Македонија
Кризниот штаб на Град Скопје: Надлежните да преземат итни мерки за расчистување на штетните материјали кај „Треска“

Денеска, се одржа состанок на Кризниот штаб на Град Скопје, со кој раководи градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, со учество на командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томески, директори на јавните претпријатија и членови на Кризниот штаб.
На состанокот се разговараше за преземање мерки за превенција од пожари по случајот со пожарот во поранешната фабрика „Треска“,= во скопската општина Центар.
Се донесоа заклучоци, меѓу кои и потребата ресорно надлежните институции да преземат итни мерки за расчистување и отстранување на запаливите материјали, како и штетниот отпад од поранешната фабрика „Треска“, кој може да ги загади воздухот и почвата и воопшто животната средина на жителите што живеат на тој потег, со што надлежните би можеле да ја отстранат опасноста од загадување и од повторување пожари. На терен при гасењето пожарникарите што интервенираа беа изложени на ризик и опасност, како и околните куќи, кои ги делеше само еден ѕид од пожарот. На самото место не само што постоеле извесни запаливи материјали во магацините туку има и цистерна во обем од 20 илјади литри нафтени деривати и таа е огромна опасност што ја доведува во прашање безбедноста на граѓаните.
Град Скопје ги става на располагање своите капацитети за помош во расчистувањето на штетните материјали доколку надлежните институции утврдат потреба од тоа, а воедно за подобра и навремена подготвеност на службите за интервенција беше донесен заклучок да се побара информација за база на податоци од Дирекцијата за заштита и спасување, за мапирање потенцијални ризични места во градот, каде што постојат цистерни или магацини со запаливи или ризични материјали, со цел брза и навремена интервенција за заштита од можни хаварии и инциденти предизвикани од пожар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Минчев: 11 Октомври нека биде потсетник за нашата одговорност

„11 Октомври нека биде потсетник за нашата одговорност, да ја унапредуваме татковината со обединети сили, знаење и заедништво. Само така ќе обезбедиме стабилна и просперитетна иднина за генерациите што доаѓаат“, порачува министерот за за јавна администрација Горан Минчев во честитката упатена по повод 11 Октомври.
– На овој ден се сеќаваме на храбрите мажи и жени кои, пред повеќе од осум децении, храбро се спротивставија на тиранијата и ги поставија темелите на борбата за слободна и праведна Македонија. Нивната жртва и визија за подобро утре се наша водилка денес, да продолжиме да градиме општество засновано на демократија, еднаквост и солидарност, вели Минчев во честитката.
Македонија
Сиљановска Давкова по повод 11 Октомври: Да ја сочуваме визијата и храброста на оние што тргнаа во востанички марш

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, нагласувајќи дека овој датум претставува темел на македонската државност и потсетник на храброста, жртвата и единството на нашиот народ.
„Со срдечни честитки го одбележуваме денешниов голем празник, кога им оддаваме почит на сите кои пред 84 години тргнаа во тежок и храбар востанички марш, жртвувајќи се за ослободувањето на татковината и создавањето македонска држава на рамноправни граѓани,“ порача Сиљановска Давкова.
Таа истакна дека востаниците „со крв ја остварија визијата на своите претци за слободна и независна држава“, додавајќи дека нивната борба покажала дека „земањето на судбината во свои раце и застанувањето на страната на правдата, наспроти најголемото зло – фашизмот, е победнички чекор“.
„Отпорот и антифашистичката борба на македонскиот народ, во време кога многу поголеми и посилни народи се придружија кон оската на злото или се дистанцираа од војната, се доказ дека слободата, правдата и еднаквоста се вткаени во нашата слободарска и револуционерна традиција како неразделен елемент на македонската ДНК,“ нагласи претседателката.
Сиљановска Давкова потсети дека токму обединетоста и сплотеноста биле клучот за победа над неправдата и насилството: „Во драматичните денови на Втората светска војна покажавме дека без оглед на социјалната, етничката, верската или идеолошката припадност, можеме да ги победиме силата и неправдата. Затоа, 11 Октомври не е само потсетување на славната епопеја, туку повик за нејзино продолжување – со дијалог во мир.“
Во својата порака, претседателката се осврна и на современите предизвици со кои се соочува државата:
„Живееме во тегобно време на војни и закани, оптоварени со проблеми во остварувањето на правото, правдата, хуманоста и солидарноста. Од нас се бараат илинденска и партизанска зрелост, мудрост и храброст во донесувањето клучни одлуки.“
„Повторно мора да бидеме обединети и сплотени ако сакаме да го сочуваме она што го наследивме од оние кои тргнаа во востанички марш, водени од јасна визија и спремни за жртвување во ослободителната мисија,“ порача Сиљановска Давкова.
„Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание!“ – стои во честитката на претседателката на државата.
Македонија
Денес се одбележува Денот на народното востание

Во земјава денеска се одбележуваат 84 години од почетокот на народното востание кое почна во 1941 година во Прилеп и Куманово. Со ова започна востанието против фашизмот и борбата за ослободување на македонскиот народ.
Празникот годинава ќе биде одбележан со свечена академија во Прилеп и доделување на истоимената награда во Скопје.
Свечената академија под мотото „На вистинската патека, за татковина со иднина“ ќе се одржи во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и на неа, според најавата од владината прес-служба, ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Во Скопје, во Собранието ќе бидат доделени годинашните награди „11 Октомври“. Наградата за животно дело во областа на културата и уметноста ќе им биде врачена на актерката Теута Ајдини Легени, хорскиот диригент проф. Летка Димовска и на продуцентот и промотор на македонската уметност Иво Јанкоски. Во областа на науката и образованието годинава наградата ќе му биде врачена на проф. д-р Константин Димитров, машински инженер и на академик Глигор Јовановски, хемичар.