Македонија
Откриена спомен-биста во Брвеница на загинатиот припадник на САЕ „Тигар”, Жарко Кузмановски
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Сашо Тасевски, и државнaта секретарка Магдалена Несторовска присуствува на комеморативен собир во дворот на црквата „Св. Атанасиј“ во Брвеница, а по повод откривање спомен-биста во чест и вечен помен на загинатиот припадник на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при Министерството за внатрешни работи, Жарко Кузмановски, кој на 9 мај 2015 година, пред точно 7 години, како лидер на тим, извршувајќи службени задачи, заедно со уште седум колеги, прерано го загуби својот живот во полициската операција за неутрализирање на терористичката група во кумановската населба Диво Насеље, а во одбрана на Уставот и суверенитетот на својата држава.
На настанот присуствуваа и членови на семејството на Кузмановски, градоначалникот на општина Брвеница, Јовица Илиевски, претставници на Сојузот на воените инвалиди, претставници на Одборот на бранителите, како и митрополитот тетовско-гостиварски Јосиф и претставници од црковниот одбор на црквата „Св. Атанасиј“.

Министерот Спасовски во своето обраќање истакна дека Жарко Кузмановски со трагичната смрт како наш бранител, припадник на македонската полиција, го заслужи своето место меѓу бесмртните, меѓу сите наши херои, кои оставија вечна трага во историјата на нашава татковина, но и аманет за иднината на генерациите што доаѓаат, бидејќи не постои држава во чии темели не се вградени живототите на нејзините најхрабри синови.
„Така и нашата татковина Република Северна Македонија е создадена и постои благодарение на безрезервната жртва дадена од многу нејзини херои, а наши браќа, синови, татковци, другари, пријатели… Ова спомен-обележје во чест и вечен помен на незаборавот кон Жарко, не е никаква отплата на долгот кон него, оти она со што тој, како и другите неговите колеги и соборци нѐ задолжиле, се враќа само со хумани, професионални, благородни дела, со сѐ она добро, чисто и честито. А загубата е ненадоместлива и речиси е невозможно да се исполни празнината што како колеги, пријатели и блиски ја споделуваме во изминатите седум години од неговото трагично загинување“, рече министерот Спасовски во обраќањето пред присутните.

