Европа
(Од минута во минута) Русија престанува со испорака на гас во Полска и Бугарија; ОН: Путин се согласи на евакуација на цивили од Азовстал
Денеска е 62 ден од руската инвазија на Украина
Клучни податоци:
- САД и околу 40 сојузнички земји, од Германија соопштија дека испраќаат тешко оружје во Украина
- Русија од утре престанува со испорака на гас во Полска и Бугарија
- Рускиот претседател Владимир Путин начелно се согласил да ги вклучи Обединетите Нации и Меѓународниот Црвен крст во евакуацијата на цивилите од фабриката за челик Азовстал во Мариупол
- Русија ја испрати најдиректната закана до Британија до сега поради изјавата на британскиот министер за вооружените сили
- Германија објави дека испраќа лесни тенкови Gepard во Украина, кои имаат противвоздушни пушки
- Рускиот министер Сергеј Лавров рече дека НАТО е вклучен во војна против Русија, додавајќи дека нуклеарниот конфликт не е невозможен.
- Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека преговорите со Украина ќе продолжат онлајн и изрази надеж дека тие ќе дадат позитивен резултат
Од минута во минута:
22:00 „Гаспром“ ја запира испораката на гас во Бугарија
„Булгаргаз ЕАД“ доби известување дека испораките на природен гас од „Гаспром експорт“ ќе бидат прекинати од утре, соопшти прес-центарот на Министерството за енергетика во Бугарија.
21:15 Русија ја прекинува испораката на гас за Полска
Русија од утре престанува со испорака на гас во Полска. Оваа информација на прес-конференција ја потврди министерката за клима и животна средина Ана Москва.
„Газпром“ го оправда потегот со новите правила објавени минатиот месец, според кои непријателските земји мора да плаќаат за гас во рубли, а ПГНиГ (Полската државна компанија за снабдување со гас) одбила да го стори тоа.
Рускиот претседател Владимир Путин начелно се согласил да ги вклучи Обединетите Нации и Меѓународниот Црвен крст во евакуацијата на цивилите од фабриката за челик Азовстал во Мариупол, последното упориште на украинските бранители во разурнатиот град, соопштија ОН по состанокот меѓу Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и Владимир Путин во Москва.
20:24 Путин: Ако можеше Косово да стане независно, можат и Доњецк и Луганск
„Народна Република Доњецк и Народна Република Луганск станаа независни по аналогија со одлуката на Меѓународниот суд на правдата за Косово, изјави рускиот лидер Владимир Путин на средбата со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
19:50 САД и сојузниците најавија испраќање тешко оружје во Украина
Соединетите држави и нивните сојузници ветија нова испорака на потешко оружје за Украина на денешниот состанок во германската воздухопловна база и ја отфрлија заканата на Москва дека нивната поддршка за Киев може да доведе до нуклеарна војна.
Неодамна, Американците одобрија испораки со оружје во вредност од стотици милиони долари, вклучувајќи артилерија и беспилотни летала што одбиваа да ги испратат во претходните фази на војната, а сега сакаат и нивните сојузници да го сторат истото.
19:40 Путин: Преговорите со Украина ќе продолжат онлајн
Рускиот претседател Владимир Путин на прес-конференција во Москва по средбата со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека преговорите со Украина ќе продолжат онлајн и изрази надеж дека тие ќе дадат позитивен резултат.
Руското Министерство за одбрана предупреди на „пропорционален одговор“ доколку Велика Британија продолжи со „директните провокации“, јавува „Ројтерс“.
Предупредувањето на руското Министерство за одбрана се однесува на изјавата на британскиот министер за вооружени сили Џејмс Хепи, кој рече дека Британија ги поддржува украинските напади на руска територија.
18:27 Првиот човек на американската војска: Влогот е многу поголем од самата Украина
Првиот човек на американските вооружени сили, генералот Марк Мајли, во интервју за Си-Ен-Ен изјави дека поради руската инвазија на Украина, безбедноста на Европа е во најтешка позиција од крајот на Втората светска војна.
„Влогот во оваа војна е многу поголем од Украина. Она што е загрозено овде е безбедноста. Безбедноста на Европа е најмногу загрозена од крајот на Втората светска војна. Може да се тврди дека влогот е глобалниот меѓународен безбедносен поредок воспоставен во 1945 година. Меѓународен поредок кој траеше 78 години, кој спречи голема војна. Она што се провлекува низ целиот овој концепт е идејата дека големите нации нема да спроведуваат агресивни воени акции против помалите нации, а токму тоа се случи овде. Русија води агресивна воена акција против помала нација“, рече Мајли.
