Свет
Христијаните во Германија станаа малцинство

Во Германија, Римокатоличката и Евангелистичката црква губат сè поголемо влијание, со што христијаните станаа малцинство во Германија, пренесуваат германските медиуми.
Кога ќе се соберат членовите на католичката и евангелистичката верска заедница, кои се двете најголеми христијански цркви во таа земја, се гледа дека нивниот број паднал под 50 отсто.
„Ова е историски пресврт. По многу векови, за првпат во Германија, веќе не е нормално да се биде член на црковната заедница“, објасни социологот Карстен Фрерк.
Тој посочи дека веќе подолго време е забележлив трендот на намалување на бројот на припадниците на христијанските верски заедници. Во текот на изминатите шест години, овој тренд се забрза.
Минатата година христијаните, односно членовите на Католичката и Евангелистичката црква сочинувале 51 отсто од населението, а за споредба, уште во 1990 година, уделот на припадниците на тие верски заедници бил 72 отсто.
Германците од католичка вероисповед, пред сè, се повеќе ѝ вртат грб на својата црква, а поради бројните скандали се повлекуваат од таа верска заедница.
Сè поголем е и бројот на Германци кои не сакаат да се изјаснат за својата вера, а во исто време бројот на муслимани постојано се зголемува, како преку работната имиграција, така и поради големиот мигрантски бран во последните години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Експлозии во индискиот дел на Кашмир неколку часа по објавувањето на прекинот на огнот

Силни експлозии се слушнаа низ градот Сринагар во индискиот дел на Кашмир само неколку часа по прогласувањето на прекин на огнот меѓу Индија и Пакистан.
„Што, по ѓаволите, се случи со прекинот на огнот? Експлозии се слушаат низ целиот Сринагар“, рече Омар Абдула, претседателот на владата на Џаму и Кашмир, во објава на платформата Икс.
This is no ceasefire. The air defence units in the middle of Srinagar just opened up. pic.twitter.com/HjRh2V3iNW
— Omar Abdullah (@OmarAbdullah) May 10, 2025
Индискиот политичар Харш Сангави објави: „Неколку дронови се забележани во округот Куч. Сега ќе биде воведено целосно затемнување. Ве молиме, останете безбедни, не паничете.“
Министерот за образование во пакистанскиот дел од Кашмир објави дека судирите продолжуваат по должината на де факто границата со Индија.
Соработник на Си-ен-ен извести за серија експлозии вечерва по локално време, по што следел прекин на електричната енергија. Причината за експлозиите сè уште не е јасна.
Европа
Макрон: Нема разговори за прекин на воената помош за Украина за време на прекинот на огнот

Францускиот претседател Емануел Макрон јасно стави до знаење дека Франција нема да се согласи да ја суспендира воената помош за Украина, дури ни за време на евентуално 30-дневно примирје.
„Нема предуслови. Испораките на оружје за одбрана и отпор на Украина нема да престанат“, рече Макрон, обраќајќи се до претседателот Володимир Зеленски.
Тој додаде дека доколку Русија не се придржува до предложеното примирје, таа мора да ги сноси последиците. „Во тој случај, ќе следат нови, посилни санкции и дополнителна поддршка за Украина. Треба да подготвиме нов пакет санкции – тоа не смее да биде рутинска мерка, туку нешто многу порешително“, нагласи тој.
Макрон претходно беше прашан што ќе сторат Украина и нејзините сојузници доколку Русија побара прекин на воената помош како услов за прекин на огнот. Кремљ повеќе пати ја отфрли идејата за едномесечно примирје, тврдејќи дека Западот ќе го искористи за дополнително вооружување на Украина.
Европа
Кремљ: Изјавите на европските земји се контрадикторни и конфронтирачки

Кремљ ги обвини европските земји за давање контрадикторни и конфронтирачки изјави, објави новинската агенција Интерфакс, откако европските лидери го поддржаа американскиот план за 30-дневен прекин на огнот во Украина и ѝ се заканија на Русија со „масовни“ санкции доколку не го почитува договорот.
„Слушаме многу контрадикторни изјави од Европа. Тие генерално се од конфронтациска природа и не се насочени кон обид за обновување на нашите односи. Ништо повеќе од тоа“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, според Интерфакс.