Европа
Украина ја обвини Унгарија дека му помага на Путин и го уништува единството на ЕУ
Киев ја обвини Унгарија дека му помага на Путин во војната против Украина еден ден откако Виктор Орбан изјави дека е подготвен да купува руски гас во рубли за разлика од другите земји од Европската Унија.
„Будимпешта влезе во нова фаза: му помага на Путин да продолжи со својата агресија против Украина“, изјавил портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олег Николенко.
„Унгарија со таквата позиција го уништува единството на Европската Унија“, рекол тој.
„Киев ги анализира изјавите на Унгарија, која изрази подготвеност да го плати рускиот гас во рубли и смета дека тоа е непријателски однос кон нашата земја“, изјавил Николенко, пренесуваат медиумите во светот.
Тој го нарекол циничен предлогот на Унгарија до рускиот претседател Владимир Путин да дојде во Будимпешта, која нуди организирање руско-украински разговори.
„Ако Унгарија навистина сака да стави крај на оваа војна, еве што да прави: да престане да го поткопува единството на Европската Унија, да ги поддржи новите санкции против Русија и воената помош за Украина и да не создава дополнителни извори на финансирање за руската воена машина“, рекол тој.
Европската Унија в петок ја разгледува петтата рунда санкции, кои првпат ќе го опфатат енергетскиот сектор со ембарго за купување руски јаглен и затворање на пристаништата во Унијата за руски бродови.
Според светските гласила, во списокот на санкционирани треба да се најдат и двете возрасни ќерки на Владимир Путин и уште неколку руски олигарси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Вонредна состојба во Италија, поплавени се два региони
Италија прогласи вонредна состојба денеска за два поплавени региони на северот од земјата по неколкудневните поројни врнежи.
Поројните врнежи предизвикаа поплавени патишта во двата региона. Вкупно, повеќе од 2.500 луѓе мораа да бидат евакуирани од своите домови. Зафатени се неколку градови, вклучувајќи ги Болоња, Модена и Равена, како и приморското одморалиште Римини на јадранскиот брег.
Европа
Украинската војска добива повеќе пари за борбата против рускиот напад
Украинската војска добива повеќе пари за борбата против рускиот напад според новиот закон потпишан од претседателот Володимир Зеленски, кој претходно беше усвоен од Парламентот, јави ДПА.
Локалните медиуми денеска објавија дека новиот закон ги зголемува воените трошоци за 500 милијарди гривни (околу 12 милијарди долари). Засилувањето ќе се финансира со заеми, даноци и зголемување на давачките за тутунот и горивото. Зголемувањето треба да се искористи за исплата на надоместоци за војниците во првите редови овој месец.
Земјата се брани од руска инвазија повеќе од две и пол години. Украина вели дека добила преку 98 милијарди долари финансиска помош од странство од почетокот на војната во февруари 2022 година.
Европа
Пристигна првата реакција на Русија на планот за победа на Зеленски
Русија го отфрли планот за победа на украинскиот претседател Володимир Зеленски и рече дека планот нема никаква врска со потрагата по дипломатско или политичко решение за ставање крај на војната и го опиша како себичен гамбит на Зеленски.
Зеленски рече дека неговиот план, чии детали допрва треба да се откриваат, е финализиран по долги консултации. Тој треба да му го претстави на американскиот претседател Џо Бајден и да се обрати на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации во вторник. Зеленски рече дека неговата иницијатива е дизајнирана да создаде прифатливи услови за Украина, која е во конфликт со Русија повеќе од две и пол години.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, им изјави на новинарите дека планот изгледа како себичен гамбит на украинскиот лидер кого Москва го обвинува дека се обидува да го вовлече Западот во вистинска војна против Русија.
„Единствената цел е да се спречи распадот на антируската коалиција и тоа, се разбира, нема никаква врска со задачата да се најде политичко и дипломатско решение за ситуацијата во врска со Украина“, рече Захарова.
Таа го повтори ставот на Москва дека Западот треба да престане да го финансира и снабдува Киев со оружје и рече дека секоја иницијатива со наводна цел да се постигне мирно решение е бесмислена ако не ја вклучува Русија. Истовремено, таа рече дека Москва е загрижена за, како што наведува, зголемените провокативни активности на НАТО на границата со Белорусија и додаде дека не исклучува обиди за ескалација на конфликтот во регионот.
Москва, исто така, во петокот го повика Западот за притисок врз Кина поради Тајван, велејќи дека неговите „провокативни“ активности ја поткопуваат регионалната стабилност и меѓународната безбедност. Захарова истакна дека Русија ги поддржува потезите на Кина насочени кон одбрана на нејзиниот суверенитет.
Кинеското Министерство за одбрана во петокот соопшти дека продажбата на американско оружје на Тајван сериозно го прекршува принципот една Кина и одредбите од заедничката официјална комуникација меѓу Кина и САД. Кина во средата објави дека ќе преземе мерки против девет компании поврзани со американската војска за продажба на американско оружје на Тајван.