Македонија
ДУИ: Коалицијата ВМРО, Левица, Алијанса и Беса ја суспендираа двојазичноста во Скопје

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми, истакна дека Алијанса за Албанците и Движењето Беса докажуваат политичка незрелост и го прекршуваат Законот за употреба на јазиците за да поттикнат тензии.
„Албанскиот јазик во Република Северна Македонија е официјален јазик во согласност со Охридскиот договор и Уставот на државата. За тоа како би изгледало едно владеење на коалицијата Левица, составена од ВМРО, Алијанса, Левица и Беса најдобро се демонстрира со незаконското отстранување на употребата на албанскиот јазик во Културно-информативниот центар, институција во рамките на Град Скопје. Овој чин на директорот на Културно-информативниот центар на коалицијата ВМРО, Левица, Алијанса и Беса предизвика многу реакции бидејќи со овој потег партнерите на коалицијата Алијанса за Албанците и Движењето Беса докажуваат политичка незрелост од една страна и од друга страна го прекршуваат Законот за употреба на јазиците кој е веќе во сила, со цел да ги поттикнат меѓуетничките тензии во време кога целиот континент страда поради војната во Украина. Ова може да биде само сценарио кое оди во прилог на Русија, како што беше и сценариото на мнозинството 61“, изјави Адеми на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека Скопје е двојазичен и мултиетнички град, но дека Коалицијата ВМРО, Левица, Алијанса и Беса намерно поттикнувале беззаконие, тензии и омраза.
„Коалицијата ВМРО, Левица, Алијанса и Беса ја замени Сермине Пурини со Ангел Димитров, го замени Ардијан Муча со Ангеле Сотировски. Коалицијата ВМРО, Левица, Алијанса и Беса ја суспендираа двојазичноста. Коалицијата ВМРО, Левица, Алијанса и Беса и се враќа на изградбата на крстови и на Скопје 2014, наместо да гради училишта, болници, патишта. Коалицијата ВМРО, Левица, Алијанса и Беса поттикнува штрајкови и ги остава на цедило децата и родителите за време на најтешката економска криза во континентот и по двегодишна изолација поради пандемијата. Коалицијата ВМРО, Левица, Алијанса и Беса исто така избркаа десетици Албанци од претпријатијата на Градот Скопје“, додаде Адеми.
Тој им порача на Албанците и на сите други дека не треба да се чувствуваат загрижени, бидејќи тука е ДУИ и нема да дозволеле, како што ги нарече, неспособни и квинслишки авантуристи да им наштетат на достигнувањата на Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Електронскиот отпад што гори во Трубарево ќе се гасне со песок

Електронскиот отпад што гори во Трубарево ќе се гасне со песок, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Тој беше прашан дали огнот досега соодветно се гаснел со вода, пришто појасни дека дел од пожарот зафаќа дрвја, даски, пластика и друг запалив материјал. Делот во кој се наоѓа електронскиот отпад, рече Ангелов, се изолира и ќе биде гаснет со песок. Најави и дека во секој момент ќе пристигне голема количина на песок.
Македонија
ИЈЗ објави препораки: Ако сте во непосредна близина на пожар останете дома и затворете ги прозорците

Институтот за јавно здравје, во насока на заштита на здравјето и благосостојбата на сите граѓани, соопшти дека во случај да постои можен ризик од загадување на воздухот и можна изложеност на штетни супстанции, им препорачува на населението:
– Во областите каде што постои ризик од загаден воздух, да останат внатре и да ги затворат прозорците и да се вратат, особено во областите во непосредна близина на местата каде што има активни пожари.
– Исклучете ги системите за вентилација и климатизација кои вшмукуваат надворешен воздух, за да се спречи влегување на чад и загадувачи во просторијата;
– Редовно следете ги официјалните информации и ажурирања за квалитетот на воздухот
– На лицата со респираторни заболувања, малите деца, постарите лица и бремените жени им се советува да избегнуваат каква било активност на отворено.
– Кога е потребно да се движите на отворено, во областа што е во непосредна близина на местото на горење, да користат соодветни маски
– Установите за нега на стари лица да преземат мерки за минимизирање на изложеноста на отворено кај оваа ранлива група;
– Да се обрне внимание на симптоми како што се кашлица, отежнато дишење, главоболка или иритација на очите, носот и грлото. Секој што ќе ги забележи овие симптоми треба веднаш да побара медицинска помош;
– Да се воздржи од контакт или приближување до отпад од таканаречените погодени области додека не се добие официјална дозвола за пристап;
– Да се следат сите упатства од јавните здравствени установи и службите за итни случаи, како и упатствата за евентуална евакуација доколку истото го препорача надлежна надлежна институција.
Овие мерки имаат за цел да ги намалат непосредните здравствени ризици и да обезбедат заштита на заедниците.
Македонија
Опасен отпад гори во Трубарево, нема насоки од властите за заштита од чадот

