Македонија
Град Скопје за подобар и поквалитетен живот на лицата со интелектуална попреченост

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, заедно со градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски, денеска ги посети дневните центри за лица со попреченост во населбата Волково.
„Дневните центри за лица со попреченост во Волково секојдневно овозможуваат поддршка на лицата со интелектуална попреченост над 18 години, како и на нивните семејства. Град Скопје го поддржува зајакнувањето на капацитетите на дневните центри овде во Волково затоа што тие обезбедуваат подобар и поквалитетен живот на лицата со интелектуална попреченост, дневно згрижување, едукација, организирано живеење и нивно ангажирање, вклучување во спортски и културни активности“, рече Арсовска.
Дневните центри, како што велат од Град Скопје, се вистинска поддршка на лицата опфатени со процесот на деинституционализација, кои сега живеат во заедница во станбените единици за домување. Во центрите, како што информираат, за нивните корисници се реализираат голем број активности во склоп на работилниците, кои се едукативни, креативни, музички, фолклорни, компјутерски, шивачки, модерни танци, спортски активности и слично.
„Едукативните работилници имаат цел нивно оспособување за самостојно живеење, како и промовирање на корисноста на лицата со пречки во интелектуалниот развој во општеството, како и да им помагаат на нивните родители да го организираат својот живот и да може да ги извршуваат секојдневните обврски. Во рамките на овој проект за лицата со интелектуална попреченост годинава се организира и летен камп во Охрид“, е посочено во информацијата од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Објавени добитниците на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, на својата последна седница донесе одлука за доделување на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година.
Наградата се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоцијата на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.
Добитници на наградата во областа на културата и уметноста за 2025 година се: актерот Гоце Тодоровски, писателот за деца и возрасни Александар Кујунџиски, поетот, романсиер, драмски писател и новинар
Братислав Ташковски и писателот акад. Божин Павловски.
Свеченото врачување на наградите ќе се одржи на 23 октомври 2025 година (четврток), во 12:00 часот, во Собранието на Република Северна Македонија.
Македонија
По 61 година учениците во Црешево ќе добијат спортска сала, Јаневска и Стефковски извршија увид во градежните активности

„Иднината на државата се создава во училиштата и затоа од исклучителна важност е сите деца да имаат пристојни услови за едукација, а нивните наставници да бидат мотивирани и да имаат можности добро да ја извршуваат својата благородна мисија. Како Влада се посветивме на инфраструктурата во образованието и во изминатите 16 месеци вложивме 67 милиони евра – 32 преку Министерството за образование и наука и 35 преку повикот на Владата за распределба на средства кон општините за образовни проекти“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која денес заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски извршија увид во изградбата на спортската сала во рамки на ОУ „Наум Охридски“ во Црешево.
„Инвестицијата во спортската сала е токму резултат на добрата соработка помеѓу Владата и општината. Објектот ќе овозможи квалитетна реализација на наставата по физичко образование, но и ќе поттикне поголема физичка активност и спортување на децата по завршувањето на часовите“, рече Јаневска потенцирајќи дека квалитетната спортска инфраструктура придонесува за градење здрави генерации со вистински вредности – со натпреварувачки дух, упорност, тимска работа, емпатија и меѓусебна почит.
Министерката нагласи дека инвестициите во образованието ќе продолжат. Со зголемен буџет за овој ресор, во текот на мандатот Владата ќе изгради уште 30 училишни спортски сали, а ќе се реконструираат 15 постоечки во различни општини.
Градоначалникот Стефковски рече дека по 61 година учениците од Црешево, Виниче и Смилковци кои своето основно образование го поминуваат во ова училиште ќе добијат училишна сала согласно сите европски стандарди. Изрази задоволство од поддршката која ја добива од Владата за модернизација на инфраструктурата во општината, информирајќи дека средствата за овој објект во висина од 34 милиони денари се обезбедени преку владиниот повик за распределба на средства по општини за инфраструктурни проекти. Спортската сала се очекува да биде завршена во втората половина на 2026 година.
Македонија
Граѓаните да се пријавуваат на vakcinacija.mk за вакцинирање против сезонски грип

Во тек е дистрибуција на вакцините против сезонски грип низ јавните здравствени установи, граѓаните може да се пријавуваат на апликацијата vakcinacija.mk. Министерството годинава набави 80.000 дози четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот“ од Холандија.
Министерството за здравство информира дека е во тек дистрибуција на вакцините против сезонски грип низ јавните здравствени установи, по што во текот на неделава граѓаните што се пријавиле за бесплатна вакцинација ќе бидат известени со СМС порака за терминот за вакцинација.
Вакцинацијата против сезонски грип ќе се спроведува на 35 вакцинални пункта низ државата, од кои пет во Скопје.
„Потсетуваме дека е во тек пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип на ризичните групи население, кои може да се пријават со пополнување на апликацијата vakcinacija.mk на следниот линк: https://vakcinacija.mk/mk/registration-flu или преку својот матичен лекар. Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи“, информира Министерството.
Од таму велат дека вакцинацијата претставува најефикасна превентивна мерка за заштита на здравјето.