Европа
Земјотресот во Италија однесе досега 247 животи

Во земјотресот со магнитуда од 6,2 според Рихтер кој во средата утрото ја погоди централна Италија загинале најмалку 247 луѓе, објави во четвртокот утрото италијанската служба за цивилна заштита.
Во четвртокот утрото на погоденото подрачје е регистриран нов потрес со магнитуда од 4,7 по Рихтер, соопшти италијанската сеизмолошка служба.
„Спасувачите работеа и ноќта, и продолжуваат да работат и натаму. Бројот на жртвите во општината Риети изнесува 190 луѓе, а во провинцијата на градот Асколи – Пичено загинале 57 луѓе“, се вели во соопштението.
Силниот земјотрес урнал куќи и патишта во неколку планински населби на околу 140 километри источно од Рим, а го затресе и главниот град, како и други поголеми градови како Фиренца и Перуџа, како и делови од регионите Умбрија, Лацио и Марке. Потресот бил почувствуван и во Болоња, во северна Италија, и во Неапол, на југот, оддалечени повеќе од 220 километри од епицентарот.
Стотици луѓе се спасени од двете најтешко погодени гратчиња Аматриче и Акумолу, а спасувачките служби ја продолжуваат потрагата по преживеаните и по повеќе од 24 часа од потресот. Градоначалникот на Аматриче, Серџо Приоцци, изјави за агенцијата ANSA дела сепак уште многу луѓе се наоѓаат под урнатините. Повеќе стотици луѓе, околу 400, се повредени во потресот.
Во хотелот „Roma“, кој се урнал во Аматриче имало околу 70 гости, а досега се извлечени само седум тела, рекол Пироцци.
Спасувачките екипи во селото Пескара дел Тронто успеале да извлечат 10-годишно девојче кое под урнатините минало речиси 17 часа. Во блиското место Акумоли во уривањето на куќа загинало цело четиричлено семејство со два сина ва возраст од осум месеци и девет години.
Земјотресот се случи во средата во 3,36 часот и е најголем во Италија од 20-ти мај 2012 година кога земјотресот со магнитуда од 6,0 меѓу Модена и Ферара однесе 25 животи. Еден час по главниот удар, е регистриран уште еден силен потрес со магнитуда од 5,4 а потоа и 150 послаби последователни потреси, објави италијанскиот сеизмолошки институт INGV.
На 6-ти април 2009 година во потресот со магнитуда од 6,3 во Аквила загинаа повеќе од 300 луѓе, недалеку од новиот земјотрес. Најсмртоносниот земјотрес во Италија од почетокот на XX век се случил 1908 година, кога во Калабрија и на Сицилија загинале речиси 80.000 луѓе./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски: Размислете внимателно за вашите капацитети за воздушна одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика сојузниците на Киев да ги преиспитаат своите капацитети за воздушна одбрана откако беспилотните летала, за кои Варшава тврди дека се руски, влегоа во полскиот воздушен простор.
Зборувајќи во Киев заедно со финскиот претседател Александар Стаб, Зеленски рече дека Украина е отворена и подготвена да ги поддржи сојузничките напори. Украина одби многу руски воздушни напади користејќи украинско и странско оружје, од митралези до напредни ракети.
Зеленски рече дека земји како Полска треба да размислат за слични повеќеслојни пристапи бидејќи ракетните системи како што е американскиот систем „Патриот“ се премногу скапи за употреба против поевтини руски беспилотни летала.
„Никој во светот нема доволно ракети за да собори сите различни видови дронови“, рече тој. Полска, со поддршка на сојузниците од НАТО, вчера собори неколку дронови што влегоа во нејзиниот воздушен простор.
Полскиот претседател го опиша инцидентот како руска провокација насочена кон тестирање на одговорите на Полска и НАТО. Зеленски рече дека Украина, која развила софистициран домашен пристап за одбивање на руските напади, е во позиција да им помогне на своите сојузници во тоа.
Тој рече дека полскиот премиер Доналд Туск веќе се согласил да испрати воени претставници во Украина за таа цел. Полските воени претставници ќе бидат обучени да соборуваат дронови, изјави извор запознаен со ова прашање.
фото: принтскрин
Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.
Европа
Објавена фотографија од руски дрон во Полска

Порталот Defence24 објавува дека руски дрон е пронајден во градот Чешники, во близина на Замошќ и на 40-ина километри од границата со Украина.
Читател ја испратил фотографијата од леталото до редакцијата, а според неофицијални информации, станува збор за дрон од типот „Гербер“, кој Русија го користи за преоптоварување на украинската воздушна одбрана.
Во текот на ноќта Русија изврши масовен напад врз Украина, а повеќе од десет дрона влегоа во полскиот воздушен простор. Полската војска потврди дека оние што претставуваа директна закана биле соборени. Бројот и начинот на движење на леталото, според Defence24, укажуваат на намерна руска провокација.
фото: принтскрин