Македонија
Можно е да продолжи протестот на наставниците, ако не се договори процентот на зголемување на платите

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, по средбата со министерот за образование Јетон Шаќири рече дека нема прашање кое не може да се реши. Се преговарало за процентот за кој треба да се зголемат платите на наставниците и професорите. Не се кажа за колку отсто би се покачиле платите, а на прашање дали со 15 отсто зголемена плата, членството на СОНК би било задоволно, Неделков одговори: „Не можам да шпекулирам дали се задоволни или не“.
„За зголемување на платите имаше предлози како да се зголемат платите, во кој процент. Треба проверка во Министерство за финансии поради буџетот. И се разговараше методологија за зголемување на платите. Идната недела мора да завршиме. Дали штрајкот ќе биде активиран ќе зависи од резултатите на преговорите и препораките на посредувачот, помирувачот“, кажа Неделков.
Според него, треба многу поголемо зголемување, па додаде: „Во овој момент колку можеме толку правиме. Ако може некој друг синдикат, нека направи повеќе“.
„Имавме средба, исходот е тоа што преговаравме за сите прашања. Усогласивме ставови за колективните договори, за тоа што ќе има, но не се прецизирани само до крај. Треба да бидат потпишани во текот на септември. Има технички проблеми за да започне годината па да се реализира“, кажа Неделков за колективните договори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Конески: СДММ тоне во безидејност, наместо предлози и поддршка на младите, тие се занимаваат со некрофилство како нивните ментори

СДММ по стапките на нивните ментори, тонејќи во безидејност и немање политики за младите, се занимаваат со некрофилство. Немањето на идеи, предлози, аргументирани критики, туку само ад хок напади врз власта, ги доведува на она место коешто се денес, а тоа е во длабока опозиција, вели Тодор Конески, член на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„Иако, според Законот, членот 31 предвидува забрана за употреба во затворени простории. Да е уште потрагично, пратениците или оние коишто им ги пишуваат пресовите, не ги читаат Законите до крај. Бакљите спаѓаат во групата на пиротехнички средства од третата категорија коишто се во слободна продажба и без обврска на продавачот да го извести надлежниот орган, односно Отсекот за оружје. Се продаваат на физички лица, коишто не треба да имаат дозвола за ракување и доаѓаат со упатство за употреба. Притоа, мора да потенцираме дека ги испочитувавме сите параметри и предвидени законски норми за одржувањето на настанот. Пред одржувањето на настанот, ги известивме МВР, противпожарната бригада и Итната медицинска помош, сите кои беа просутни за време на одржувањето на настанот“, вели Конески.
СДММ, додава тој, наместо некрофилство и безидејност, треба да одговори, зошто вака не беа гласни за Модуларната болница, за Онкологија, за Дурмо турс, за Беса транс?
„Зошто не беа гласни кога нивните претседатели на партијата ветуваа многу проекти за млади, но ништо не остварија. Зошто не беа гласни кога се ветуваа студентски домови, нови факултети, нови вработувања за младите, нови стипендии, туку се тоа беше укинато. Зошто не прашаа каде се гугл, фејсбук и ветената стаза за Формула 1? Зошто не го прашаа Заев од каде му се парите за инвестиции за висококатници во Дубаи и акциите во индиска авиокомпанија? Зошто не го прашаа Филипче од каде му е златната виза за Дубаи“, праша тој.
Сега, нагласи тој, има конкретни мерки за младите, наведувајќи ги реконструкцијата на студентски домови, нови факултети и реконструкција на постоечките, нови училишта и реконструкција на голем дел на постоечките училишта и капацитети за учениците, поддршка на младите земјоделци, поддршка на старт ап бизнисите, поддршка за младите при купувањето на свој нов дом исто така нов оперативен план за вработување на младите.
Сите се проекти, според него, кои СДС не успеа да ги оствари за време на нивното владеење.
Порача, СДС и СДММ да не се срамат во јавноста, пред да кажат нешто два пати да размислат.
Македонија
Сиљановска-Давкова: ООН постои да гради мир не само меѓу нациите, туку и со природата

