Економија
Ковачевски: Со континуирана поддршка на компаниите создаваме услови за раст на платите

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска ја посети компанијата „Бимилк“ во Битола, една од најголемите компании во млечната индустрија, по повод 70 години постоење и работа на македонскиот пазар.
Во продолжение ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Ковачевски во целост:
„Ми претставува чест и задоволство што денеска заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, сме во посета на првата млекарница во државата токму по повод 70 години постоење и работа на македонскиот пазар.
Им честитам на раководството и вработените во компанијата за овој голем јубилеј.
‘Бимилк’ денес претставува наш препознатлив бренд и двигател на млечната индустрија во земјата. „Бимилк“ е значаен стопански фактор. Поддржувач на локалната економија и на фармерите млекопроизводители и учесник во општествените процеси со силна поддршка на заедницата во рамките на својата општествена одговорност како темелна вредност на компанијата.
Денес, ‘Бимилк’ ги обезбедува домашниот и пазарот во регионот со повеќе од 80 производи. Директно вработува 220 луѓе, а заедно со соработниците и компаниите со кои соработува овозможува егзистенција на речиси 1.500 семејства во земјата.
Успехот на оваа компанија од млечната индустрија се должи на имплементирање развојна стратегија насочена кон фармерите млекопроизводители и континуирано вложување во нова, современа технологија за унапредување на работата.
За тој тип на иницијативи и деловна храброст, и во услови на криза Владата континуирано издвојува средства за поддршка на компаниите и создаваме услови за раст на платите.
Во услови на пандемија донесовме и имплементиравме шест пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од речиси 1,2 милијарда евра. Со оваа ефикасна антикризна стратегија, која беше признаена и од меѓународните институции, како Меѓународниот монетарен фонд, беа сочувани приближно 60-80.000 работни места и беа поддржани над 20.000 компании.
Ова само ја потврдува определбата на Владата за одговорно владеење и грижа за стандардот на граѓаните и унапредување на економијата.
Посветено работиме за ублажување на последиците од најголемата глобална криза по Втората светска војна. Уште на почетокот ги презедовме сите неопходни чекори за да се ублажат ценовните шокови. Брзо и навремено донесовме пакет-мерки во вредност од 400 милиони евра за да се амортизираат притисоците врз стандардот на граѓаните и да се обезбеди ликвидност на компаниите. Тие со голема брзина се операционализираат и веќе даваат резултати.
Во постојан дијалог со бизнис-заедницата, синдикатите и сите засегнати страни го унапредуваме животниот стандард на граѓаните.
На тој начин ја зголемивме и минималната плата. Веќе 80.000 вработени, наши сограѓани, работници во разни дејности и индустрии, земаат 18.000 денари минимална плата. Дополнително, државата го субвенционира делот поврзан за придонеси.
Пензиите доживеаја историски највисок раст. Во дијалог со пензионерите дефиниравме методологија со која пензиите континуирано ќе растат без потреба од дополнителна интервенција. Дополнително, ги помогнавме и со директна помош од вкупно 3.000 денари за три месеци.
Во услови кога цените на горивата на светските берзи секојдневно растат, преку намалувањето на ДДВ-то и на акцизите денес имаме најевтини горива во регионот, што е особено добредојдено и за граѓаните и за компаниите.
Намаленото ДДВ за основни производи на 0 %, како и замрзнувањето на маржите, овозможи цените на овие производи да не пораснат неконтролирано, со што животниот стандард на граѓаните е заштитен, а потрошувачката кошничка пополна.
За компаниите овозможивме финансиска поддршка преку Развојната и преку комерцијалните банки преку користење бескаматни кредити, користење на Гарантниот фонд, како и поволни кредитни линии, кои ќе овозможат зелена транзиција. Пред нас е период полн со предизвици за кои сум уверен дека со правилен пристап посветено и заеднички ќе ги премостиме“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Владата нема да ги толерира триковите на трговците ако ги зголемат цените без основа

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека будно се следи состојбата со цените и најави дека Владата ќе реагира доколку се утврдат непринципиелни однесувања кај трговците, посочувајќи дека мерки ќе бидат донесени доколку е потребно.
„Состојбата со цените апсолутно ја следам одблиску, реков дека нема да толерирам трикови, внимателно следиме што се случува во маркетите и се разбира, доколку има одредени непринципиелни однесувања што јас ги нарекувам трикови, ќе делуваме. Инаку, имаме во план да носиме мерки со кои јавноста ќе биде запознаена благовремено“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за време на манифестацијата „Од нива до трпеза“ во општина Аеродром.
Тој најави дека Владата ќе го разгледа Извештајот на Државниот пазарен инспекторат кој се однесува на состојбата со цените по завршувањето на владините мерки, по што ќе излезе со официјален став во јавноста.
Во однос на цените на овошјето, премиерот истакна дека покачувањето кај црешите и јаболките е резултат на неповолните временски услови, и најави дека намалениот род ќе влијае на понудата.
„Нивната цена не е 500 денари, туку од 200 до 300 денари по килограм, но и тоа е многу. Тоа е така поради студот, тоа што беше елементарна непогода за црешите, истото го афектираше и ресенското јаболко. Иако оваа година очекувавме и таму голем род, за жал тоа нема да се случи, ќе биде преполовено, ако не и трипати намалено поради неколкуте недели кога имаше ниски температури. Ретка е понудата на трпезата, очекувам истото да се случи и со јаболката кога ќе дојде редот“, изјави Мицкоски.
Од друга страна, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека нема драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи, и уверува дека пазарните инспектори ја следат состојбата низ целиот синџир – од производство до продажба.
„Нема драстично зголемување на цените во делот каде што ние сме надлежни, во делот на прехранбени основни производи. Секој месец Државен пазарен инспекторат ќе биде на терен, ќе гледа, и ако случајно се случува да имаме зголемување енормно без економска оправданост од трговците, нормално дека ќе донесеме пак одлуки. И тоа сум го кажал и во други изјави – ќе донесеме поригорозни мерки од тие што сме ги презеле досега“, рече Дурмиши на новинарско прашање во Тетово, каде присуствуваше на настан за промоција на Оперативниот план за вработување за 2025 година.
Министерството за економија и труд на 20 февруари предложи мерка што Владата ја изгласа, со која беа ограничени маржите за 100 групи производи, а замрзнати цени за осум артикли. Мерката траеше до 30 април, по што започна мониторинг на цените во цел месец мај.
Економија
Од идеја до бизнис со помош на државата, Владата обезбеди 40 милиони евра

