Македонија
НСДП ги утврди работните тела на петтиот конгрес, Кристијан Трајковски ја повлече кандидатурата за претседател

Извршниот одбор на НСДП на вчерашната седница го избра работното претседателство на петтиот конгрес на НСДП, кој ќе се одржи на 4 јуни во Скопје, а со кој ќе претседава Соња Мираковска во следниот состав: Мики Милковски, Јулијана Цековска, Стојанче Манев, Зоран Маневски, Марија Тодоровска, Драги Крстев, Тамара
Баара и Тони Ефремовски.
Исто така, беше утврден предлог-составот на работните тела на петтиот конгрес, и тоа Верификационата комисија, Кандидационата комисија и Изборната комисија. Покрај работните тела, се утврди и предлог-деловник за работа на петтиот конгрес и имаше дискусија за другите организациски подготовки.
Од партијата соопштија дека на крајот од седницата организацискиот секретар на НСДП, Кристијан Трајковски, како потенцијален кандидат за претседател ја повлекол својата кандидатура и му честита на Горан Мисовски, единствениот кандидат за претседател на НСДП утврден од страна на Централниот одбор на партијата.
Трајковски упати порака НСДП да остане единствена, обединета и да биде модерна партија, која ќе има значајна улога на македонската политичка сцена и партија со ново раководство, кое ќе продолжи да ги следи вредностите на основачот и прв лидер Тито Петковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.
Македонија
Задутре времен застој на ГП „Делчево“ заради градежни работи

Регионалниот центар за гранични работи „Исток“ ја информира јавноста дека задутре ГП и ГН „Делчево“, односно од бугарска страна ГКПП „Станке Лисичково“ целосно ќе бидат затворени за секаков сообраќај во периодот од 08:00 до 14:00 часот.
Причина за тоа, според официјалното известување добиено од бугарските гранични полициски служби, се градежните работи на патната делница кај ГКПП „Станке Лисичково“. По завршувањето на работите сообраќајот и функционирањето на граничните премини ќе продолжи непречено да се одвива.
Македонија
Апел за поддршка: Помогнете на ранливите граѓани да аплицираат за субвенција за струја

Инженери на Република Македонија упатија апел до јавноста за помош на ранливите категории граѓани во процесот на аплицирање за финансиска поддршка од Министерството за енергетика. Станува збор за јавен оглас за субвенција од 1.000 денари месечно на сметката за електрична енергија, кој важи 12 месеци.
Апелот е насочен кон инженери, техничари, информатичари и сите граѓани што се снаоѓаат со институционални постапки, да им помогнат на лица со интелектуална или телесна попреченост, целосна слепост или глувост, лица во социјален ризик и сиромаштија, кои се соочуваат со бариери при собирање на документи, пополнување формулари и поднесување на пријави.
Постапката за аплицирање вклучува преземање формулари од www.energy.gov.mk, фотокопирање документи, обезбедување на нотарска изјава и испраќање на пријавата по пошта во затворен плик. Рокот за пријавување е 30 дена од денот на објавата на јавниот оглас.
Според Државниот завод за статистика, над 38.000 домаќинства примаат гарантирана минимална помош, но само околу 4.000 домаќинства ја користат оваа субвенција. Останатите над 90 отсто не аплицираат, најчесто поради технички пречки, а не поради неисполнување на условите.