17:50 Во Киев се отстранува споменикот на пријателството помеѓу Русите и Украинците
Во Киев се отстранува бронзениот споменик висок осум метри, кој прикажува два советски работници. Споменикот беше подигнат во 80-тите години од минатиот век и го симболизираше пријателството помеѓу рускиот и украинскиот народ.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека „потезите на Русија го уништиле таквиот однос“, додавајќи дека за „споменикот од советска ера повеќе нема место во градот“.
16:38 Путин ги повика Азов и маринците: Положете го оружјето и ви ги гарантирам животите
Мариупол е ослободен и таму нема повеќе борби, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин во разговор со турскиот колега и ги повика украинските борци Азов и маринците да се предадат и порача дека животот им е загарантиран.
Огромната фабрика за челик Азовстал е последната локација контролирана од украинските сили во Мариупол. Киев треба да преземе одговорност за војниците во фабриката, му рекол Путин на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, се вели во соопштението на Кремљ.
15:20 Германската министерка најави обука на украински војници во Германија
Германската министерка за одбрана Кристине Ламбрехт најави обука на украински војници на германска територија.
„Заедно со американските пријатели работиме на обука за украински војници на германска територија“, рече таа во американската база Рамштајн, каде што украинските војници ќе се обучуваат за западни артилериски системи.
15:00 Антонио Гутереш со жестока реплика за Лавров на заедничката прес-конференција
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во Москва се сретна со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
По жалбата на Лавров дека ОН не се вклучиле по однос на, како што ги нарече, украинските злосторства во Луганск и Донецк, Гутереш се вмеша и го кажа своето мислење.
Тој рече дека разбира оти Русија има многу жалби, но дека има голем број механизми со кои може да се решат жалбите.
„Постои една работа што е вистина и очигледна и која ниту еден аргумент не може да ја смени“, рече Гутереш. „Немаме украински војници на територијата на Руската Федерација, но имаме руски војници на територијата на Украина“, додаде генералниот секретар на ОН.
13:20 Американскиот секретар за одбрана: САД ќе ги превртат небото и земјата за да победи Украина
Соединетите Американски Држави ќе ги „превртат небото и земјата“ со цел Украина да ја победи Русија, изјави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин пред околу четириесетина земји собрани во Германија за зајакнување на одбранбените капацитети на Украина.
Две крстосувачки ракети лансирани од руски војници утринава летаа на мала височина над нуклеарната централа Запорожје, објави Енергоатом, украинската државна агенција за нуклеарни централи.
11:35 Русите велат дека убиле 500 украински војници во текот на ноќта
Руското Министерство за одбрана тврди дека руската армија убила 500 украински војници во текот на ноќта откако руската авијација погодила 87 воени цели во Украина.
Се вели дека меѓу погодените цели се и две складишта за оружје во регионот на Харков.
11:10 Русија и Белорусија одржуваат воени вежби
Русија и Белорусија ќе одржат заеднички вежби на нивните воздухопловни сили во Белорусија, соопшти утрово Министерството за одбрана на Минск.
Вежбите ќе се одржат од 26 до 29 април.
11:05 Германија најде нов начин за снабдување на Украина со оружје
Берлин е под притисок да испорача тешко оружје на Украина, но тие засега одбиваат да го сторат тоа, пренесуваат медиумите во светот.
Посебна дискусија има за тенковите „Мардер“.
09:40 Руските олигарси имаат импресивни јахти, додека морнарицата користи брод стар 110 години
Рускиот претседател Владимир Путин се декларира како голем патриот ширум светот, се фали со модерните вооружени сили, а реалноста е всушност поинаква – збогатувајќи го него и луѓето блиски до него, пишуваат медиумите во светот.
09:38 Гутереш ќе се сретне со Путин и Лавров во Москва
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска во Москва ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, по повод руската специјална воена операција што е во тек во Украина.
09:30 Кадиров нуди еден милион долари за информација
Лидерот на руската република Чеченија Рамзан Кадиров понуди награда од еден милион долари за посебни информации.
Станува збор за информацијата каде се наоѓа баталјонот на шеикот Мансур и Дудаев, за кој тврди дека им помага на украинските сили во конфликтот со Русија.
09:30 Лавров: НАТО всушност е во војна со Русија
Испораките на западно оружје во Украина значат дека НАТО е всушност вклучен во војна со Русија, а Москва го смета тоа оружје за легитимна цел, изјавил рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју емитувано во руските медиуми.
08:20 Зеленски: Победата на Украина е неизбежна
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето синоќешно обраќање упати порака до нацијата дека победата на Украина е неизбежна.
Зеленски рече дека сè уште е невозможно да се предвиди кога војната ќе заврши.
