Македонија
Мицкоски за Зекири: Некредибилниот премиер најмалку што требаше да направи е да се извини

При денешната посета на општина Кочани, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали очекува да има правда за случајот „Пошта“ и поранешниот генерален секретар Мухамед Зекири, истакна дека некредибилниот премиер најмалку што требаше да направи е да се извини заедно со вистинскиот премиер, кој денеска си ги троши парите, кои видовме како се стекнувале.
„Најмалку што очекувам беше овој некредибилен премиер да се извини бидејќи неговиот генерален секретар е фатен во тежок криминал и најмалку што требаше е да излезе пред граѓаните и да се извини заедно со тој што е висински премиер, а кој денеска си ги троши парите стекнати на начин на кој видовте како се стекнувале пари. Правда во Македонија нема, но веќе од денеска, веднаш по одржувањето на предвремените парламентарни избори, ќе бидат ослободени и Обвинителството и судството, кои многу јасно ни покажаа како функционираат – министерот во средина, левата страна обвинителот, десната страна судијата, никој не го споменува судијата, распрашајте се кој е судијата што седеше до министерот и колкаво е неговото значење кога се носат одлуки кои ќе бидат обвинители и судии, треба јавноста и медиумите многу посериозно да се занимаваат со таа тема. Тоа е јасен приказ дека ние живееме во заробена држава, држава во која немаме ниту слободно Обвинителство ниту слободно судство, затоа степенот на доверба ни е скромни 8 проценти и затоа граѓаните не веруваат во правдата. Тоа го кажуваат сите оние што имале работа и со обвинители и со судии. Но, набргу, од денеска, сето тоа ќе биде ослободено и ќе може правдата, конечно, во Македонија да дојде, а со правдата и покомотно да живеат граѓаните и да имаат поголема доверба во тие институции“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Работниците се темелот за иднината на Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ во честитката за 1. Мај

ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на нови економски политики и подобрување на стандардот, работниците се темелот за иднината на Македонија, велат од партијата во честитката по повод Меѓународниот ден на трудот, упатена до граѓаните.
„Овој ден е симбол на борбата за работничките права. ВМРО-ДПМНЕ останува посветено на создавање нови економски политики кои ќе овозможат отворање на нови работни места, подобрување на стандардот и креирање општество во кое секој граѓанин ќе има можност за напредок и просперитет.
Нека овој ден биде поттик за сите, за продолжување на заложбите кон градење посилна поправедна и поуспешна Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ го оддава заслуженото признание на сите работници. Нивната посветеност труд и истрајност се темелот врз кој се гради иднината на Македонија.
Честит празник!“, се вели во пртискта честитка.
Македонија
Средба на Муртезани со претставници на Јапонската агенција за меѓународна соработка

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во својство на национален координатор за странска помош, денеска во Осака, Јапонија, оствари билатерална средба со претставници на Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA), Кеи Тојама, генерален директор на Одделот за Блискиот Исток и Европа и со Ери Накамура, директорка на Одделението за Европа.
„На средбата беше потврдена исклучително плодната и долготрајна соработка меѓу Северна Македонија и Јапонија во областа на билатералната развојна помош, која досега изнесува над 421 милиони американски долари. Министерот Муртезани изрази искрена благодарност за континуираната поддршка од Јапонија, особено преку Официјалната развојна помош (ODA), која обезбеди значајни средства за проекти во повеќе сектори, како што се здравство, животна средина и во приватниот сектор, како и програмите за развој на човечки ресурси и проектите на локално ниво преку Grassroots Grant Projects (GGP), чиј годишен буџет значително се зголеми по 2018 година.
Меѓу успешно реализираните иницијативи беа издвоени проектот за примена на решенија базирани на екосистеми за намалување на ризиците од природни катастрофи, како и програмата за менторирање на мали и средни претпријатија, кои беа оценети како примери за ефективна и одржлива соработка. Муртезани ја нагласи стратешката важност на неодамна ратификуваниот Договор за техничка соработка со Јапонија, кој стапи во сила во февруари 2024 година, потенцирајќи дека истиот претставува основа за отворање на канцеларија на JICA во Скопје, значаен чекор кон унапредување на ефикасноста и координацијата во спроведувањето на заедничките проекти.
Во рамки на разговорите, од македонска страна беше иницирана идејата за натамошно проширување на партнерството преку унапредување на соработката во секторите на здравството и образованието, како и разгледување на можностите за обезбедување грантова поддршка за развојни иницијативи во овие области.
Дополнително, беше потврдено дека за фискалната 2025 година ќе бидат поддржани две нови иницијативи: продолжување на програмата за менторирање на малите и средни претпријатија и ангажирање на регионален експерт за развој на туризмот, што дополнително ќе го збогати спектарот на заеднички активности“, информираа од министерството за европски прашања.
Македонија
Левица: 102 имота во имотниот лист на ДПМНЕ – која им е вредноста и од каде ви се толку пари?

ВМРО-ДПМНЕ во својот имотен лист има запишано неверојатни 102 имота распоредени на атрактивни локации низ цела држава, велат од политичката партија Левица.
„Кога ќе се погледнат добро 102-та имотни листа, во нив ќе се видат не само објекти, туку и шуми, ливади, пасишта, ниви!? Имајќи ја предвид нивната мегаломанска бела палата и сите овие 102 имота, ВМРО-ДПМНЕ е најбогатата политичка партија не само во Македонија, туку и во Европа!
Од Левица јавно прашуваме и бараме директен одговор од ДПМНЕ:
Колку е вредноста на сите овие 102 имота, запишани на 102 имотни листа и од каде ви се средствата со кои сте ги купиле?
На народот му должите одговори, а не замајување на јавноста со избегнување на одговорот и во вмровски стил – вртење на темата во друга насока.
На народот му должите одговори, бидејќи наспроти луксузот во белата палата на ДПМНЕ, се распаѓаат крововите на болниците. Наспроти вредноста на вашите над сто имота, вие како власт немате пари за лекови! Како власт не водите сметка да има пари за центар за изгореници! Не издвојувате пари за зголемување на минимална плата! Немате пари за противпожарни возила! Немате пари за наставниците, за персонал во градинките, за земјоделците, за стечајците, за работниците!
Ненаситно и бездушно сте насочени кон остварување на вашите капиталистички интереси, кон градење на суров капитал без око да ви трепне за основната егзистенција на народот!“, се вели во соопштението на Левица.