Македонија
Во продажба е дневен билет од 120 денари за неограничен број возења

Од денеска во билетарниците и центрите за персонализација на ЈСП „Скопје“ пуштен е во продажба дневен билет, кој чини 120 денари и важи за повеќекратно користење на сите линии во текот на еден ден.
Новиот тип на билет важи од 5 до 24 часот, со можност за неограничен број возења, односно преседнувања на сите линии (градски и приградски).
Патникот има обврска да го валидира билетот на постојните валидатори во секое возило во кое ќе преседнува.
Билетот се воведува со цел да се овозможи подостапно и полесно користењето на јавниот превоз на оние патници што имаат потреба од повеќекратно користење јавен превоз во текот на еден ден, а не поседуваат електронска картичка „Скопска“ (туристи, граѓани од внатрешноста, граѓани што инцидентно имаат потреба од јавен превоз и слично).
Новата услуга, новиот билет, е во согласност со одлуката на Советот на Град Скопје за изменување и дополнување на одлуката за интегриран тарифен систем во линискиот превоз во градот Скопје, со цел унапредување и олеснување на услугите на корисниците на јавниот градски и приградскиот превоз.
Цената на сите други билети останува иста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Улици во Чаир без вода, намален притисок во Топанско Поле

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека, денеска поради поврзување на нова со стара постоечка водоводна мрежа на улица Кемал Сејфула бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Џон Кенеди и дел од улицата Кемал Сејфула, а со намален притисок ќе остане населбата Топанско Поле во општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Делови од Ѓорче Петров и Чучер Сандево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска без напојување со електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 13:00 часот, објектите на Полициската Станица и базата на БППЗ во Ѓорче Петров, општина Ѓорче Петров;
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од нас. Кисела Јабука, општина Ѓорче Петров;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од селата: Побожје, Бродец, Танушевци, Брест и Малино, општина Чучер Сандево;
· од 11:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Кадињача, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Утрото ведро и посвежо, преку денот сончево со температура до 27 степени

Утрото ќе биде ведро и посвежо, преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7, а максималната ќе достигне од 19 до 27 степени.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Времето во наредниот период
Во четврток попладне и во петок ќе има услови за локален краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува умерен северен ветер. Во деновите од викендот ќе биде стабилно, сончево и топло со мала до умерена облачност, а од почетокот на следната седмица се очекуваат повремени врнежи од дожд и појава на грмежи.