Спорт
Тен Хаг го откажа одморот, веднаш доаѓа во Јунајтед

Ерик тен Хаг реши максимално сериозно да се посвети на новиот предизвик, работата во Манчестер Јунајтед. Холанѓанецот го откажал годишниот одмор и на шест недели пред истекот на договорот со Ајакс, го раскина договор со шампионот на Холандија.
Тен Хаг, требаше со Ајакс да отпатува во Курасао на Карибите, каде е закажан пријателски натпревар и прослава на новата титула, но тој по натпреварот со Витесе ги спакува. Попладнево треба да се појави на новото работно место .
„Се договоривме да започнам со работа во Манчестер Јунајтед на 16 мај. Има уште неколку работи кои треба да се направат во подготовките за новата сезона. Меѓу другото, треба да ги изберам членовите на стручниот штаб. Ќе оставам свој белег, но морам да го направам тоа многу добро, внимателно“, вели Хаг.
Тој во недела ќе биде на „Селхурст Парк“, каде ќе го види на дело актуелниот тим во последниот натпревар од оваа сезона.
„Време е да го сменам правецот. Неопходно е, има многу работи за кои треба да се грижам и имам енергија за такво нешто. Не одам во Курасао со Ајакс, тоа е разбирливо“, додаде Холанѓанецот, кој потпиша договор со Јунајтед до 2025 година.
Се верува дека негови први соработници ќе бидат Мичел ван дер Гаг, кого со себе го носи од Ајакс, како и поранешниот селектор на Англија и помошник на Алекс Фергусон, Стив Мекларен.
Тен Хаг се надева дека клубот добар дел од работата ќе заврши во преодниот рок во јули, кога тимот ќе ги започне турнеите во Источна Азија и Австралија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Крсте Велкоски се врати во Сараево

Фудбалскиот клуб Сараево денес потврди дека Крсте Велкоски се вратил во клубот како технички директор.
Македонецот го носеше дресот на Сараево во два наврати, а го напушти Кошево во летото 2022 година кога се врати во Македонија.
Прво играше за Работнички, а потоа и за Македонија.
„Во својата нова улога како технички директор, Крсте ќе биде клучната врска помеѓу спортскиот директор, стручниот штаб на првиот тим и Академијата на ФК Сараево. Неговата задача ќе биде стратешки да ги поврзе сите сегменти од спортскиот развој на клубот, од младинските селекции до сениорскиот тим, со цел да се изгради јасна, препознатлива и долгорочно одржлива спортска филозофија“, објавија од Сараево и додадоа.
„Исто така, Велкоски ќе биде задолжен за соработка со играчите кои доаѓаат во ФК Сараево, со цел да им помогне да се адаптираат и да го разберат клубот и заедницата во која доаѓаат. Како човек кој изградил длабоки врски со ФК Сараево и неговите навивачи, Велкоски е пример за сите идни играчи.“
Велкоски првпат пристигна во Сараево на почетокот на 2014 година од Работнички. Две години подоцна замина во Јужна Кореја во Инчеон Јунајтед.
Се врати во „Кошево“ во летото 2017 година и остана следните пет години.
Во дресот на Сараево, овој 37-годишник одигра вкупно 236 натпревари во кои постигна 64 гола и додаде 43 асистенции. Со Сараево, тој три пати беше шампион на Босна и Херцеговина, а освои и три трофеи во Купот на Босна и Херцеговина.
Фото/ facebook.com/FudbalskiklubSarajevo
Спорт
Хорхе Мартин се врати на патеката

Актуелниот шампион во кралската класа, Хорхе Мартин, се врати на патеката по 81-дневна пауза. Шпанецот тестираше на патеката „Каталуња“ на супербајк мотоцикл.
Возачот на Априлија возеше само на една трка оваа сезона во Катар, каде што се здоби со фрактура на 11 ребра, што доведе до пневмоторакс, а претходно пропушти три трки поради фрактури на двете раце и едната нога.
Тестирањето во Монтмел е само првиот чекор за Мартин кон вистинско враќање на патеката, бидејќи неговите повреди сè уште не се целосно заздравени.
Медицинските прегледи дефинитивно ја исклучија можноста да вози следната недела на Големата награда на Германија, додека трката во Брно една недела подоцна во моментов е опција.
Следните прегледи што ќе ги има бранителот на титулата се закажани за следната недела.
Шампионатот во Мото ГП продолжува со Големата награда на Германија, на „Заксенринг“, од 11 до 13 јули.
Foto/ EPA-EFE/FAZRY ISMAIL
Спорт
Валанчунас ја прифати понудата од Панатинаикос

Литванскиот центар Јонас Валанчунас (33) во текот на денот ќе пристигне во Атина за да го финализира својот трансфер во Панатинаикос.
Кошаркарската јавност е во шок по одлуката на Валанчунас предвреме да ја напушти НБА лигата и да потпише договор со „зелените“ од Атина.
Како што објави „Баскетњуз“, Валанчунас доаѓа во Атина за да ги заврши лекарските прегледи и да финализира сè што е поврзано со неговиот трансфер во ПАО.
Тој се договори со Димитрис Јанакопулос да игра за Панатинаикос во следните три сезони и во тој период да инкасира 12 милиони евра.
Валанчунас е под договор со Денвер кој е „тежок“ 10,4 милиони долари и според сè, тие ќе го раскинат на нивна штета. Сепак со овој потег Денвер ќе отвори простор во „селери капот“.
Како и да е, ова е најголемата „бомба“ во Евролигата во летниот преоден рок во 2025 година.
Foto/ EPA-EFE/FRANCIS R. MALASIG