Економија
Владата: Со вкупно 615 милиони евра ги амортизиравме ценовните шокови

За амортизирање на ценовните шокови предизвикани од пандемијата и воениот конфликт во Украина, Владата издвои речиси 615 милиони евра. Минатата година преземени се мерки за амортизирање на порастот на цените, а годинава дополнително е донесен сет од 26 мерки за поддршка на стандардот на граѓаните и фирмите, но и за финансиска поддршка на фирмите преку Развојната банка, соопшти владината прес-служба.
„Благодарение на овие мерки имаме најниска цена на нафта и нафтени деривати во регионот. Ефектите од владините одлуки дадоа резултати. Преку замрзнување на цените на прехранбените производи, а потоа и намалување на данокот на додадена вредност од пет на нула проценти, успеавме да спречиме огромен раст на цените. Дополнително, на основните прехранбени производи се ограничени и малопродажните и големопродажните маржи за заштита на стандардот на граѓаните. Без овие мерки, сметките за храна би биле повисоки за 1.500 денари месечно. Дополнително, за ранливите категории граѓани обезбедивме финансиска поддршка од 1.000 денари месечно за да може да ги покријат своите сметки и ја покачивме минималната плата на 18.000 денари.
Во изминатиот период Владата сите ресурси ги насочи кон справување со кризата. Со мерките за одржување на ликвидноста на компаниите и ликвидноста на енергетскиот сектор, како држава одлучивме 80 проценти од сметките за електрична енергија да ги субвенционираме. Без овие мерки, цената на електрична енергија, односно сметките за струја на граѓаните би биле за 2.150 денари повисоки. Доколку не беа ограничувањата на маржите и намалувањето на ДДВ, а нафтените деривати би ги плаќале само по основ на ДДВ, без намалувањето на акцизата, 300 денари повеќе.
Порасна и просечната плата, а во повеќето од секторите во државата во изминатите години платите беа покачени и над 20 проценти во изминатите три години. Владата е на чекор од реализација на ветувањето од минимум 30.000 денари просечна плата, последните податоци покажуваат дека просечната плата изнесува 29.980 денари“, додаваат од Владата.
Од таму велат дека влогот во стандардот на граѓаните е врвен приоритет, особено во услови на огромна економска криза и Владата ќе продолжи финансиски да ги поддржува и граѓаните и компаниите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.
Економија
Владата работи на зголемување на просечната плата, најави Мицкоски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со растот на платите во државата, со оглед на најновите статистички податоци, според кои просечната нето плата бележи раст и изнесува 45.800 денари, изјави:
„Прво што сакам да кажам е дека и тоа не е доволно. Дека треба да биде уште поголема просечната плата, и во таа насока продолжуваме, како Влада, да работиме. Но и самиот факт и бруто и нето, од просечната плата растат повеќе од 11% е демант за сите оние, би рекол, некрофили во рамките на опозицијата, кои што изминатиов период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста, дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Но овие податоци коишто пристигнуваат се само доволен доказ дека тие, освен тоа што не говорат вистина, шпекулираат, конструираат и креираат невистини. Друго ништо не можат да сработат и токму затоа таква е состојбата во опозицијата, и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив.“
Владата продолжува да работи, рече премиерот, за граѓаните да имаат уште повисоки примања.
„И нормално, ние како Влада продолжуваме и понатаму да работиме за уште повисоки примања на работниците, затоа што тоа е наша цел, да испорачаме тоа што граѓаните од нас очекуваат.“, објасни Мицкоски.