Во Трубарево горат електронски отпад и пластика, во делови од главниот град се чувствува силна миризба, а засега нема предупредувања и насоки од здравствените и надлежните власти за заштита на населението.
„Пластиката дава густ и црн, а верувам и токсичен чад“, рече предмалку директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, од местото на пожарот. Тој истакна и дека огнот е подметнат, нема повредени лица, а пожарникарите на терен се со соодветна заштита.
„Шанса за центар“ на социјалните мрежи предупреди дека гори рециклаторен центар, соработник на НУЛТА ОТПАД – компанија овластена за преземање на литиум јонски батерии од апарати и возила, како секаков електронски отпад.
„Кога горат литиум- јонски батерии најтоксична супстанца која се ослободува е хидроген флуорид (HF), која може да предизвика тешки нарушување на здравјето доколку е во затворен или полузатворен простор. Спореде европската агенција за хемикалии (ECHA) HF е класифициран како многу токсичен, корозивен и опасен за здравјето дури и при ниски концентрации. Покрај HF, при горење на батериите гори и електролитот кој е внатре како и пластиката и амбалажата во која се спакувани. Од нив дополнително се ослободува јаглерод диоксид (CO₂), јаглерод моноксид (CO), соединенија што содржат хлор, азот, сулфур и ред други соединенија кои не се нетоксични.
Кога гори електронски отпад во кој многу често има печатени плочки, пропратна пластика и други материјалот како олово (Pb), кадмиум (Cd), хром (Cr), никел (Ni), бакар (Cu) и цинк (Zn) со горењето се создаваат соединенија кои ги содржат овие елементи. Дополнително литиум-јонските батерии при горење развиваат многу високи температури (од 800- па до 1600 степени зависно од јачината) дури прават и мини експлозии.
На социјалните мрежи се споделува и објава на Искра Јанковска Михајловска која работи на докторат на тема заштита на литиумските батерии од горење. Таа стручно, меѓудругото, објаснува дека батериите при складирање пред рециклирање се неутрализираат и има посебни мерки за заштита како и обуки на вработените. При вакви пожари треба да се евакуираат сите што се изложени на HF-хидроген флурид.
Засега нема препораки до населението, ниту податок колку е загаден воздухот во и околината на Трубарево.
„Ја информираме јавноста дека Министерството за здравство ја следи состојбата со пожарот во скопско Трубарево. Во постојана координација е со сите надлежни институции. Службите на Министерството се подготвени за навремено постапување во рамки на своите надлежности, а во зависност од натамошниот тек на настаните“, наведе Министерството за здравство во кусо соопштение.
Вештачката интелигенција децидно советува да не се излегува надвор.
„Не е препорачливо да излегуваш, дури ни за 5 минути, бидејќи во чадот од горење електроника и пластики има токсични супстанции (како диоксини и фурани) што можат да бидат штетни дури и при кратка изложеност. Ако мора да излезеш (на пример, итна потреба), тогаш стави заштитна маска (FFP2/N95) или барем хируршка маска, и обиди се да останеш што е можно пократко. Држи ги прозорците и вратите затворени во домот за да спречиш чад да влегува внатре. Ако имаш клима уред или прочистувач на воздух, користи го за да се намали загадувањето во внатрешниот простор. Дури и кратко излегување може да значи вдишување на штетни материи, па најбезбедно е да почекаш додека не се намали чадот“, советува алатката со вештачка интелигенција „Чат ГПТ“.
Министерот за здрава и животна средина, Изет Меџити, беше вклучен во живо на социјалните мрежи од Чаир, од политички настан во пресрет на локалните избори. Ниту од неговото Министерство не излегоа со препораки за пожарот.