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3) за поддршка на спроведувањето на целта 14 за одржлив развој ,,Зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој”, што се одржува во Ница, Франција.
Во своето обраќање, таа го нагласи виталното значење на океанот како срце на глобалниот климатски систем којшто апсорбира четвртина од емисиите на CO2 и обезбедува половина од кислородот потребен на Земјата. Сиљановска-Давкова укажа дека со нашите неодржливи модели на производство и потрошувачка го нарушуваме океанскиот систем.
Таа посочи дека за да се справиме со кризата, потребен е ефикасен мултилатерализам со силни Обединети нации коишто постојат за да градат мир не само меѓу нациите, туку и со природата.
Според претседателката, ниту една земја, ниту еден континент не може самостојно да воспостави и одржи мир со природата. Таа рече дека симболична коинциденција е што склучувањето на ,,Договорот за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност” се случува во татковината на Мишел Сера, авторот на ,,Природниот договор” во којшто луѓето ги третираат Земјата и природата како ним рамноправни партнери.
Истакнувајќи ја македонската заложба за дијалог и силно меѓународно управување со океаните, таа потенцираше дека ја поздравуваме Декларацијата „Нашиот океан, нашата иднина: обединети за итна акција“ и изразуваме поддршка за имплементацијата на Целта за одржлив развој 14 и Акциониот план од Ница.
Како земја, дел од Медитеранот, еден од климатски најранливите региони во светот, даваме приоритет на интегрираното управување со водите. Таа оцени дека овој процес ќе биде многу поефикасен ако се деблокира нашето пристапување кон ЕУ.
Македонија
Обвинителството не докажа дека таткото на Вања го сторил делото, освен нечија перцепција дека бил чуден, нема доказ дека е вмешан, вели адвокатот Туфегџиќ

По денешното судење за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски, Владимир Туфегџиќ, адвокатот на таткото на убиената Вања, рече дека е изненаден од завршните зборови на Обвинителството. Кажа дека очекувал силна енергија и силни аргументи од обвинителите.
„Напротив, добивме само една сувопарна компилација на прочитани докази, неповрзани едни со други. По однос на таткото можам да кажам дека Јавното обвинителство не докажа дека го сторил кривичното дело кое му се става на товар. Слушнавте и сами дека единствениот темел на обвинението на Обвинителството за таткото е тоа што во даден момент, според нечија перцепција, тој се однесувал чудно, односно бил чуден. Не слушнавме и не е понуден ниту еден доказ за какава било негова инволвираност. Од тие причини сметам дека се остварија моите предвидувања дека Обвинителството нема да го повлече обвинението и верувам во една правила одлука на судот по однос на таткото“, рече адвокатот Туфегџиќ.
И денес Туфегџиќ кажа дека основа на одбраната на таткото е фактот дека не постои ниту една комуникација, ниту што било што би го компромитирало и го повтори неговиот став дека убиствата не се од користољубие туку за да се внесе немир кај населението.
„Не постои ниту една комуникација ниту што било што би го компромитирало таткото или би го довело во врска со овие луѓе за кои во текот на постапката се изведени доволно докази од кои секој обичен набљудувач може да изведе еден логичен заклучок дека во овој случај темелот, основот на обвинението- користољубие е одамна паднат и овде се работи за нешто сосема друго, според мене лично, дело извршено за да се внесе страв и немир кај населението. Особено во основните училишта. А кои биле мотивите, тоа не е до крај расчистено поради една површна истрага и многу пропусти во истражната постапка“, вели адвокатот Туфегџиќ.
Како многупати досега, Туфегџиќ и денес по судењето кажа дека е непотребно во 21 век да се примени тортура оти постојат истражни методи и методологија која овозможува да се дојде до вистината. Очекува во наредниот период да се утврди зошто истражните органи употребиле тортура.
Во завршните зборови денес Обвинителството заклучи дека Вања и Панче се убиени на свиреп и монструозен начин, а татко на Вања дал информација дека таа сама ќе оди на училиште.
За киднапирањата и убиствата на Вања и на Панче се обвинети Љупчо Палевски – Палчо, Влатко Кешишев, Боре Видевски, Велибор Манев, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски се товари за помагање во киднапирање.