Македонија
Ден на високи гости на вежбата „Блесок 22“

По успешно завршеното оценување на лесниот пешадиски баталјон во рамките на воената вежба „Блесок-22“, денеска, со почеток во 11 часот, на армискиот полигон ,„Криволак“ ќе се реализира т.н. ден за високи гости, соопштија од Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.
Според програмата, преку изведување вежба со бојно гаѓање – „Засилен лесен пешадиски баталјон во напад“, ќе бидат демонстрирани ситуации и постапки со кои ќе се прикажат обученоста и извежбаноста на припадниците на Армијата од лесниот пешадиски баталјон и некои од единиците што учествуваа на вежбата „Блесок-22”.
На денот за високи гости ќе присуствуваат: претседателот на Владата на Република Северна Македонија – Димитар Ковачевски, министерката за одбрана – Славјанка Петровска, и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник – Васко Ѓурчиновски, претставници од кабинетот на претседателот, од Собранието, министри од Владата, генералите на Армијата, од генералштабот и Министерството за одбрана, команданти на командите и единиците на Армијата, воените аташеи акредитирани во Република Македонија и други гости, информираат од Министерството.
Додаваат дека оценувањето на лесниот пешадиски баталјон, кое се реализира во согласност со концептот за оперативни способности на НАТО, го спроведе оценувачки тим на Армијата на Република Северна Македонија, поддржани од оценувачи од други земји и тим на монитори од НАТО, при што официјалната оценка е „борбено оспособен за извршување на својата мисија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Катерина Мирчовска именувана за нова директорка на болницата во Кочани

Катерина Мирчовска е именувана за нова директорка на болницата во Кочани, објави директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.
„Силно лидерство за болницата во Кочани!
Вчера за директорка на Општата болница Кочани е именувана Катерина Мирчовска, хирург. Веста помина штуро, со појаснување дека тоа е на барање на повредените од трагедијата за Кочани.
Катерина ја запознав низ работата за повредените од трагедијата во Кочани. Импресионира на прв впечаток. Полна со енергија, посветена, професионална, со големо срце, ги знае во детали сите најразлични потреби на повредените. Катерина се откажа од својот трансфер во ГОБ 8 септември Скопје за да се посвети на повредените“, објави Клековски на „Фејсбук“.
Тој додава дека Катерина е најдобар можен избор за водење на болницата во периодот на опоравување на повредените и ветува силно лидерство за болницата во овој критичен период.
Македонија
Меџити во Украина: Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, Изет Меџити, денес учествуваше на Самитот „Украина – Југоисточна Европа“ што се одржа во Одеса, Украина.
Самитот, кој беше отворен од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претставува продолжение на претходните средби одржани во Атина, Тирана и Дубровник, со учество на високи претставници од земјите на Југоисточна Европа. Главната цел на самитот е поддршка за Украина и зајакнување на регионалната соработка и безбедноста.
Во своето обраќање, вицепремиерот Меџити изрази благодарност за гостопримството на украинските власти и ја реафирмираше непоколебливата поддршка од страна на Северна Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
„Обединети сме пред предизвиците кои го загрозуваат мирот, безбедноста и меѓународниот поредок. Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната“, – истакна тој.
Вицепремиерот Меџити ја нагласи и посветеноста на земјата за продлабочена регионална соработка и изградба на безбедна, мирољубива и демократска Европа.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Османи: Прво ставивте нож во македонскиот идентитет, а сега дрско сакате да држите лекции за наводен патриотизам

Бујар Османи, министерот кој го прифати францускиот предлог без да трепне, кој го претвори Министерството за надворешни работи во огранок на бугарското МНР и кој ги жртвуваше македонскиот идентитет, јазик и историја за фотосесија со европски бирократи, сега се јавува со патетични морални лекции, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ќе беше смешно, ако не беше трагично.
Османи зборува за „внатрешна кохезија“ откако со години активно работеше на нејзино разнебитување.
Тој кој не кажа ни збор кога Бугарија бараше да не постоиме како народ.
Тој кој ја потпиша капитулацијата наречена преговарачка рамка, со наведната глава и без консултација со народот.
Тој што направи параван од „европски вредности“ за да протне асимилација под европско знаме.
Ако некој ја злоупотреби политиката за криминали цели тоа беше ДУИ и Османи, кои држеа говори во кои повикуваа на „света борба за двојазичност”, но како безобразен параван за корупција, кражби и ограбување на сите граѓани: и Македонци, и Албанци, и Турци, Роми Срби, Власи, Бошњаци и останати.
Османи денес зборува за „популизам“ откако целата негова кариера е изградена на клиентелизам, поделби и трговија со националните интереси. И ни збор за тоа што токму тој беше прв што прифати Бугарите да бидат ставени во Уставот, без никаква гаранција за македонскиот народ.
Да му појасниме: Македонија не е ничиј туѓ дом, ама не е ни дом на политичари што ја распродаваат.
Граѓаните не ја заборавија шверцерската ноќ на 16 јули.
Не ја заборавија тишината со која дозволи да се гази врз сè македонско.
Не заборавија дека твојата „дипломатија“ заврши со тоа Македонија да не започне ниту еден кластер, ама затоа добивме бугарски клубови и закани за порекнување на нашето постоење.
Затоа, Османи, подобро молчи.
Историјата ќе те памети како министерот кој го прифати условот македонскиот народ да стане „производ на Коминтерната“. А народот ќе ти го врати со истиот јазик кој најдобро го разбираш“, пишува во соопштението.