08:05 Лавров: Опасноста е голема, ризикот од нуклеарна војна е сериозен
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија се обидува да ја отстрани заканата од нуклеарна војна и предупреди дека заканата од Трета светска војна е сериозна и реална.
⚡️Lavrov: ‘Real risk’ of nuclear war.
The risk of a nuclear war shouldn’t be underestimated, Russia’s Foreign Minister Sergey Lavrov told state-controlled media. Lavrov earlier said that if World War III were to take place, it would involve nuclear weapons and be destructive.
— The Kyiv Independent (@KyivIndependent) April 25, 2022
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Туристи заглавија во Финска поради екстремно ниските температури
Илјадници туристи останаа заробени во северна Финска откако екстремно ниските температури ги приземјија авионите и принудно откажаа летови.
Температурите на аеродромот Китила во Лапонија паднаа на рекордно ниско ниво од -37°C во недела наутро, предизвикувајќи прекини во воздушниот сообраќај, објави Скај њуз.
Арктичкиот студ го погодува аеродромот со денови, што ги прави операциите на аеродромот, вклучително и клучното одмрзнување на авионите, речиси невозможни. Сепак, постои надеж за блокираните британски туристи, со летови до Манчестер и Лондон закажани за понеделник попладне. Успехот на тие летови останува неизвесен бидејќи метеоролозите предвидуваат дека температурите сепак ќе бидат околу -28°C.
Иако жителите на финска Лапонија се навикнати на сурови зими, овогодинешниот студен бран, кој погоди големи области на северна, централна и источна Европа, беше поинтензивен отколку во претходните години. Обилните снежни врнежи, силните ветрови и заледените патишта го направија патувањето опасно низ овој дел од континентот.
Во Германија, патниците со железнички превоз доживеаја големи доцнења и откажувања во неделата откако националниот оператор „Дојче Бан“ ги запре сите услуги на северот од земјата. Властите во Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената покраина во Германија, објавија дека сите училишта ќе бидат затворени во понеделник поради ниските температури, а наставата ќе се одржува преку интернет.
Во балтичките земји Естонија и Литванија, возачите беа повикани да ги одложат сите непотребни патувања поради прогнозираните снежни бури. Соседна Латвија, исто така, издаде предупредување за снег за западниот дел од земјата.
Европа
Лавините на француските Алпи убија тројца скијачи
Тројца скијачи загинаа вчера во одделни лавини на француските Алпи, само еден ден откако три други лица загинаа во слични несреќи, објавија локалните медиуми.
Во Ла Плањ, британски државјанин, на возраст од околу 50 години, беше затрупан од снег, објави скијачкиот центар. Француските медиуми објавија дека 52 спасувачи, кучиња-трагачи и хеликоптер биле вклучени во потрагата и дека им биле потребни 50 минути за да пронајдат маж под 2,5 метри снег, но не можеле да го спасат.
Во блискиот Куршевел, лавина затрупала уште едно лице кое било пронајдено мртво во доцните утрински часови, според извештаите.
Регионалниот дневен весник „Le Dauphiné libéré“, исто така, објави за неколку повредени скијачи и сноубордери.
Според извештаите на медиумите кои се повикуваат на планинската полиција, 32-годишен маж загинал во лавина во Валорцин, во близина на швајцарската граница. Тој скијал надвор од стазата кога лавина го исфрлила во дрво, а подоцна им подлегнал на повредите.
Властите повикаа на претпазливост
Еден ден претходно, уште три лица загинаа во истиот регион.
Во неделата беа пријавени неколку лавини низ Савој, што ги натера локалните власти да ги повикаат жителите и туристите да бидат „екстремно внимателни“ и да не излегуваат надвор од назначените скијачки патеки.
Европа
Британски скијач загина во лавина на француските Алпи
Британски скијач загина вчера во лавина во Француските Алпи. Несреќата се случила додека мажот, за кој се верува дека е во педесеттите години, скијал надвор од пистата во популарното одморалиште Ла Плањ, објави Скај њуз.
Обемна операција за спасување
Спасувачките екипи беа повикани на лавината попладнето во 13:57 часот и веднаш се упатија кон местото на настанот во југоисточна Франција. Голем тим од 52 лица, вклучувајќи медицински персонал и инструктори за скијање, беше вклучен во потрагата, а со хеликоптер беше донесено и куче трагач.
И покрај брзата реакција, Англичанецот беше пронајден дури по 50 минути пребарување, закопан под 2,5 метри снег.
Скијал без потребната опрема
Според соопштението од одморалиштето, човекот што починал бил во друштво на група, но не бил опремен со примопредавател за лавина ниту бил придружуван од професионален инструктор. Скијачкиот центар Ла Плањ изрази сочувство до семејството на починатиот.

