Македонија
Шаќири: Преку повеќе часови за политичко образование кај учениците градиме вредности на мултикултурализам и толеранција
Ако нашата цел е да создадеме млади луѓе што ќе бидат заинтересирани за позитивни промени во средината во која живеат и работат, тогаш во текот на образованието треба така и да ги обликуваме. Создавањето послободно и подемократско општество не е недостижен идеал. Потребен е само образовен систем, кој промовира и обезбедува почитување, толеранција, ненасилство и прифаќање на различностите, образовен систем, кој ги учи децата на мултикултурализам и демократија. А токму ова се основните вредности на кои се темели реформата на основното образование, која од оваа учебна година почна во прво и во четврто одделение, а етапно продолжува во другите одделенија.
Ова го нагласи министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на денешната конференција со наслов „Вклучување на политичкото образование во образовниот систем“, во организација на Претседателскиот центар за политичко образование при кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, а во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер.
Министерот укажа дека со реформата на образованието деветолетката се преобразува во систем на образование во согласност со национални стандарди, што значи дека со завршување на основното образование ученикот поседува компетенции што се однесуваат на познавањето и разбирањето на општеството, неговата историја и организација, за економските и политичките концепти, структури и движења, како и на вештините и ставовите што ќе му овозможат да се однесува демократски и одговорно и во иднина да биде одговорен граѓанин и мотивирано и активно да учествува во општествениот и граѓанскиот живот. Посочи дека би било добро во погорните одделенија од основното образование, во седмо, осмо и во деветто, во наставните програми да се воведат повеќе содржини и да се посветат повеќе часови на политичкото образование.
„Преку нив ученикот ќе ја стекне основата за критички да анализира и дискутира за вредностите на граѓанското општество, за разните улоги и однесувања на граѓаните и за својата улога во него, ќе се учи да препознава ситуации во кои има повреда на права и какви активности треба да се преземат во таквите ситуации, ќе знае што е демократија и слично. Ова е идеја за која ќе разговараме со Бирото за развој на образованието како институција задолжена за изработка на наставните програми“, рече министерот Шаќири.
Образованието треба да ги учи младите луѓе да дејствуваат, а не да бидат пасивни, да ги поттикнува на критичко размислување и на носење заклучоци врз основа на анализа на факти и тогаш, како што рече министерот Шаќири, преку процесот на учење ќе се обликуваат граѓани што тежнеат кон напредок, во соживот со поинаквите од себе и врз демократски принципи.
„За тоа ни е неопходно чистење на учебниците и вклучување теми што досега недостигаа, меѓу кои и тие поврзани со политичко образование. Процесот на етапно изготвување нови материјали за учење, во согласност со новите наставни програми, е во тек. Како креатори на образовните политики, отворени сме за конструктивни идеи и сугестии“, рече Шаќири.
Министерот ги посочи граѓанските организации и меѓународните партнери како важен фактор во креирањето на промените додавајќи дека Министерството е секогаш подготвено да го чуе гласот на младите, на кои овие реформи се однесуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Стипендиите во основните училишта во Центар зголемени за 1.000 и 1.500 денари
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, најави серија мерки за унапредување на образованието и поддршка на учениците во училиштата во локалната самоуправа.
„Донесовме одлука за зголемување на стипендиите за талентираните ученици во областа на науката, техниката и посебните вештини, како и за спортските стипендии, за 1.000 денари. Водејќи се од принципот на еднакви можности, стипендиите за учениците кои доаѓаат од семејства во социјален ризик ги зголемуваме за 1.500 денари“, истакна Герасимовски.
Во рамки на поддршката за учениците, повозрасните ученици ќе имаат можност за бесплатна екскурзија преку проектот „Сакај ја Македонија“.
Герасимовски, исто така, најави дека од септември, со почетокот на новата учебна година, сите ученици кои посетуваат целодневна настава ќе добиваат бесплатен, здрав и квалитетен оброк.
Општина Центар за оваа година предвиде средства и за почеток на капитални инвестиции за изградба и реконструкција на два затворени базени во рамки на основните училишта „11 Октомври“ и „Димитар Миладинов“.
„Со овие мерки Општина Центар испраќа јасна порака дека вложувањата во образованието, талентот и поддршката во секое дете, останува еден од највисоките приоритети“, вели Герасимовски.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Eксперимент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.