Припадникот на САЕ „Тигар“, Стефан Соколов, даде краток осврт на животот и делото на Жарко Кузмановски како колега, пријател, сопруг и татко на две малолетни деца.
„Жарко беше вистински пример на храброст и патриотизам, а воедно и несебичност и пожртвуваност за Единицата и за државата. Од страна на претпоставените беше препознаен како човек со висок потенцијал и на него се сметаше како на еден од припадниците што треба да ја градат иднината на Единицата. Како потврда на сето тоа е неговото унапредување во лидер на тим, кој ги поседува сите суштински карактеристики на еден вистински лидер, советник, водач, обучувач, ментор. Toj беше пример за вистински професионалец и имаше несебична љубов кон професијата и колегите. Специјалната антитерористичка единица ‘Tигар’ со гордост го чува споменот на својот загинат припадник и херој“, нагласи Соколов.
Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски, истакна дека 34-годишниот македонски јунак, Жарко Кузмановски, од тетовска Брвеница, борејќи се храбро, падна за својата татковина, за мирот и спокојството на семејството, на најблиските…
На спомен-обележјето на Жарко Кузмановски свежо цвеќе положија делегација од МВР, предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претставници од МВР, претставници од Одделот за специјални полициски операции, припадници на САЕ „Тигар“, како и градоначалникот на општина Брвеница, Јовица Илиевски.
Жарко Кузмановски со највисоки почести е погребан на гробиштата во Брвеница, а постхумно е одликуван со медал за храброст од претседателот на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пешак тешко повреден во сообраќајна несреќа кај Брвеница
На 26 декември 2025 година околу 06:45 часот на регионалниот пат Тетово – село Брвеница, патничко возило „пежо“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од 20-годишниот Б.Н. од Тетово, удрило во 35-годишниот пешак Б.С. од село Брвеница.
Пешакот се здобил со тешки телесни повреди, кои му биле констатирани во Клиничка болница Тетово. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово, а увид на местото на несреќата извршила екипа од СВР Тетово.
Македонија
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања, кои, како што велат оттаму, се направени во отворена координација со сите граѓани кои се вклучија во иницијативата. Барањата ќе бидат официјално доставени до сите надлежни институции за понатамошно постапување.
Барањата ги пренесуваме во целост:
1. Мерната станица кај Усје, поставена од Општина Кисела Вода во 2023 г., да започне со континуирано 24/7 мерење и јавно прикажување на податоците во реално време. Истата да биде интегрирана со сите јавни апликации за квалитет на воздухот (пр. AirCare), наместо досегашното парцијално објавување резултати преку ПДФ документи на веб-страницата на општината. Дополнително, да се постават повеќе мерни станици во поширокиот простор околу Усје, со цел јавноста транспарентно и во реално време да го следи нивото на загадување.
2.Усје да инсталира автоматски CEMS (Continuous Emissions Monitoring System), директно поврзан со МЖСПП, кој ќе обезбедува континуирано следење и автоматски аларм ако мерната станица поставена во oџаците на УСЈЕ покаже загадување над дозволеното. При секое прекршување, веднаш да се изрекува казна по принципот „Safe city“, како и времена забрана за работа. Податоците од CEMS мерењата да бидат јавно и транспарентно достапни 24/7 за сите граѓани.
3.Да се ревидираат постојните мерки за прогласување вонредна еко-состојба, така што при температурна инверзија и надминување на граничните вредности на загадување, автоматски да стапува на сила мерка за целосен стоп на работата на Усје, вклучително и рудниците. Истата мерка да важи за сите иматели на интегрирана А-дозвола.
4.Важечките гранични вредности за ПМ10, ПМ2.5, NO₂ и други загадувачи да се усогласат со препораките на СЗО (Светска здравствена организација), односно да се намалат и заострат во однос на сегашните стандарди.
5.Целосно елиминирање на употребата на високо-загадувачки горива во производниот процес на Усје и премин кон почисти енергенси, како природен гас или водород.
6.Акредитација на државната лабораторија за мерење на аерозагадувањето.
7.Запирање на активностите на рудникот за лапорец.
8.Најстрого и целосно почитување на сите мерки предвидени во интегрираната А-дозвола за спречување на фугитивната прашина.
9.Поништување на одредбата за „деловна тајна“ од Законот за контрола на индустриски емисии, со цел целосна транспарентност кон јавноста
Македонија
Таткото на загинатата Надица во „Пулс“: До последен здив ќе се борам за правда за моето дете
Александар Наунов, татко на Надица која го загуби животот во трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска се обрати пред јавноста, испраќајќи емотивна порака за загубата на својата ќерка и барањето одговорност за, како што рече, системските пропусти што довеле до трагедијата.
Наунов истакна дека маршот е посветен на „ангелите“ кои ги загубија животите, а неговото обраќање дојде еден ден пред 28 декември, датумот кога неговата ќерка Надица требаше да го прослави својот 18-ти роденден.

Тој се присети на последните моменти поминати со своето дете, кога семејството заедно ручало и зборувало за подготовките за роденденската прослава – музиката, гостите, фустанот и соништата што Надица ги имала за иднината.
„Тоа не беа само планови, тоа беше живот што го очекувавме. Но на 16 март сè згасна“, рече Наунов, додавајќи дека со загубата на ќерката, нивниот дом бил исполнет со тишина која, како што рече, боли повеќе од секој крик.
Во своето обраќање, таткото на Надица директно ја посочи корупцијата, немарот и институционалните пропусти како причини за трагедијата, нагласувајќи дека неговата ќерка „не заминала по Божја волја“, туку, како што рече, била „земена од систем што требало да штити, а не да убива“.
Наунов истакна дека од денот на трагедијата неговиот живот е борба за правда и дека нема да престане да зборува и да се бори додека одговорните не сносат последици.
„Сакам правдата да биде гласна, колку што беше тивка нивната совест“, порача тој, додавајќи дека единствената негова молба е да има сила да го дочека денот кога ќе може да каже дека правдата е задоволена – не само за неговото дете, туку и за сите деца кои ги загубија животите.
Маршот за правда продолжува како симбол на барањето одговорност и вистина за трагедијата во Кочани, а семејствата на загинатите најавуваат дека нема да се откажат од својата борба сè додека, како што велат, љубовта кон нивните деца не се претвори во праведна разрешница.