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска престојуваше во Тетово каде што оствари работна посета и средба со граѓани, локални претприемачи и претставници на институции. Целта на посетата беше директна презентација на активните мерки за вработување кои се предвидени со Оперативниот план за 2025 година.
Овој план, кој се спроведува преку Агенцијата за вработување, е една од клучните алатки на Владата за зголемување на вработеноста и поттикнување на претприемништвото. За неговата реализација, во 2025 година се издвоени над 40 милиони евра, што претставува највисок досега буџет наменет за оваа цел.
„Преку Оперативниот план за вработување, државата првпат системски пристапува кон решавање на невработеноста – не само преку финансиска помош, туку и со структурна поддршка, менторство и обука. Граѓаните добиваат реална можност да започнат сопствен бизнис, да креираат работни места и да придонесат во локалната економија“, истакна министерот Дурмиши.
Во рамки на Планот за 2025 година, активни се три главни мерки за самовработување:
Мерка 1.1 – Финансиска поддршка до 7.000 евра за лица постари од 29 години кои сакаат да отворат сопствен бизнис. За работодавачите кои ќе вработат лице со попреченост, се предвидува дополнителна поддршка од 4.000 евра.
Мерка 1.2 – Поддршка до 10.000 евра за млади лица до 29 години кои имаат одржлива и иновативна бизнис-идеја.
Мерка 1А – Поддршка до 20.000 евра за формирање на заеднички бизнис од страна на најмалку две невработени лица.
Сите мерки се спроведуваат преку интегриран пристап, кој опфаќа: идентификација на потреби, професионално советување, обука, развој на бизнис-план, административна поддршка и менторство во првите 12 месеци од работењето.
„Наша цел е да изградиме економија базирана на знаење, иницијатива и локален развој. Овие мерки не се само финансиски поттик – тие се платформа за личен и професионален напредок. На младите не им велиме само да останат тука – туку им даваме услови за да успеат“, нагласи министерот Дурмиши.
Во рамки на теренската комуникација, министерот ќе продолжи со посети во повеќе општини – Гостивар, Кичево, Липково, Сарај и други – со цел директно информирање и вклучување на граѓаните во овие програми.
Аплицирањето за мерките веќе е започнато, а до крајот на вчерашниот ден се регистрирани над 2.500 апликации.
Економија
Мицкоски: Земјоделците се херои на денешницата, Владата останува посветена на нивната поддршка

На манифестацијата „Од нива до трпеза“, која денеска се одржува во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски упати јасна порака за поддршка на македонските земјоделци, нагласувајќи дека Владата силно се залага за развојот на земјоделскиот сектор и поддршка на оние кои го одржуваат аграрот жив.
„Македонија има потенцијал – и тоа не е празна фраза, туку фактичка состојба. Имаме сонце, имаме вода, имаме плодна почва, но најважно од сè – имаме луѓе. Луѓе кои не се плашат да станат рано наутро, да ги извалкаат рацете во кал, да работат до доцна навечер. Тие се тивките херои на нашето време. Тие се темелот на нашата економија, чуварите на традицијата и креаторите на иднината“, изјави премиерот.
Мицкоски подвлече дека земјоделството е еден од стратешките приоритети на Владата, наведувајќи дека во последните 11 месеци биле исплатени повеќе од 8 милијарди денари за субвенции и други форми на финансиска помош за земјоделците.
„Ова не се празни ветувања – ова се мерливи резултати. Тие говорат за нов пристап, нова енергија и визија со која сакаме да го издигнеме земјоделството, да ги поттикнеме младите генерации да се вклучат во овој сектор, и пред сè – да ја зајакнеме довербата кај секој земјоделец“, рече премиерот, апелирајќи до граѓаните да избираат македонски производи и со тоа директно да го поддржат домашното производство.
На манифестацијата учествуваат 25 општини од целата земја, претставувајќи уникатни традиционални производи како што се домашни вина, печива, мед и рачни изработки.
Настанот е во организација на здружението „Наша традиција, наша иднина“, со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Главната цел е да се истакне богатството на македонската традиционална храна и да се промовира руралниот туризам како ресурс со сериозен економски и културен потенцијал.