Економија
Новите најави на малопродажните синџири ги шокираа Германците

На многу германски супермаркети моментално им недостига сончогледово масло и масло од репка. Со оглед дека испораките беа масовно ограничени со недели поради војната во Украина, цените на одредени видови храна растат.
Во некои случаи, некои малопродажни синџири веќе ја зголемуваат цената на сопствените брендови за 550 отсто. Според податоците со кои располага „Фокус онлајн“, маслото што се уште го има во моментов е за 550 отсто поскапо од јануари.
Бидејќи сончогледовото и маслото од репка во моментов се распродадени или речиси распродадени во многу продавници, многу трговси го ограничуваат бројот на шишиња што едно лице може да ги купи.
Купувачите очигледно се во паника во последните неколку недели поради страв од недостиг.
Според „Фокус онлајн“, експертите од прехранбената индустрија очекуваат цените да продолжат да растат, па сончогледовото масло наскоро би можело да чини исто колку и маслиновото, чија просечна цена за литар моментално е 6,50 евра.
Но, не ги зголемува цените само „Алди“, туку и „Реве“, каде сончогледовото масло „Томи“ чини 5,05 евра за литар.
Голем број трговци со намирници ги поскапуваат производите, а според нивните најави, поскапувањето на храната нема толку брзо да запре. Многу производи поскапеа во последните месеци, и тоа не само од почетокот на војната во Украина.
Многу корисници на социјалните мрежи ја коментираат ситуацијата и пишуваат дека „вакво нешто Германија досега не видела“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Македонија е големо градилиште, над 1.200 проекти во општините, велат Перински и Николоски

Во моментов целата Македонија е едно големо градилиште, а само во општините се реализираат повеќе од 1.200 активни проекти поддржани од Владата и Министерството за транспорт, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт, на Саем-Отчетот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа се само проекти преку Министерството за транспорт, а да не зборуваме за големите инфраструктурни проекти како автопатите Охрид-Кичево, Кичево-Букојчани, Букојчани-Гостивар, Гостивар-Тетово, Прилеп-Битола, како и експресните патишта Прилеп-Градско и Куманово-Крива Паланка. Сега започнатите проекти се завршуваат, а граѓаните гледаат резултати“, рече Николоски.
Министерот подвлече дека ова ја враќа самодовербата кај граѓаните и покажува дека Македонија е способна да води големи проекти.
„Не е само патната инфраструктура, туку и железничките линии, аеродромите, авио линиите и обновливите извори за енергија. Во помалку од година дена завршивме еден проект со вредност од половина милијарда евра“, додаде тој.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека Владата финансирала околу 1.200 проекти во сите општини.
„На првиот повик беа пријавени 288 проекти, од кои 137 се завршени. На вториот повик беа поднесени 887 апликации, а прифатени беа 828 проекти. Кумулативно, тоа се околу 1.200 проекти кои се реализираат со помош на централната власт“, рече Перински.
Министерот додаде дека општините се соочувале со големи предизвици и немале поддршка од претходната власт.
„Ние им помогнавме да ги детектираат проблемите, да обезбедат одржливост и да ги реализираат поголемите проекти. Секој градоначалник се бори да направи што е можно повеќе, а по изборите се надеваме дека мотивацијата ќе биде уште поголема“, рече Перински.
Економија
Вреди: Поддршка за 200 нови зелени работни места во микро, мали и средни претпријатија

Од Вреди како коалициски партнер на Владата денеска објави историска мерка за поддршка на создавање нови работни места преку зелени инвестиции, во соработка со Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување.
Оваа мерка ќе овозможи вработување на 200 невработени граѓани во микро, мали и средни претпријатија, кои ќе добијат финансиска поддршка преку неповратен грант од 250.000 до 750.000 денари, во зависност од бројот на новите работни места: 250.000 денари за едно работно место, 500.000 за две и 750.000 за три.
Грантовите ќе овозможат компаниите да инвестираат во нова опрема и машини, софтвер и лиценци, како и технологии за обновлива енергија и материјали за енергетска ефикасност. На тој начин, мерката создава не само работни места, туку и зелени работни места кои придонесуваат за одржлива економија.
Јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни претпријатија кои ги исполнуваат законските услови, со приоритет за стратешките сектори: преработувачка индустрија, земјоделство, шумарство, водостопанство, водоснабдување и управување со отпад, градежништво и транспорт. Апликациите можат да се поднесуваат до 1 септември секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот во Центрите за вработување низ целата земја, а сите информации се достапни на веб-страницата на Агенцијата за вработување.
„Ова е чекор кој покажува дека владата не се мери со слогани, туку со резултати. Инвестираме во вработување, развој, зелена економија и безбедна иднина за сите. Ова е промената што ја ветивме – влада која работи со срце и визија“, се наведува во соопштението.
Економија
Три концесии за експлоатација на минерални суровини еднострано раскинати

Владата, по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), донесе три одлуки за едностран раскин на Договори за концесија за експлоатација на минерални суровини и една одлука за одбивање на ново барање за концесија. Одлуките се веќе објавени во Службен весник на Република Македонија.
Од формирањето на Министерството до денес, вкупно се донесени 34 одлуки за едностран раскин на концесии поради непочитување на законските одредби за експлоатација на минерални суровини, неплаќање на концесиски надоместоци согласно утврдениот тарифник, непочитување на мерките за заштита на животната средина, пренесување на концесијата на друг субјект без согласност и експлоатација надвор од одобрениот експлоатационен предел.
Од Министерството информираат дека во моментов се во тек и повеќе постапки за раскин или одбивање на продолжување на концесии по исти или слични причини. Во истиот период констатиран е и раскин на 11 дозволи за експлоатација поради истек на договорот за концесија.
МЕРМС води и регистар на одземени концесии и тој од следниот период поради поголема транспарентност ќе биде јавно објавен на сајтот на министерството.
Министерката Сања Божиновска истакна:
„Нашата цел е транспарентно и одговорно управување со природните ресурси. Со засилената контрола и примената на законските мерки, обезбедуваме фер и одржлива експлоатација, која носи економски придобивки за државата и поддршка за локалните заедници. Овие одлуки се директна последица на посветените активности и системската работа на Министерството за воспоставување на највисоки стандарди за транспарентно и фер управување со природните ресурси, подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите. “