за жал, другите критериуми веќе воопшто не се важни, битно е да си близок до партијата на власт. Тоа е пракса во Македонија. Од друга страна, не е никаква гаранција дека партиската припадност носи квалитет. Да се експериментира по партиска линија, можеби ќе бидам критикуван за ваквата изјава, но некои не заслужуваат да бидат на такви работни места, а ги имаме“, вели во интервјуто за „Макфакс“, Неделков.
Дали и како ќе се одвива наставата од 11 април, до кога ќе трае штрајкот, на ова и слични прашања во интервјуто одговара првиот човек на СОНК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проданоски и Андоновски од Прилеп: Безбедниот интернет е заедничка одговорност
Во Прилеп денеска беше одбележан Меѓународниот ден на побезбеден интернет – 11 февруари, со јасна порака дека дигиталната безбедност на децата и младите мора да биде врвен приоритет. Настанот се одржа во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, во присуство на градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Активноста беше реализирана во рамки на проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет на Македонија, преку кој на учениците, родителите и наставниците им се приближуваат конкретни алатки и насоки за безбедно користење на интернетот. Фокусот е ставен на превенција, родителска контрола и создавање сигурна дигитална средина.
Настанот имаше едукативна и интерактивна содржина, со што учениците на разбирлив и прилагоден начин учеа како да препознаваат ризици во онлајн просторот и како одговорно да ги користат дигиталните содржини. Преку разговори и практични примери беше нагласено дека интернетот може да биде простор за знаење, креативност и развој, но само доколку се користи внимателно и со поддршка од возрасните.
„Безбедниот интернет не е избор, туку обврска на сите нас – институциите, училиштата, родителите и младите. Само со заеднички пристап можеме да создадеме сигурна дигитална средина“, беше пораката упатена од настанот.
Од Општина Прилеп истакнаа дека соработката со Министерството за дигитална трансформација продолжува и во наредниот период, со цел унапредување на услугите и зајакнување на дигиталната писменост кај најмладите
Македонија
До крајот на денот претежно облачно, утре со повремен локален дожд во утринските часови, преку денот со сончеви периоди
Времето до крајот на денот ќе биде претежно облачно. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на планините на северозапад врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а наместа во источните делови и долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Утре ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.
Македонија
Сали – Памер: Австрија останува силен поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија
Министерот за европски прашања и прв заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари работна средба со амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер, на која беа разгледани тековните реформски процеси и соработката со австриските партнери.
Во разговорот беше нагласено значењето на континуираната поддршка од Австрија за европската интеграција на Северна Македонија, како и усогласеноста на австриската развојна соработка со националните реформски приоритети.
Сали информираше за тековните активности поврзани со спроведувањето на Реформската агенда и подготовките за отворање на преговарачките кластери, со посебен акцент на владеењето на правото, реформата на јавната администрација и подобрувањето на институционалните капацитети.
Соговорниците разговараа и за можностите за понатамошна соработка преку европските инструменти, особено во области поврзани со доброто владеење, животната средина и јакнењето на административните структури.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на партнерството и за подобра координација на развојната помош во насока на поддршка на реформските процеси и европската интеграција на државата.

