Македонија
Мицкоски: Власта да покаже зрелост да не го блокира заемот од Светската банка за поддршка на општините
Моментно комисиите и стручните тела на ВМРО-ДПМНЕ работат заедно со политичките партии, кои се дел од коалицијата и многу бргу од денеска ќе излеземе со амандмани за ребалансот на буџетот, кои ќе бидат доставени во парламентот. Некои од тие амандмани ќе бидат произлезени од народот и потребата на народот како подобра инфраструктура, паркови, спортски игралишта, канализација, водовод и подобри услови за живеење за граѓаните, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој потенцира дека очекува власта да покаже зрелост и да ги поддржи амандманите што ќе ги предложи ВМРО-ДПМНЕ и со нив да не се однесува неодговорно, како што во моментот го кочи заемот од Светската банка за поддршка на општините во Македонија.
„Очекувам од страна на Владата одговорност и зрелост да ги поддржи тие амандмани, нешто што не е во случајот актуелно со заемот од Светската банка од 63 милиони евра, кој го почнале уште во февруари 2021 мислејќи дека ќе победат градоначалниците на СДСМ на локалните избори. И така секоја општина добива одредена сума пари од Светската банка, потребни за подобрување на инфраструктурата. СДСМ доживеа дебакл на изборите и го кочи овој заем. Помина на комисија и сега Талат не ја става на пленарна седница“, изјави Мицкоски.
Посочи дека со тој заем Гази Баба треба да добие приближно милион евра и ако сега се вложени рекордни 50 милиони во асфалтирања улици, ќе има нови 60 милиони денари за нови улици, канализација, водовод.
„Но, тоа не доаѓа на дневен ред, наместо тоа, има лиценца за втора лотарија. Она што е потреба на граѓаните не доаѓа на дневен ред, приоритет имаат поединци. Ги повикуваме и Талат и другите да се надминат и да ја стават точката на дневен ред за луѓето да може да добијат нови улици, и тие во Гази Баба и во Струга, во Струмица и во другите општини. Нека се покажат, станува збор за 63 милиони евра, кои ќе го подобрат животот на граѓаните, потенцира Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

