Македонија
Убиен братот на Камер Идризи, кој лани беше смртно застрелан во Чаир

Во пукање што се случи синоќа во скопски Чаир загина едно лице. Пукањето било на раскрсницата од булеварите Босна и Херцеговина и Христијан Тодоровски-Карпош. Полицијата вели дека две лица пукале од автоматско оружје во угостителски објект.
Убиениот е Јонуз Идризи, брат на Камер Идризи, кој во мај минатата година беше убиен на истата раскрсница. Во престрелката вчеравечер повредени се уште две лица.
„ Повреди добиле М. А. (43) и Л. Ш. (42) од Скопје, кои биле пренесени во Градската општа болница ‘Св. Наум Охридски’ за укажување лекарска помош. А во комплексот клиники ‘Мајка Тереза’ со повреди – расеченици на раката бил донесен А. И. (30) од Скопје. Увид на местото извршиле полициски екипи и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Јонуз Идризи е најстариот брат на Камер Идризи кон кого лани беа испукани 80 куршуми. Камер Идризи беше едно од лицата врз кое беше пукано во хотелот „Александар палас“ во 2019 година.
Извршителите на сите три престрелки не се пронајдени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Услугата „Итно копче“ позитивно оценет од центарци, соработката со Црвениот крст сѐ повеќе се зајакнува

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, синоќа присуствуваше на Свечената Академија по повод 80 години од основањето на Црвениот крст на Северна Македонија.
Герасимовски, потенцира дека во изминатите години, во соработка со Црвениот крст се подобри квалитетот на живот на центарци.
„Проектите ‘Итно копче’, бесплатниот транспорт на лица со попречености, редовните крводарителни акции и едукациите за прва помош во училиштата и градинките се позитивно оценети од жителите на Центар. Горд сум што нашата соработка сѐ повеќе се зајакнува и продолжуваме заеднички да ја подобруваме заедницата и да помагаме на луѓето. Центар продолжува да биде општина на солидарноста и на хуманоста. Нека е честит 80 годишниот јубилеј од основањето на Црвениот крст!“, истакна Герасимовски.
Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во посета на Гостивар

На 19-ти мај, Денот на сеќавањето на големиот реформатор и основач на Турската Република, Кемал Ататурк, како и Денот на младите и спортот, којшто го слават припадниците на турската заедница, Сиљановска-Давкова ги посети OOУ „Мустафа Кемал Ататурк“ и здружението „Адексам“ во Гостивар и оствари средба со жителите на селото Горна Бањица.
Во обраќањето пред присутните, таа истакна дека образованието на мајчин јазик е претпоставка за зачувување на националниот и културниот идентитет и им укажа на учениците и родителите дека нема подобра инвестиција од влогот во знаењето.
Во училиштето, со најмногу ученици од турската заедница и настава на турски, македонски и албански јазик, претседателката беше запознаена со неговиот развој, капацитети и персонал, а потем ја проследи прекрасната приредба, колаж на ора, музички точки, ораториум и рецитирање.
За неа, но и за директорот на училиштето, мултикултурниот амбиент е одлична средина за градење соживот, се вели во соопштението од кабинетот на претседателката.
За успесите и проблемите на турската заедница во земјава, таа разговараше со претставниците на турските здруженија од Гостивар. Тахсин Ибрахим, претседател на здружението „Адексам“ и на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), информираше за нивното повеќедецениско дејствување во областа на културата и образованието.
Посочувајќи ги главните предизвици во основното и средното образование, Ибрахим истакна дека и покрај исполнетите услови во одредени општини нема настава на турски јазик. Во разговорот беше укажано на потребата од доследна примена на начелото на правична и соодветна застапеност на Турците во државните органи и институции.
Претседателката ги охрабри во гласноста на обзнанувањето на проблемите и вети лична заложба во нивното адресирање, обзнанување и надминување.
Во Горна Бањица, Сиљановска-Давкова нагласи дека високо ја цени традиционалната лојалност на жителите од овој крај кон државата и го поздрави придонесот во негувањето на турската култура, на здруженијата „Алтин Пармаклар“ и „Намик Ефенди“.
Присутните изразија незадоволство од експропријацијата на плодното земјоделско земјиште за потребите на изградбата на инфраструктурата со пренизок надомест, се додава во соопштението.
Македонија
„Влен“: Уживаме во целосна поддршка од меѓународната заедница, црни листи за нашите противници!

„Политичкиот субјект ВЛЕН продолжува да ја зајакнува својата позиција како сериозен, кредибилен и доверлив партнер во очите на меѓународниот фактор. Нашите транспарентни политики, евроатлантска ориентација и посветеност кон вистински реформи наидоа на разбирање и целосна поддршка од претставници на пријателски и сојузнички земји“, велат од „Влен“.
„Претставниците на ВЛЕН секојдневно се пречекани од нашите меѓународни партнери, вклучувајќи ги и претставниците на Европската Унија и Соединетите Американски Држави, од каде што добиваат јасна поддршка за нивната визија и платформа. Ова покажува дека ВЛЕН е фактор на стабилност и гаранција за интеграција и развој.
Од друга страна, ДУИ е сè повеќе изолирана. Меѓународните партнери ја изгубија довербата во во еден субјект кој две децении ја злоупотребуваше моќта за лични и клански интереси. Клучните фигури на ДУИ веќе се на меѓународни црни листи и се прогласени за персона нон грата, што е јасен сигнал дека повеќе нема толеранција за криминал и корупција.
ВЛЕН е единствената алтернатива што гарантира искрена соработка со нашите стратешки партнери и одржлив развој за Албанците во Северна Македонија. Со ВЛЕН, постои бела иднина, изградена врз правда, работа и чесност, додека со ДУИ е црното минато, проткаено со криминал, корупција и изолација.
Решени сме да ја водиме земјата, заедно со граѓаните и со поддршка на меѓународните пријатели, кон пофер, почесна и поразвиена иднина.
ВЛЕН е ценет и добредојден од меѓународните претставници, бидејќи имаме јасна и чиста цел, за граѓаните и заедно со граѓаните!“, се наведува во соопштението на „Влен“.