Свет
Во Шри Ланка прогласена итна, вонредна здравствена состојба
Здравствените власти на Шри Ланка прогласија итна, вонредна здравствена состојба бидејќи општата криза се влошува.
Највисокото медицинско тело на Шри Ланка прогласи вонредна состојба во јавното здравство поради недостиг на лекови и опрема во земјата.
Во извештајот на Би-би-си се прецизира дека тоа значи дека државните здравствени установи, од кои зависи мнозинството жители на оваа островска држава, отсега приоритет ќе им даваат само на итните случаи.
Оваа јужноазиска нација, исто така, се бори со прекини на струја и недостиг на електрична енергија предизвикани од економската и финансиската криза, што доведе до масовни протести против претседателот Готабаја Рајапакса.
Целата влада на Шри Ланка поднесе оставка, но претседателот досега одбиваше да поднесе оставка самоиницијативно, а наместо тоа ги повика опозициските партии да му помогнат да формира нова, национална влада.
Револтираните граѓани на Шри Ланка му пркосеа на полицискиот час кој требаше да трае од петок до недела за да ги запрат планираните протести.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите утрово го нападнаа Киев со дронови, сите ги соборивме
Русија рано утринава изврши неколку напади со беспилотни летала врз Киев, а единиците за противвоздушна одбрана успешно го бранат градот, соопшти украинската армија.
Ројтерс пишува дека сведоци слушнале бројни експлозии во главниот град на Украина, како и дека виделе како воздушната одбрана ги уништува објектите во воздух.
Сите беспилотни летала лансирани од Русија во Киев се уништени со одбранбени системи или неутрализирани со електронско војување, изјави Серхи Попко, шеф на воената администрација во Киев.
Проценките за размерите на нападот ќе бидат објавени во текот на денот, но според првичните информации нема жртви и не е забележана штета, додаде тој.
Предупредувањето за воздушен напад за подрачјето на Киев, Киевската област и целиот источен дел на Украина беше во сила утринава повеќе од пет часа, соопштија од украинските воздухопловни сили.
Европа
Норвешка размислува за изградба на ограда на границата со Русија
Норвешката влада размислува да изгради ограда долж границата со Русија за да ја подобри безбедносната ситуација во земјата. Оградата треба да помогне во случајот на протокот на бегалци од Русија во Норвешка, пишуваат норвешките медиуми.
Тие потсетуваат на ситуацијата во 2015 година, кога 5.000 руски баратели на азил пристигнаа пеш и со велосипеди преку Сторског, еден од граничните премини меѓу Норвешка и Русија.
Норвешката министерка за правда Емили Енгер Мел рече дека изградбата на ограда може да биде еден начин за подобрување на безбедносната ситуација.
НРК известува дека Мел е инспирирана од примерот на Финска, која продолжува да гради огради на границата со Русија. Таа нагласи дека тоа е скап процес, па затоа е неопходно да се процени релевантноста на ваквите инвестиции.
Конкретно, министерката за правда смета дека е можно да се инвестира во набавка на дронови за патролирање на територијата, како и зголемување на бројот на граничари во Сторског.
Копнената граница меѓу Норвешка и Русија е долга 200 километри.
Свет
Израелците го убиле лидерот на Хамас во Либан
Лидерот на Хамас во Либан е убиен во израелски напад, објави палестинската милитантна група. Фатех Шериф Абу ел-Амин е убиен заедно со некои од членовите на неговото семејство во нападот во јужен Либан, се вели во соопштението.
Хамас речиси една година води војна против Израел во Газа. Слично на либанската милитантна група Хезболах, таа е поддржана од Иран.
Изјавата на Хамас утрово дојде откако друга палестинска милитантна група, Народниот фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП), соопшти дека тројца нејзини водачи биле убиени во напад во центарот на Бејрут.
И тој напад му се припишува на Израел, но израелската војска се уште не го потврдила.