Македонија
Магистерот по фармација Славица Тодоровска од „Хемофарм“ советува: Запекот мора да се лекува
Секој шести човек во светот има проблем со неправилно празнење на цревата. Оваа непријатна појава е трипати почеста кај жените.
Запекот доведува до оштетување на здравјето на целиот организам, затоа внимавајте на опасностите и реагирајте навреме.
Идеално би било да поминат 12 или најмногу 48 часа од јадење до празнење на цревата. Нашето тело се ослободува од токсините и непотребните необработени материи така што ги испраќа во цревата, кои би требало да исфрлаат отпад. Но, ако страдате од запек, метаболистичкиот отпад останува во цревата, се нарушува цревната флора, а насобраните токсини преку крвта стигнуваат до сите органи.
– Секојдневното празнење на цревата е еден од темелите на нашето добро здравје, а запекот, сепак, го нарушува здравјето на целиот организам. Ако цревата не се празнат редовно, се појавуваат хемороиди, надуеност, болки во стомакот, во цревата се таложат гасови заедно со токсините, проследени со главоболка, изнемоштеност. Затоа бидете свесни за опасностите и реагирајте на време – предупредува Славица Тодоровска, магистер по фармација, менаџер на претставништвото на „Хемофарм“ во Р Македонија.

Запекот најчесто е предизвикан од исхрана со малку влакна и прекумерна консумација на млечни производи, особено масни сирења, месо, јајца, сувомесни производи и храна што го забавува варењето. Некои студии предупредуваат дека чоколадото во големи количини може да предизвика нарушување. Долгото седење, недоволната физичка активност, лошата навика за одржување на столицата, но и некои лекови секако придонесуваат за појава на запек.
– Некои антидепресиви може да предизвикаат запек, па доколку забележите таков проблем, информирајте го вашиот лекар и замолете го да ви го смени лекот. Запек може да предизвикаат и некои лекови против болки, антихистаминици кои ги користиме против алергии, како и лекови за висок крвен притисок. Диуретиците, на пример, го намалуваат крвниот притисок со тоа што го поттикнуваат излачувањето на урината, а водата е потребна за столицата да биде помека и полесно да се исфрли содржината на цревата – објаснува нашата соговорничка.
И некои болести често се придружени со појава на запек.
– Дијабетес, мултиплекс склероза, Паркинсонова болест, депресија често може да бидат придружени со проблемот на неправилно празнење на дебелото црево.
Запек често се јавува во текот на бременоста. Американските студии од Медицинскиот факултет „Харвард“ во Бостон предупредуваат дека послабата активност на тироидната жлезда, хипотироидизмот, ги забавува метаболичките процеси, го забавува варењето, па се препорачува младите кои имаат проблеми со запек да ја проверат функцијата на тироидната жлезда – вели фармацевтот Славица Тодоровска.
Запекот не е безопасна појава и мора да се лекува.
– Прво променете ги животните навики. Јадете што повеќе свежо овошје и зеленчук, а потоа зготвена храна и оброците нека ви бидат помали и почести. Пијте 2 литри вода дневно за да спречите дехидрација. Движете се, вежбајте. Не одложувајте го движењето на дебелото црево кога чувствувате потреба. Ако сето ова не помогне, побарајте лекарска помош и користете само лаксатив што ви го препишал вашиот лекар. Не користете лаксативи сами, особено не подолг временски период, бидејќи злоупотребата на лаксативи може да предизвика зависност, што значи дека вашите црева во тој случај нема да функционираат правилно без нив – вели Славица Тодоровска од „Хемофарм“.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.
Македонија
Состојба по обилните врнежи во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со кризи направи пресек на состојбата по врнежите на територијата на Македонија до 18:30 часот.
Тетовски регион
Тетово
На патниот правец Тетово – Бањиче, пред ресторанот „Лумаре“, има падната голема карпа на коловозот со опасност од дополнителни одрони. За настанот се известени ЈКП Тетово, СВР Тетово и ДЗС, кои преземаат мерки согласно надлежностите.
Состојбата во градот и околината е стабилна, патната инфраструктура е проодна, а коловозите се претежно влажни.
Гостивар – Маврово
Кај каменоломот е евидентиран одрон на патниот правец Гостивар – Маврово. Надлежните служби се известени и најавено е расчистување и обезбедување на сообраќајот.
Тиквешки регион
Кавадарци
Во ридско-планинскиот дел се интервенира со два камиона на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава. Сите патишта се проодни во зимски услови. Висината на снежната покривка е до 15 см. Во останатите населени места нема снег.
Североисточен регион
Куманово, Липково и Старо Нагоричане
Нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Патот од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат и небезбеден, по што е извршена интервенција и патот е расчистен.
Крива Паланка
Сите локални и регионални патни правци се проодни и чисти. Интервенирано е на патот кон манастирот Св. Јоаким Осоговски поради одрон.
Ранковце
Патот од с. Пклиште до с. Герман е затрупан со снег и е испратена механизација за расчистување. Делницата е со кашаст снег и отежнато движење.
Кратово
Сите локални патни правци се проодни. Водостоите на реките не претставуваат опасност од излевање.
Источен регион
Штип
Нема врнежи. Водостоите се зголемени, но без опасност од поплавување. На патните правци Истибања – Делчево – граничен премин, Виница – Берово и Штип – Неготино има помали одрони кои редовно се расчистуваат.
Југозападен регион
Охрид
Реката Сушица е ставена под контрола со насип. Сè уште има поплавени подруми и дворови на повеќе локации.
Струга
Во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови. Санирањето е отежнато поради непречено истекување на водата.
Дебар
Реката Радика има зголемен водостој без опасност од излевање. Има помали одрони на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат.
Кичево
Водостоите на Зајашка река и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на општинскиот кризен штаб за проценка на штети и планирање на санација.
Пелагониски регион
Демир Хисар
Поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон с. Мренога е затворен за сообраќај.
Битола
Состојбата во градското подрачје е нормализирана. Во околните места водата се повлекува од поплавените површини.
Крушево
Сите локални и регионални патни правци се исчистени, посолени и проодни.
Ресен
Поплавени се земјоделски површини, но водата се повлекува. Во тек е интервенција со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Новаци
Нивото на река Црна изнесува 320 см и се следи континуирано.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста на повторените локални избори во четири општини до 18:30 часот е 28,07 проценти
Државната изборна комисија соопшти дека излезноста на повторените избори до 18:30 часот изнесува 28,07 отсто.
По општини:
– Врапчиште: 31,76 %
– Гостивар: 28,22 %
– Маврово и Ростуше: 28,04 %
– Центар Жупа: 13,18 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека поради задоцнето отворање, ќе има продолжување на пет избирачки места, три во Гостивар и две во Маврово-Ростуше. Најдолгото продолжување на гласањето во траење од 2 часа и 45 минути ќе биде на избирачко место 503 во Гостивар.
На избирачкото место 0782 во Ќафа немало гласање бидејќи тоа воопшто не било отворено.

