Македонија
Се преговара за набавка на посебни ПЦР-тестови за дијагностицирање мајмунски сипаници
Здравствениот систем се подготвува за евентуална појава на мајмунски сипаници и кај нас, извести денес Комисијата за заразни болести.
Доктор Злате Мехемдовиќ, портпарол на Комисијата, соопшти дека Институтот за јавно здравје преговара за набавка на посебни ПЦР-тестови за дијагностицирање.
„Комисијата покажа загриженост за мајмунските сипаници, има ширење надвор од оние ендемични басени, како што се Централана и Западна Африка. Целта на Комисијата е да го подготвиме системот колку е можно подобро за да одговориме на евентуална епидемија и во нашата земја. Затоа, денес, на Комисијата беа дискутирани клиничките патеки за следење, скрининг, дијагностика и третман на пациентите што ќе бидат евентуално заболени од мајмунски сипаници и што би требало понатаму да се преземе за тие патеки да бидат точно дефинирани и да можеме да имаме поподготвен здравствен систем“, рече Мехмедовиќ.
Патеките сè уште не се прецизно дефинирани, Мехмедовиќ најави дека ќе ги соопштат во моментот кога ќе бидат целосно утврдени. Мајминските сипаници се потврдуваат со посебен ПЦР за чија набавка Институтот за јавно здравје почнал преговори.
„Вирусот, иако во светот постои половина век, ретко се наоѓаше на овие простори и нема многу податоци за дијагностичките процедури, сите земји имаат проблем да обезбедат дијагноза и третман. Институтот за јавно здравје е во преговори за набавка на китови за дијагностицирање преку ПЦР-тестирање, но посебни ПЦР-тестови. Со СЗО се разговара и за набавка на терапиите што може да бидат земни предвид, тоа се вакцините и ‘тековиримат’, оној лек што е специфичен за мајмунските сипаници“, вели Мехмедовиќ.
Од денес на интернет-страницата на Институтот за јавно здравје е достапен информативен памфлет за начинот на кој се пренесува болеста и за тоа какви симптоми се појавуваат.
„Се работи за болест за која е претежно е карактеристична промена на кожата во форма на егзема. На почетокот може да бидат во форма на макули, мали избабнувања, потоа меурчиња, кои може да станат гнојници, на крајот стануваат лушпи. Придружно се јавуваат симптоми, како покачена температура над 38,5, болки во мускулите, болки во грбот и генерална малаксаност на телото. Симптомите не се разликуваат од другите вирусни инфекции или вируси, кои се поврзани со сипаниците“, објасни Мехмедовиќ.
На денешниот состанок Комисијата дала и препорака, место ПЦР-тест, за операции да се користат брзите тестови, кои им се достапни на сите здравствени установи, а истовремено ги задолжила комисиите за интерхоспитални инфекции да изготват протоколи во согласност со препораките на Комисијата за употреба на брзите тестови.
„Информациите што ги добив од Министерството за здравство се дека околу 1.000 антигенски тестови практично ѝ се достапни на секоја здравствена институција, која може да ги користи во кое било време. Резерви има. Граѓаните не треба да купуваат тестови, може да ги добијат во самата здравствена установа во која се упатуваат на дијагностика и на дополнителни процедури“, рече Мехмедовиќ.
Од пациентите што треба да бидат сместени во болница за дијагностика или операција сега се бара да приложат негативен ПЦР-тест направен еден ден пред сместувањето во болница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

