Македонија
(Интервју) Илија Димовски: Суетно и арогантно е премиерот да не сака да се консултира со опозицијата
Недавањето отпор кон оваа власт е деструкција, а не обид да се сруши власта, вели во интервју за „Макфакс“ поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
За актуелните блокади во Собранието и најавените понатамошни чекори на ВМРО-ДПМНЕ, Димовски вели дека методот што го избрала опозицијата е сосема коректен иако, како што најави, на моменти ќе изгледа можеби и агресивен.
Додаде дека нема најава за лидерска средба меѓу Ковачевски и Мицкоски: „Нема најава за таков контакт“.
Оценувајќи го односот на сегашниот премиер Димитар Ковачевски кон опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димовски вели:
„Слушнавме дека овој премиер е покрут во односот со опозицијата од кој било досега. Не може да има премиер во државата кој не е спремен да разговара со сите фактори во општеството. Функцијата премиер треба да подразбира капа за сите, а не само за своите“.
Не е нормално, додава Димовски, премиер да не сака да се консултира со опозицијата за национални прашања, како што е спорот со Бугарија.
„Не може една партија да решава сама по свој ум крупни национални прашања. Не е нормално премиерот да не сака да се консултира со опозицијата. Која е таа суетност и ароганција, барем да сослуша“, вели Димовски.
„Не верувам дека најспремни за прашањето со Бугарија се Бојан Маричиќ и Бујар Османи и тоа не го прифаќам“, потенцира Димовски во интервјуто за „Макфакс“.
Оценува дека во државата недостига сериозна реформа во изборното законодавство, и според него, Владата манупулира за изборниот модел.
„Најавите на Тупанчевски за нов изборен модел се игра. Тоа е реакција од заканите на Павле Трајанов и другите политички партии во владејачкото мнозинство. Ова не е искрена иницијатива“, изјави Димовски потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е спремна без никаков пазар да гласа за една изборна единица.
За неговиот однос кон Мицкоски, за состојбите по превирањата во најголемата опозициска партија, во интервјуто за „Макфакс“, Илија Димовски-поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

