Спорт
Приведени четири лица по хаосот на натпреварот во Гостивар

Полицијата приведе четири лица по хаосот во спорската сала „Младост“, за време на одигрување кошаркарски натпревар помеѓу екипите на КК „Гостивар“ и КК „Пелистер“ од Битола.
Од МВР информираа дека бил нарушен јавниот ред и мир со фрлање предмети од публиката и од играчи, како и со физичка пресметка помеѓу членови на двете екипи.
„За време на натпреварот од публиката на источната трибина биле фрлени повеќе предмети на теренот и бил погоден тренерот на екипата на ‘Пелистер’, М. И. (47) од Скопје, кој потоа ја скршил клупата за резервни играчи. Истовремено, настанала физичка пресметка помеѓу играчот на ‘Пелистер’, Б. С. (29) од Скопје, и физиотерапевтот на КК ‘Гостивар’, В. Ѓ. (29) од Гостивар. По тоа, играчите од гостинската екипа Б. С. (29) и Д. Н. (28) фрлале предмети кон публиката, при што, според пријавеното, Б. С. го погодил гледачот Б. П. од Гостивар. Во врска со настанот, полициски службеници од ОВР Гостивар ги лишиле од слобода В. Ѓ. (29) од Гостивар, Б. С. (29) од Скопје, М. И. (47) од Скопје и Д. Н. (28) од Битола и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе следуваат и соодветни поднесоци“, информираа од МВР.
Претходно, комесарот за натпреварување, Александар Милоевиќ, ги одреди казните за инцидент што се случи во последната четвртина од дуелот меѓу „Гостивар“ и „Пелистер“. Натпреварот заврши со победа на „Пелистер“ – 89:84.
Гостивар наредните два натпревара на домашен терен ќе ги одигра пред празни трибини. Два натпревара ќе пропушти играчот на „Пелистер“, Бобан Стаиќ. Еден натпревар суспензија добија тренерите на „Гостивар“ и на „Пелистер“, Димитриески и Илиевски.
Комесарот Милоевиќ одреди и парични казни за двата клуба. „Гостивар“ во касата на МКФ ќе уплати 165.000, а „Пелистер“ – 153.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
(Видео) Најлошиот натпревар во кариерата на Никола Јокиќ – ова никогаш не му се случило на трикратниот МВП на НБА

Денвер Нагетс на Никола Јокиќ ги победија Оклахома Сити Тандер со 113:104 и поведоа со 2-1 во полуфиналето на Западната конференција, но центарот на тимот од Колорадо нема да го памети добро овој натпревар.
Јокиќ го заврши натпреварот без ниту една тројка, иако упати десет удари кон противничкиот кош.
Не е прв пат центарот на тимот од Колорадо да го заврши натпреварот без ниту една тројка, но му се случи за прв пат да не помине топка низ обрачот по десет обиди.
Досега, Јокиќ имаше најмногу промашени шутеви, осум, на 10 март 2022 година, против Голден Стејт Вориорс.
Спорт
Драма во Шпанија: Тренерот на Жирона итно префрлен во болница

Фудбалскиот тренер на Жирона, Мичел Санчез, напиша на социјалната мрежа X дека е хоспитализиран, но не ги наведе причините поради кои е примен во болница.
„Морав да бидам хоспитализиран и ќе бидам под лекарски надзор неколку дена“, напиша Санчез, додавајќи дека се чувствува добро и со нетрпение очекува да се врати на клупата.
Поради здравствената состојба, Санчез нема да го предводи тимот на натпреварот против Виљареал во сабота. Жирона моментално е на 15-то место на табелата, шест бода над зоната за испаѓање, а до крајот на првенството остануваат уште четири кола.
Ниту клубот, ниту тренерот не објавија повеќе детали за неговата здравствена состојба.
„Се чувствувам добро, под надзор сум на лекар и ги бројам деновите до враќањето на работа за да можеме да ја продолжиме борбата до крајот на сезоната. Ќе бидам отсутен од теренот, но во постојан контакт со стручниот штаб“, рече Санчес.
Минатата сезона, Санчез го предводеше каталонскиот клуб до историско трето место во шпанското првенство. Сепак, тимот се соочи со проблеми оваа сезона откако клучни играчи го напуштија клубот за време на летниот преоден рок, па Жирона е само 15-та на табелата со 38 бода, и сè уште не ја надминала борбата за опстанок.
Спорт
Средба која се чека со години: Ана Ивановиќ и Ѓоковиќ повторно заедно?

Ана Ивановиќ и Новак Ѓоковиќ би можеле повторно да се сретнат за прв пат по долго време.
На турнирот во Женева, најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, ќе ги направи последните подготовки за Ролан Гарос, а се очекува да пристигне и некогашната српска тенисерка Ана Ивановиќ во својство на почесна гостинка и поранешна шампионка, пренесуваат српските медиуми.
Нивната средба би можела да се случи во многу деликатен момент за двајцата.
Имено, се повеќе се шпекулира дека Ана поминува низ брачна криза со Бастијан Швајнштајгер и дека развод е на повидок.
Од друга страна, Новак поминува низ чуден период. Од почетокот на годината, тој е далеку од препознатливо ниво, се откажа од мастерсот во Рим без конкретна причина, а се повеќе се шпекулира за крајот на неговата кариера.
Турнирот во Женева е закажан од 17 до 24 мај.